Хрватска и Словенија се договорија околу границата
Хрватска ќе ги повлече документите што ја прејудицираат границата, Словенија ќе ги одблокира преговорите со ЕУ
ЉУБЉАНА - Хрватска вчера се согласи да ги повлече спорните документи што ја прејудицираат границата со Словенија, договорено е на состанокот меѓу словенечкиот и хрватскиот премиер, Борут Пахор и Јадранска Косор, јави словенечката државна телевизија, но тие информации ги негираше хрватското министерство за надворешни работи и европски интеграции, кое истакна дека нема повлекување на документацијата.
Косор, по средбата со Пахор, изјави дека веќе му испратила изјава на шведскиот посредник, за повлекување на спорните документи кои ја прејудицираат границата. „На шведскиот посредник му е испратена изјава дека ниту еден документ донесен по 25 јуни 1991 година нема правна основа“, објасни Косор, што значи дека тоа е датумот од кој ќе се поаѓа при одредувањето на границата меѓу Хрватска и Словенија. Со таа изјава е задоволен словенечкиот премиер, кој потврди дека со тоа се согласува за деблокада на преговорите меѓу Хрватска и ЕУ.
Пахор, по средбата со Косор, изјави дека веќе не постои словенечка блокада на Хрватска во претпристапните преговори. Договорено е како ќе се решаваат граничните прашања, со преговори меѓу Хрватска и Словенија, потврди Косор. „Победија двете држави“, рече Пахор, додавајќи дека Словенија отвора ново поглавје во односите со Хрватска. „Победи дијалогот и добивме вин-вин ситуација“, изјави Пахор.
До шведското претседателство со ЕУ, од Љубљана му е испратено и барање до крајот на месецот да се одржи одложуваната пристапна конференција со Хрватска. Пахор беше задоволен со состанокот, бидејќи, како што рече, „дијалогот беше напорен, но успешен“. И Косор не го криеше задоволството, изјавувајќи по состанокот дека е „мошне задоволна од договорот“. „Денес отвораме ново поглавје во пријателските односи. Сите сме победници! Во име на хрватската влада изразувам големо задоволство“, додаде Косор.
„Спорот со Словенија треба да се реши врз основа на меѓународното право, со кое ќе се утврди фактичката состојба“, изјави претседателот на Хрватска, Стипе Месиќ, коментирајќи го вчерашниот состанок на Косор и на Пахор.
Од кабинетот на хрватската влада е потврдено дека пред состанокот на премиерката со словенечкиот колега таа разговарала со челниците на хрватските парламентарни партии од кои била побарана поддршка. На состанокот единствено не присуствувале претставници на СДП. Челниците на опозиционите партии се воздржаа од коментар, а Косор, наводно, вчера требала да ги информира за деталите од договорот со Пахор. Социјалдемократската партија во своето барање за итен состанок на одборот за надворешна политика, наведе дека „владата се однесува незаконски и самоволно наспроти парламентот, кој, според законот, е должен да ги подготви рамките за билатерални и за мултилатерални спорови“. Тие додадоа дека ниту парламентот, ниту одборот за надворешна политика не биле вклучени во изедначувањето на ставовите за преговори со Хрватска, како што е пропишано со закон“.
„Задоволен сум со текот на преговорите. Секако, по постигнатите договори ќе бидат потребни договори со парламентарните партии и расправа во парламентот“, изјави Пахор пред состанокот и најави дека идната седмица ќе има разговори со парламентарните партии за состојбата во преговорите со Хрватска и напредокот во нив. Претставници на словенечкото МНР соопштија дека не сакаат судири со опозиционите партии и дека министерот ќе присуствува на седницата на одборот за надворешна политика и европски прашања, на која, сепак, преговорите со Хрватска не се меѓу првите точки од дневниот ред.
Косор неодамна изјави дека дипломатите на двете земји веќе решиле 95 отсто од прашањата поврзани со оние што беа отворени на состанокот на двајцата претседатели на владите, на 31 јули, во Тракошчан. По состанокот, Пахор и Косор изјавија дека е договорен рамковен план, според кој би се пронашло решение за граничното прашање и тоа до крајот на 2009 година. Во интервју за австриското радио ОРФ таа рече дека проблемот со Словенија ќе се реши до крајот на годината.
За тајните преговори меѓу Хрватска и Словенија не само што јавноста во Хрватска не знае ништо, туку за детаљните разговори и за идното решение на граничното прашање не знаат ништо ниту правните експерти, кои досега не можеа да се заобиколат во преговорите.
Неодамна е потврдено дека во преговорите веќе не учествува ниту академик Даворин Рудолф, кој со години беше прв човек на хрватскиот дел од меѓудржавната комисија за границата. Имено, Рудолф јавно ја опомена Косор во медиумите, да даде отчет за разговорите со премиерот Борут Пахор, а станува збор за советник на хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Јандроковиќ. Покрај Рудолф, од преговорите се отстранети и правните експерти меѓу кои Будислав Вукас, поранешен потпретседател на Меѓународниот суд за правото на морињата во Хамбург.
Вукас изјави дека во граничните спорови, како што е хрватско-словенечкиот, најмногу му верува на Меѓународниот суд, главно судско тело на ОН. Според неговите зборови, „Словенија има крајбрежје и територијално море, па затоа, според општото меѓународно право, има право сите нејзини бродови и бродови што пловат кон словенечките пристаништа да минуваат низ сите води под разни режими: хрватски води, територијално море, надворешен појас итн. „Исто така, Вукас нагласи дека Словенија нема право да добие директен контакт со меѓународните води според правилото 12 милји од копно. Темелно правило е територијалното море на двете држави да се разграничи со линија на средина, со минимални корекции доколку тоа го налагаат историски или други специјални причини“. |