Четворката од Чаир замина дома
Мајката и бебињата се во одлична здравствена состојба. Децата беа во инкубатор еден и пол месец
Мајката Сибела Бабачиќ и четирите бебиња, кои беа донесени на свет на 6 август годинава, вчера беа пуштени од Специјалната болница за гинекологија Чаир во Скопје. Мајката и бебињата се во одлична здравствена состојба, но поради предвременото породување (во 33. недела од бременоста), бебињата беа во инкубатор во изминатиот еден и пол месец.
Мајката Сибела Бабачиќ рече дека се чувствува пресреќно. Таа му се заблагодари на персоналот во Специјалната болница за гинекологија "Чаир". "Ако не беа тие, немаше да заврши ова вака како што заврши", рече Бабачиќ, која е вработена во болницата.
Директорот на Специјалната болница за гинекологија "Чаир", Манду Јегени, изјави дека една на 600 или 700 бремености е четворка кога станува збор за спонтани забременувања.
"Вложивме напор во траење од еден и пол месец. Јавна благодарност до колегите од Интензивниот оддел во Детската клиника, во Градската болница и Клиниката за нефрологија. Ни беше потребна нивната поддршка и консултација, бидејќи ова спаѓа во групата на високоризични бремености. По породувањето, се соочивме со сите можни компликации и среќни сме што убаво ги решивме на најдобар можен начин и ги испраќаме дома", истакна Јегени.
На чинот на отпуштањето на четирите сестрички Сана, Деа, Ада и Зама и на нивната 25-годишна мајка присуствуваше и министерот за здравство, Бујар Османи, кој посочи дека ова е прва четворка во 40-годишната историја на родилштето во Чаир. "Бебињата беа родени во 33. недела од бременоста со тежина од 1,4 до 1,6 килограми. По престојот во инкубатор, денеска со задоволство присуствувам на нивното отпуштање дома здрави и живи и со двојно поголема тежина", рече Османи. Тој нагласи дека грижата за четворка е поразлична и многу потешка и поради тоа дошол за да и' ја даде поддршката на мајката и да покаже дека институциите на Министерството за здравство и на другите надлежни институции ќе ја поддржат мајката. Тој посочи дека веќе контактирале и со Патронажната служба, при што дале насоки Сибела да добие четири пати поголема помош отколку што добиваат мајките со едно дете.
„Вакви четворки ретко се случуваат. Обично се со вештачко оплодување, меѓутоа по природен пат тоа е исклучително ретко“, додаде министерот Османи. (Д.Р.)
|