Балканот без современа инфраструктура
Државите заинтересирани за Коридорот 8 треба да конкурираат со заеднички проекти
Симон Илиевски
ОХРИД - Државите заинтересирани за изградба на Коридорот 8, очигледно, сами не можат да издвојат доволно средства. Затоа е потребно да се подготвуваат заеднички проекти со кои ќе се конкурира пред европските фондови. Ова, меѓу другото, можеше да се слушне на Деветтиот конгрес на шпедитерите од Југоисточна Европа што се одржа вчера во Охрид, со присуство на 200 претставници од 17 земји од Југоисточна Европа, под мотото „Коридор 8 - реалност или утопија“.
За Македонија беше речено дека засега многу малку се инвестира во олку значајни инфраструктурни проекти. „Ако сами не инвестираме во инфраструктурата, тогаш како ќе бараме пари од меѓународната заедница за стратегиските инфраструктурни проекти“, потенцира Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
За него бизнис-соработката и притисокот врз Владите се единствена алтернатива за да се тргне од мртвата точка и, конечно, да се ревитализира балканскиот застарен инфраструктурен јазол.
„Мора секој да почне од себе. Владите да инвестираат во коридорите, особено во Коридорот 8, кој сега е најважен инфраструктурен објект на Балканот. Македонија ќе има многу бенефити од коридорот“, нагласи Азески.
Најголема штета од лошата инфраструктура трпат шпедитерите, но и вкупната економија во регионот. „Моментно регионот е зафатен од глобалната економска криза и веќе стапнавме на дното. Се надеваме дека во иднина нема да има големи падови и, конечно, ќе почнеме со економски раст“, смета Стевица Чарапиќ, претседател на Македонската шпедитерска асоцијација.
За значењето на Коридорот 8 зборуваа и заменик-министерот за транспорт и врски, Љупчо Димоски, и директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов. Тие посочија дека се работи за комплексен систем со неколку потсистеми кои регионално треба да се поврзуваат и да се надополнуваат. За Коридорот 8 најмалку е направено во Македонија, можеше да се слушне од учесниците, па затоа и притисокот врз властите треба да биде поголем.
Од с��бирот беше испратена порака до владите на земјите од регионот дека бизнисот мора да ја притисне политиката, зашто единствената алтернатива за подобар живот на граѓаните е развојот на економијата. Како што беше нагласено, економијата и сообраќајот не познаваат граници. Токму затоа ваквото правило треба да го почитуваат сите, а не само дел од земјите кои се директно поврзани со изградбата на Коридорот 8.
|