Средно училиште во Теарце
ТЕТОВО – „Прифатив и идеја за отворање средно училиште во Теарце. Имам информации дека има зграда што треба да се реновира. Владата ќе го разгледа ова прашање и ќе помогне да се реализира идејата за отворање средно училиште“. Ова го најави премиерот Никола Груевски за време на вчерашниот престој во селото и општината Теарце и разговорите со новиот градоначалник Исен Асани.
Груевски пренесе позитивна оцена за безбедносната состојба во оваа мултинационална општина со околу 22.000 жители. Притоа истакна дека во Теарце бил покажан посебен интерес за отворање индустриска зона.
„Се договоривме да се проучат сите детали и дури потоа да се стартува. Теарце е заинтересирано и за решавање прашања од комуналната сфера, како што се водовод, канализација, регионални и локални патишта. Владата отвара две линии за разрешување на овие проблеми за кои и општината Теарце има објективни можности да биде корисник“, рече премиерот.
Според него, во руралната општина има големи услови за развој на земјоделството. Министерството за земјоделство ќе ја разгледа и можноста за отворање подрачна единица со постојано вработен. (Г.Е.) |