Eдинствен ценовник на државните факултети
Сите студенти да плаќаат по исти цени на државните факултети, е предлогот кој вчера го најави ректорот на Скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски. „Проблемот го инициравме како ректорска конференција. Изготвивме предлог во кој предлагаме ценовникот на сите државни универзитети да биде ист. Тоа значи студентот ќе ја плаќа истата сума без разлика на факултетот“, изјави ректорот. Тој вели дека ќе чекаат како ќе реагираат популарните факултети поради стравувањата да не се намалат професорските плати. „Како ќе реагираат ќе видиме, но нема простор многу да реагираат ако ги изедначиме на сите факултети. Она што студентите го плаќаат не влијае врз платата на професорите, која се формира од сопствени приходи кои факултетите ги добиваат на друг начин“ појасни тој.
Ректорот најави и дека од септември ќе иницира студентите да одбираат сами кај која студентска организација ќе уплаќаат средства, а ќе се промени досегашниот начин на уплаќање пари исклучиво на сметка на Студентскиот парламент. (Ж.Х.З.) |