Со температурите, расте и ризикот од пожари
Ризикот од избувнување пожари на отворени места се зголемува поради високите температури. Поради тоа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) спроти продолжениот викенд апелира до граѓаните да внимаваат при посетата на национални паркови и други пошумени или необраснати локации и да не користат запаливи материи кои можат да предизвикаат пожар.
„Луѓето што патуваат со автомобилски или железнички превоз да не фрлаат догорчиња низ прозорците, а оние што работат во пошумени локации да ги зголемат мерките на претпазливост за да не дојде до опожарување на околината“, апелираат од ЦУК.
Пожари деновиве имаше во атарот на селото Брезница, кај Македонски Брод, како и кај битолското село Градешница каде што гореа 2-3 хектари смрека и трева, а гасењето го отежнуваа непристапниот терен и неексплодираните мини од Првата светска војна. Минатата година во пожари изгореа 35 илјади хектари треви и шуми. (Х.Р.) |