Број 2993  сабота, 23 мај 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

Охрид чека светски хотелски брендови

За развој на конгресниот туризам е потребен хотел со највисоки стандарди

Симон Илиевски

ОХРИД - Министерството за транспорт и врски на новото јавно наддавање ги спушти критериумите за продажба на локацијата за изградба на луксузен хотел на брегот на Охридското Езеро.

Ваквата одлука во локалната самоуправа е позитивно примена и постои реален оптимизам дека на тендерот ќе се јави некој од познатите светски хотелски брендови. Тоа е важно зашто за развој на конгресниот туризам на Охрид му е потребен хотел со највисоки стандарди.

Локацијата зафаќа површина од 15.000 метри квадратни и се наоѓа во близина на хотелот „Инекс-горица“ каде што досега се одржуваа големите меѓународни собири.

Почетната цена на наддавањето, според критериумите на Министерството за транспорт и врски, ќе биде 9.500 денари за квадрат. Единствената голема промена на новиот тендер е тоа што покрај високите стандарди што се бараа во претходните два, сега се инсистира новиот инвеститор да има синџир од најмалку пет хотели од висока категорија со пет ѕвездички.

„При објавувањето на првиот тендер реагиравме кај надлежното Министерство дека критериумите за статусот на потенцијалните инвеститори беа високи и затоа тие не покажуваа интерес за изградба на елитен хотел“, велат од локалната самоуправа. Притоа додаваат дека со измените се отвораат нови можности и оти со продажбата на државното земјиште ќе се создадат перспективи и за другите стопански гранки.

При распишувањето на првите два тендера како потенцијални и најзаинтересирани инвеститори се спомнуваа светски познатите хотелски синџири „Радисон“ и „Хилтон“, како и тоа дека владини претставници одржале прелиминарни разговори. Веројатно, владините претставници извлекле поука од нивните забелешки и во новиот јавен повик ги приспособиле критериумите.

Во охридскиот туристички еснаф велат дека новиот хотел нема да го чувствуваат како нелојална конкуренција, зашто во туризмот има место и за елитни хотели. Тие се потребни особено за организирање на значајни меѓународни собири, како што беше Светската конференција за дијалог меѓу цивилизациите и Самитот на НАТО.

Организаторите бараа услови кои реално постојните хотелски капацитети не можеа да ги исполнат. Сметаат дека, покрај изградбата на елитен хотел во Охрид, треба да се инвестира и во инфраструктурата, зашто високите гости бараат брзо и безбедно пристигнување од аеродромот до хотелот.


Статијата е прочитана 522 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Серија земјотреси во Струмичко
Истокот бара евтино решение за гасоводот
Балканот без современа инфраструктура
Лекарски игри со очните прегледи на бебињата
Депонијата „Русино“ е незаконски затворена
Општината го бара имотот на касарната
Со температурите, расте и ризикот од пожари
Средно училиште во Теарце
Нема лиценца за 68 отсто од софтверот
Eдинствен ценовник на државните факултети