Лекарски игри со очните прегледи на бебињата
Родителите бараат одговорност од првите луѓе на двете клиники, но и од ексминистерот за здравство Селмани
Јасмина Јовановска
И лекарите од Клиниката за очни болести и оние од Клиниката за гинекологија манипулираат со јавноста дека на предвремено родените бебиња им ги прегледуваат очите поради ризикот од оштетување на видот од престојот во инкубатор.
Ова го тврдат дел од родителите кои минале низ голготата наречена задоцнето откривање на ретинопатија. Како инаку да се објасни тоа што речиси нема дете кое од гинекологија излегло со дијагностицирана ретинопатија, за што е доказ и отпусното писмо. Оваа болест обично сами ја откриваат родителите дома и тоа најчесто во доцна фаза кога не помага ни ласерското лекување, туку мора да се оперираат очите и да се вметнуваа леќи кои цел живот се менуваат.
„Нашите деца излегуваат како инвалиди од оваа клиника. Не само поради тоа што несоодветно се управува со кислородот во инкубаторите, туку и нема соодветен скрининг на бебињата во инкубатор. Иако од клиниката лекарите велат дека концентрацијата на кислород во крвта се мери на три часа, прашање е дали се прават гасни анализи на крвта и дали на толку часа се менува и протокот на кислород “, обвинуваат родителите.
За ризикот од појавата на ретинопатија многу добро знаат и лекарите од реонаталната интензивна нега, кои за тоа биле на едукација и во Кралската болница во Австралија, а за тоа нашата држава дала пари. Друго е прашањето, укажуваат родителите, колку тие се ангажираат да ги спроведуваат протоколите за следење предвремено родените бебиња. Посебно за контрола на кислородот, кој треба да се одржува на помали концентрации, за да може шокот кога ќе излезат од инкубатор да биде помал и да се намали ризикот за развој на ретинопатијата.
Според родителите, исто онака како што е разрешена директорката на Клиниката за очни болести, така треба да се побара одговорност и да се смени и в.д. директорката на Клиниката за гинекологија, д-р Адела Стефанија. Дотолку повеќе што од оваа клиника никој не мрдна со малиот прст да се реши овој проблем, кој во јавноста беше обелоденет уште пред две и пол години.
„Директорката ги менува изјавите по потреба. Од тоа дека не се добри инкубаторите до тоа дека очните лекари прегледуваат, но без резултати“, вели еден родител кој не сака да го открие својот идентитет.
Одговорноста треба да се лоцира и во Министерството за здравство, посебно кај ексминистерот Имер Селмани, кој и покрај писмените укажувања од неколку родители, не презеде ама баш ништо во својот мандат, тврдат родителите.
„Случајот го пријавив и во Државниот здравствено-санитарен инспекторат, но оттаму ме убедуваат дека нема потреба да се реагира“, вели еден родител, кој исто така сака да остане анонимен зашто веќе му е доста да се препукува во јавноста со одговорните кога знае дека тоа нема да даде резултат.
А, дека имало обиди да се реши проблемот укажуваат и од Ротари клубот од Скопје, кој речиси секоја година и' помага на Очната клиника во обел��жувањето на Денот на слепилото.
„Понудивме да обезбедиме едукација на лекар, како и да се купи офталмоскоп, но од клиниката бевме одбиени“, укажуваат членови од Ротари клубот. Неофицијални извори велат дека помошта на Ротари клубот не била прифатена, затоа што оваа организација ја сметале за опозициона.
По разрешувањето на директорката д-р Елена Џајковска, од Клиниката за очни болести десетина лекари реагираа со писмени објаснување дека не е точно дека бебињата ослепуваат и не им се дијагностицира ретинопатија.
„Без исклучок на сите предвремено родени деца кои се јавиле прв пат на клиниката биле прегледани и им била дијагностицирана ретинопатија“, се вели во писменото објаснување од клиниката. Тие уште тврдат дека на сите родители им е дадена препорака за друго мислење во поголем референтен центар.
„Сметаме дека скринингот и откривањето на промените на ретината кај предвремено родените деца треба да се започне на Клиниката за гинекологија уште во текот на престојот во интензивната нега од очен лекар, кој е обучен за оваа патологија“, се вели во писмото до Редакцијата.
Со ваквата објаснување, велат родителите, само се потврдува нашето мислење дека на децата не им се врши очен скрининг на Гинекологија, кој по протоколите треба да биде од четвртата до шестата недела откако се ставени во инкубатор.
И покрај тврдењата од очните лекари дека не оделе да ги прегледуваат децата додека се во одделот за неонатална интензивна нега, в.д. директорката на Клиниката за гинекологија, д-р Адела Стефанија, е категорична дека се барани конзилијарни мислења од Очната клиника, но дека прегледите биле без резултати. За инкубаторите и натаму тврди дека се в ред и дека за бебињата во инкубатор се грижат соодветно. Таа и овој пат не објасни дали навреме се менува протокот на кислород и дали се прават гасни анализи за да се утврди точната концентрација на кислород во крвта.
„Проблемот е решен, сега ќе доаѓа очна докторка од Србија за да ги прегледува децата и навреме се открива ретинопатијата“, ни изјави д-р Стефанија, која избегна да објасни зошто не го стори тоа и пред две и пол години, кога бил уочен проблемот.
Во текот на вчерашниот ден докторката Ана Ѓорѓевиќ од Белград ги посети двете клиники – за детски болести и за гинекологија. Биле прегледани триесетина деца, но никој не кажува кај колку деца е откриена ретинопатија.
„Докторката дојде, но не ја видов. Само им пренесов на лекарите од интензивна нега да направат се' што треба“, ни изјави в.д. директорот на Клиниката за детски болести, д-р Ацо Костовски. |