Бизнисот упорно алармира и бара помош за излез од кризата
Челичната индустрија не бара пари од државата, туку правичен однос за енергетските инпути
Да не се минимизираат проблемите со кои се соочува македонската економија под удар на глобалната криза. Најпрво треба да се детерминираат слабостите, а потоа да се стори се' за нивно елиминирање или ублажување. Ова е пораката од вчерашната јавна расправа што ја организираа Националниот совет за евроинтеграции и Стопанската комора на Македонија.
Од металната индустрија, како една од најпогодените гранки од кризата, велат дека не бараат пари од државата или каква било друга помош, туку правичен, недискриминирачки однос по прашањето на основните енергетски инпути, онаков како што имаат другите субјекти на заедничките, европски пазари. Фирмите се пожалија дека државата во изминатиот период не обезбедила услови за нормално функционирање на овој сектор. „Челичната индустрија, која е значаен сегмент во евроинтеграциската агенда на Македонија, беше оставена да се соочува со сериозни проблеми околу енергетското снабдување, транспортот, екологијата и финансиските издатоци генерирани од надлежните државни институции. Не можеме да го прифатиме одговорот на Владата дека националната челична индустрија е во рацете на приватниот капитал. Прифатлив аргумент не можат да бидат ниту енергетските проблеми кои се сериозен структурен проблем на македонската економија“, рече Митко ��очовски, директор во „Макстил“.
Клучна слабост на македонската економија е нејзината неконкурентност, посочија стопанствениците. „Ни треба поволен амбиент. Тоа значи ако странските инвеститори се преиспитуваат во своите одлуки, тогаш да не ги демотивираме и домашните кои се подготвени и натаму да вложуваат“, рече Ѓорѓи Петрушев, директор на винарската визба „Тиквеш“.
„Поддржете го бизнисот, зашто тука е клучот од лавиринтот во кој се наоѓаме. Преку него ја реализираме регионалната соработка. Тоа е и единствениот начин што ќе не' приближи до ЕУ“, порача претседателот на Комората, Бранко Азески.
Според Радмила Шекеринска, претседателка на Националниот совет за евроинтеграции, Македонија влегува во кризен период, чии димензии ќе се почувствуваат поинтензивно за неколку месеци. Таа смета дека алармот е вклучен поради намалувањето на девизните резерви и драматичното зголемување на трговскиот дефицит. „Ако е така, тогаш земјата мора поскоро да обезбеди преговори со ЕУ, политички гаранции преку членство во НАТО и безвизен режим“, истакна Шекеринска. Евроамбасадорот Ерван Фуере порача дека ЕУ и натаму ќе продолжи да ги поддржува земјите од регионот, не само финансиски туку и од аспект на јакнење на нивните административни капацитети. Унијата од своите фондови одвои 120 милиони евра за земјите од Балканот и за Турција како одговор на кризата. (С.М.)
|