Пропаѓаат тендерите во енергетиката, Владата молчи
Неуспешен и третиот обид за ХЕЦ „Бошков мост“, а власта ќе ја анализира состојбата
Маја Томиќ
На државата никако да и' тргне со тендерите во енергетиката. Странските компании, кои до пред неколку години беа активни учесници на секој тендер, почнаа да покажуваат јасна воздржаност за инвестирање. На тоа делумно има влијание економската криза, но многу повеќе влијае се' уште непрецизниот став на Владата за привлекување вакви инвестиции. Нејзината досегашна политика на „поништи, па распиши нови тендери и влечкај ги процедурите“ ги премислува инвеститорите да го одврзат ќесето и да вложат во нов енергетски капацитет, што секако ќе биде од огромно значење за земјава, која е зависна од голем увоз на електрична енергија.
Најсвеж е последниот пример со ХЕЦ „Бошков мост“. До 11 февруари, кога беше крајниот рок за доставување понуди, ниту една од 14-те претходно пријавени компании не поднесе тендерска понуда до Министерството за економија. Во ова Министерство најавуваат дека за оваа ситуација ќе се изготви информација и ќе се достави до Владата, која потоа ќе одлучи какви потези ќе повлече во врска со ХЕЦ „Бошков мост“.
Според неофицијални информации, Владата очекувала да се јави со понуда германската „Вербунд“, но не се случило тоа. Истата оваа компанија, покрај РВЕ, лани беше влезена во најтесниот круг за тендерот за ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“. Но, Владата, наместо да го соопшти победникот, на крајот на 2008 година донесе одлука да го поништи тендерот по шестмесечно натегање и да распише нов, кој ќе трае до средината на март годинава. Претходно Владата изјавуваше дека нема никакви пречки да не се реализира тендерот за „Чебрен“ и за „Галиште“.
Во последните две години многу тендери завршија со поништување или се одолжија во бескрајни процедури поради редовни или вонредни избори, а конкретни договори со инвеститор засега нема. Поништен беше тендерот за ТЕЦ „Неготино“, објавен и поништен оној за „Чебрен“ и „Галиште“, двапати поништен за ХЕЦ „Бошков мост“, а се' уште се неизвесни и инвестициите за гасната електрана „Енергетика“, како и за пакетот од 400 мали хидроцентрали. Според владините најави, на секои шест месеци, до крајот на 2009 година, требаше да се распишуваат нови тендери и да се заокружи бројката од 400 објекти, а уште нема абер од првиот пакет кој досега требаше да почне да се гради. И покрај фактите, никој од Владата досега не даде објаснување во јавноста зошто пропаѓаат тендерите во енергетиката.
Неодамна, дипломатски извори потврдија дека германските компании кои веќе инвестирале во земјава се разочарани од потезите на Владата во енергетската дејност, а особено од поништувањето на тендерот за „Чебрен“ и „Галиште“.
Инаку, последниот тендер за ХЕЦ „Бошков мост“ од есента 2007 година беше трет обид за реализација на тој проект. Претходно, уште додека ЕСМ беше една компанија, беше склучен договор со контроверзната малезиска компанија „Хиснијага корпорејшн“, кој остана само на хартија. За време на владата на СДСМ, тогашниот вицепремиер Минчо Јорданов повторно лобираше за влез на оваа странска компанија која, покрај „Бошков мост“, сакаше да инвестира и во градежништвото.
Во последната понуда за „Бошков мост“ имаше и домашни и познати европски енергетски компании, како што се чешката ЧЕЗ, германските ЕОН и РВЕ, австриската ЕВН, словенечкиот „Турбо институт“ и швајцарската ЕФТ.
Изградбата на ХЕЦ „Бошков мост“ е еден од планираните објекти во хидроенергијата, заедно со „Чебрен“, „Галиште“, „Велес“, „Градец“ и „Вардарска долина“. Зацртано е централата да се гради на Мала Река, блиску до Дебар и магистралниот пат Скопје – Дебар – Охрид. Таа треба да има два агрегата и инсталирана моќност од 68 мегавати. Просечното годишно производство на струја би било 117 гигават-часа, а инвестиционата вредност е проценета на 70 милиони евра. Времето на изградба е утврдено на 4 години. Според проектот, ХЕЦ „Бошков мост“ би се градела според БОТ-системот, што значи по одреден временски период инвеститорот ќе ја врати во сопственост на државата. |