Репортажа
Блатец се испустува
Во италијанското гратче Канели засекогаш заминаа над 700 млади луѓе со своите семејства
Иван Бојаџиски
ШТИП - Шестгодишниот Виктор Анастасов е претпоследното дете што ќе го напушти напролет родното село Блатец и со своето семејство ќе замине во Италија. Неговите родители Влатко (33) и Александра (30) повеќе не можат да чекаат на подобри денови, кои за нивното семејство, никако да дојдат. Млади се, работливи, полни со енергија, сакаат да ги раснат и школуваат двете дечиња, ама никој не им дава шанса.
„Нашата одлука е конечна. Во Канели се отсели речиси целата младост од нашето село, над 700 млади луѓе. Тешко е кога среќата не можеш да ја доживееш дома, во родното огниште. Но, мора да водиме сметка за себе, а уште повеќе за нашите деца, Виктор и 2,5-годишната Александра. Како родители сакаме да им обезбедиме сигурна иднина, а тоа кај нас, посебно на село, не е можно“, велат Влатко и Александра. Со нив разговаравме на оваа тажна тема, изминатата недела, во домаќински уредениот семеен двор, пиејќи италијанско кафе.
Младиот брачен пар годинава, во два наврата, онака пробно, деведесет дена биле на работа во Италија. За тоа време заработиле 6.000 евра. „Јас и сопругата дневно заработуваме 140 евра, што е еднакво на земјоделското производство во Блатец за цел месец. Одлуката да заминеме од Блатец и Македонија е конечна, бидејќи Италија и Канели го нудат сето она што ни е потребно. Само така можеме да го оствариме својот сон“, додава Влатко.
Виктор, синчето на Влатко и Александра, е едно од трите деца во селото, кои идната година треба да се запишат во прво одделение. Но, наместо во Блатец, Виктор ќе учи во Канели. „Ова е национална катастрофа. Блатец е едно од најголемите села во источна Македонија. Пред петнаесет години во основното училиште имавме 400, ученици а сега само 130. Годинава имавме само девет првоодделенчиња. Децата со своите родители заминаа во странство, главно, во Италија, а никој досега не се врати. Во Канели има три паралелки со шеесет деца од Блатец“, вели наставничката по историја и географија Милка Димитрова, која три децении им дава добро образование, како што вели, на „сите свои деца“.
На плоштадот сретсело, некогаш мошне жив, над кој се надвиснува споменик на паднатите борци во НОБ, а над него некогашната управна зграда на задругата, помина само постар човек. Седнат на клупа, тој ги користи можеби последните сончеви зраци. Не' изненади кога ни кажа дека е најстариот жител во Блатец и има 91 година!
„Срце ме боли кога го гледам плоштадот празен, нашето масовно собиралиште во некогаш убавите години. Селото е на извонредна локација, сместено е под пазувите на планината Плачковица, а преку лето е мошне пријатно за живеење. До пред петнаесетина години Блатец имаше над 2.000 жители, сега се два пати помалку. Младите ја открија Италија како можност за добар живот пред десетина години, а од 2005 година наваму од селото бега се' што може. Ова е голема трагедија не само за нас туку и за државата. Селото живееше убав живот се' додека ја имаше својата задруга во која работеа 150 луѓе. Селаните имаа обврска само да произведат, задругата им откупуваше се'! Сега земјоделецот никој не го гледа, луѓето не знаат што да прават со своето производство. Со секој нов ден селото губи по нешто. Пред две години ја затворија аптеката, пред некој ден единствената трафика за весници. Дали и на тој начин ни се испраќа траорната порака дека за младите нема иднина тука “, зборува Игнат Јорданов.
Пред една од двете локални продавници за храна, го видовме 68-годишниот Атанас Ангелов со пиво в рака. Прашуваме од што живее селото. „Од воздух и од пензиите на оние што успеаја да ги доживеат. Ова е земјоделски крај, ама од тоа фајде нема. Ниту има кој да откупи ниту кој да работи на нива. Имам три комбајни, а работник ниту за лек, бидејќи млад човек во селото не може да се најде ни со свеќа в раце. Во амбарот ми стојат 20 тони ориз, ама нема кој да го купи. Јас сум богат селанец, кој нема пари да купи литар нафта! Целото богатство ми е во земјоделски машини и земјоделски производи, дома немам денар. Државата вели ќе била откупена цела��а оризова арпа за по 25 денари килограм. Еве јас ја нудам за 20 денари, нека дојдат, нека ја земат. Ама никој не доаѓа. Да можам и јас би побегнал каде било. Овде животот веќе нема никаква смисла. Младите добро го сфатија тоа и затоа селото се испусти“, резигнирано вели Ангелов.
И педесетгодишниот земјоделец Борче Симеонов е разочаран од фактот дека селото стравотно се празни, а никого во државата за тоа глава не го боли. „Селото живееше, се развиваше, напредуваше, а младите остануваа дома се' додека ја имавме нашата земјоделска задруга. Така беше до средината на деведесеттите години од минатиот век. Немаше производ што не го откупуваше задругата, ориз, грав, компир, шумски плодови... Ќе заколеш јагне, кожата ја откупува задругата. Селото не им нуди баш ништо на младите, затоа останаа само малку. Оние до четириесеттата година, кои не стапиле во брак, па некако преживуваат. Селското училиште неодамна го реновираа, ама за кого“, прашува Симеонов.
Влатко и Александра со нивните две ангелчиња Виктор и Мартина, во мај идната година ќе заминат од родното село и родната држава. Во Канели само ќе го зголемат бројот на свои соселани, меѓу кои се и десетина нивни роднини. „Во Канели се чувствуваме како дома. И Италијанците научија македонски. Ќе имаме работа и пари што ќе помогнат да ги оствариме своите планови и идеи за иднината на нашите деца“, велат Александра и Влатко.
Кој е одговорот на државата за црната македонска чума? Засега не се огласува. Иако приказни од ваква природа постојано се објавуваат. |