Мислења
Застрашувачки мир за Судан
Џорџ Клуни и Џон Прендергаст
Патот до мирот во Судан не е едноставен, но е остварлив
Америка, конечно, е инволвирана. Претседателот Барак Обама го испрати сенаторот Џон Кери во Судан со предлог за мир меѓу северниот и јужниот дел на земјата. Тоа е огромен чекор да се избегне крвопролевањето во кое загинаа над два милиона луѓе во претходната 20-годишна граѓанска војна меѓу Северот и Југот во Судан, што заврши дури во 2005 година - и се заканува повторно да избувне. Последниве месеци Обама го интензивираше неговото лично инволвирање и она на високи личности од неговата администрација во поддршка на мировната стратегија за Судан. Во негово име Кери достави пакет-предлози, чија цел е да се надмине ќор-сокакот што ги донесе северот и југот до опасна раскрсница.
Напишавме меморандум во кој детаљно се објаснети некои суштински елементи како би можело да изгледа големо нагодување за мир во Судан. Нема многу време за губење. На 9 јануари 2011 година народот на Јужен Судан ќе гласа за независност од Северот, одземајќи до три четвртини од познатите нафтени резерви на земјата и поставувајќи милиони цивили на директниот пат на војната.
Владата во Картум (главен град на Северен Судан) е предводена од Омар Ал-Башир, чии достигнувања - надгледување на воените злосторства во текот на претходната војна Север - Југ и организирање на злосторствата во Дарфур - му донесоа налози за апсење поради воени злосторства и геноцид од Меѓународниот кривичен суд. Сепак, обновување на војната во Судан не е неминовно. Комплексен, но остварлив мир може да се издејствува доколку сите заинтересирани страни бидат подлабоко инволвирани. Сегашниот момент бара силна дипломатија - онаа што може да предизвика горчлив вкус, но која ги спроведува работите. Веруваме дека Кери е искусен емисар и може да им помогне на страните да ги најдат потребните компромиси за мир. Каков било договор со кој се спречува враќање во војната неизбежно ќе ја инволвира Националната конгресна партија, која го претставува Северот, и Народното ослободително движење на Судан, што го претставува Југот. Но, исто така, би биле инволвирани и САД, чии постреферендумски односи со двете страни ќе имаат огромно влијание дали ќе се спроведе договорот.
Веруваме дека голем договор за да се постават темелите за траен мир меѓу Северот и Југот ќе ги обврзе страните:
- да одржат референдум во Јужен Судан на време и целосно да ги почитуваат и спроведуваат резултатите;
- да постигнат заемно поволен договор што се однесува на клучната спорна гранична територија Абји;
- да издејствуваат повеќегодишен договор за делење на приходите, при што нафтеното богатство на Абји и клучните гранични области би можеле праведно да бидат поделени меѓу Северот и Југот, а мал процент да биде наменет за граничните населенија поради развој;
- да ги демаркираат неспорните 80 отсто од границата, а останатите 20 отсто да бидат ставени под обврзувачка меѓународна арбитража;
- да создадат услови за сериозна заштита на малцинските групи и да размислат за заедничко државјанство на одредени населенија, поддржано со значајни меѓународни заклучоци во случај на напади врз жителите на Југот во Северен Судан или жителите на Север во Јужен Судан.
Американската улога како невидлива трета страна во договорот инволвира серија иницијативи што му се нудат на режимот на Картум, да се осигура постигнување и спроведување на мировен договор. Во замена за акција во мировните напори Север - Југ и Дарфур, САД би спровеле јасен, доследен и обврзувачки пат кон нормализирање на односите. Тоа би подразбирало - по ред - отстранување на Судан од списокот на државите- спонзори на тероризмот, размена на амбасадори, укинување на унилатерални санкции, поддршка за билатерално и мултилатерално ослободување од долгови, заедно со други економски мерки од меѓународни финансиски институции. Спротивно на тоа, САД мораат да бидат подготвени да ги водат меѓународните напори за воведување остри мерки за која било страна што ќе ја врати земјата во војна.
Мирот и безбедноста во Дарфур треба да бидат суштински репер за нормализирани односи меѓу Америка и Судан. Администрацијата на Обама треба цврсто да се држи до тоа на претстојните преговарачки рунди и треба да назначи висок претставник што ќе помогне да се координира американската политика за Дарфур, со цел да се осигура дека мировните напори таму ќе го имаат истото ниво на внимание како и напорите Север - Југ.
Она што е потребно сега е политичка волја - не само во САД - да се одржи таа дипломатија. Европската унија и соседите на Судан, особено Египет, Етиопија, Кенија и Уганда, исто така, ќе треба да одиграат голема улога. Дипломатијата на Кина во Судан, каде што значително инвестираше во развој на нафтените ресурси на земјата, ќе биде тест дали има намера да биде одговорен вложувач во Африка и во поширокиот свет.
Треба да се вклучиме за да бидеме сигурни дека владите работат за мир. Треба да се одржува притисокот врз нив. Да се поддржи мировниот процес. Вашиот глас може да спречи војна. Не оружјето. Не парите. Само нашите гласови. Патот до мирот во Судан не е едноставен, но е остварлив. Треба да се направат тешки избори. Можеме тие избори да ги направиме сега, или можеме да се убедуваме дека мирот е премногу тежок или премногу комплексен, а потоа резигнирано да гледаме од заднината додека стотици илјади невини мажи, жени и деца непотребно гинат. Зависи од нас.
(Џорџ Клуни е актер и коосновач на невладината организација „Нот он ауар воч“. Џон Прендергаст е коосновач на „Проект доволно“ и коавтор на „Доволен момент: борбата да стави крај на кршењето на човековите права во Африка“. Пишуваат за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата
на „Проект синдикејт“.) |