Американски музички награди
Еден куп статуети за младиот Џастин Бибер
Шеснаесетгодишниот Канаѓанецот си замина дома со четири награди: изведувач на годината, најдобар поп рок-изведувач, албум на годината и млад изведувач со најдобар пробив на сцената
Канадскиот тинејџерски идол Џастин Бибер триумфираше на завчерашното доделување на американските музички награди што се одржа во „Нокија театарот“ во Лос Анџелес, освојувајќи четири статуети во сите категории во кои беше номиниран, вклучувајќи го и признанието - изведувач на годината. Тој победи и во категориите за најдобар поп рок-изведувач, албум на годината и млад изведувач со најдобар пробив на сцената.
Бибер брилираше во конкуренција на ѕвезди како што се Еминем, Ашер, Кети Пери и Лејди Гага. Со триумфот тој стана и најмладиот пејач што воопшто освоил вакви признанија.
„Не можам да престанам да се смеам. Ова е неверојатно. Ова е толку големо“,
изјави шеснаесетгодишниот Бибер, чудејќи се како можел во категоријата за најдобар машки изведувач да ги победи Еминем и Ашер, за кого изјави дека е негов ментор, пријател, постар брат. Наградата му ја посвети токму на него, а првите две награди ги посвети на Бога и на Мајкл Џексон.
„Јас сум од најмалиот град на светот, кој има околу 30.000 луѓе“, рече Бибер додека ја примаше една од наградите. „Никогаш не помислив дека е можно ова што ми се случува сега“, додаде тој.
Бибер порасна во Стратфорд, Онтарио, но сега живее во САД. Неговиот албум „My World 2.0“ е продаден во речиси два милиона копии во САД од неговото издавање во почетокот на годинава.
Во однос на номинациите - предводници беа Еминем и кантри триото „Lady Antebellum“, кои беа номинирани во пет категории. Еминем освои награди на полето на рап-хип хоп, но не дојде на доделувањето во „Нокија театар“. „Lady Antebellum“, пак, беа именувани за најдобра кантри група.
Аренби-пејачот Ашер, кој помогна во откривањето на Бибер пред 18 месеци, исто така, освои две награди. Двајцата се прегрнаа на сцената. „Не плачам често, но сега го сторив тоа и уживав“, им кажа Ашер на новинарите зад сцената.
Британскиот бенд „Мјуз“ беше меѓу наградените (најдобри алтернативни рок-изведувачи), а меѓу останатите лауреати на 38. издание на Американските музички награди се најдоа и Тејлор Свифт, Кери Андервуд, Шакира, „The Black Eyed Peas“, Ријана, која настапи со неколку песни од новиот албум „Loud“... |