Број 3442  петок, 26 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter

ЕДИТОРИЈАЛ

Стратегија „на два ума“

Мирче Јовановски

Владата се' уште седи на две столчиња и не се произнесува дали в година ќе ги користи понудените 400 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд или, пак, ќе оди на опцијата да издаде еврообврзница. Некои медиуми ја пробија информацијата дека Владата, сепак, ќе се реши и за двете опции, а не само за една од нив, но засега нема официјална потврда или демант дали ќе се случи тоа. Она што е официјално, барем според изјавите на премиерот Никола Груевски и на министерот за финансии Зоран Ставрески, е дека Владата повеќе преферира еврообврзница, но не се откажува и од парите од ММФ.

Прашање за дискусија колку ваквата стратегија „на два ума“ е полезна, особено ако се има предвид дека во собраниските комисии веќе почна расправата за државниот буџет за 2011 година, а дилемата како ќе се покрие буџетскиот дефицит и натаму е отворена. Оние што треба да го гласаат буџетот и со тоа да ја земат одговорноста за начините како ќе се финансираат јавните расходи немаат јасна претстава како ќе се продолжи чергата, односно како ќе се покрие јазот меѓу очекуваните приходи во буџетот и проектираните расходи. Засега, мора да се задоволат со општата констатација дека тоа ќе се направи од странски извори. И толку.

Се разбира, работа на извршната власт е да определи која варијанта е најповолна и со тоа да ги избегне поголемите трошоци, како и евентуалните критики во иднина дека ја утнала работата. Ако се во прашање анализите, во ред. Но, тоа треба јасно да се каже.

Вака се остава простор за претпоставки дека одлуката дали да се земат парите од ММФ или да се издаде еврообврзница во основа ќе се темели на желбата да се избегне контролата на монетарците врз трошењето на јавните пари. Тоа, впрочем, не е далеку од вистината имајќи предвид дека и досега Владата ги избегнувала или ги отфрлала понудите на ММФ за доделување финансиска помош.

Ако, пак, Владата се одлучи на опцијата во пакет еврообврзница и ММФ, тогаш тоа ќе биде јасен сигнал дека во идната година потребите за финансиски средства ќе бидат огромни. Тоа дополнително ќе ги отвори дебатите дали Владата ќе опстои на определбата буџетскиот дефицит да го лимитира на 2,5 отсто од бруто домашниот производ, или во потрошувачкиот занес, ќе ја пробие оваа граница.

Недореченостите не се однесуваат само на прашањето на задолжувањето во странство за покривање на буџетскиот дефицит. Дека постои отсуство на јасни цели покажуваат и неколку други примери: дилемите дали да се овозможи даночна амнестија и дали да се посегне по пропорционално оданочување на даночните обврзници. И дали овие две мерки се меѓусебно комплеметарни или, пак, се спротивставени?

Од една страна, даночната амнестија можеби ќе привлече стотици милиони евра што сега лежат во странски банки или циркулираат во други економии, но нејасно е дали тој ефект ќе се постигне ако истовремено се промовира пропорционалното оданочување.

Со други зборови, домашните бизнисмени тешко дека ќе „наседнат“ на великодушната понуда за даночна амнестија ако проценат дека зад првиот агол Владата ќе ги пречека со повисоки даноци. Тие и досега се покажаа како доволно итри и отпорни на разните трикови. Многу поверојатно е дека ќе чекаат ситуацијата целосно да се разбистри.

Тактиките две столчиња и два ума не се секогаш делотворни. Освен во некои случаи, како, на пример, кога некој државен службеник истовремено е и приватен бизнисмен, па седејќи на едно столч��, всушност, го мерка другото.

Па така, додека размислува како да привлече странски бизнисмени во слободните економски зони или да се грижи за резервите на нафта, всушност, умот му е во државното градежно земјиште и во бизнисот со хотели.


#
Статијата е прочитана 1049 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Носталгија по свинските полутки и евтините кредити
Колку чини идентитетот на македонските граѓани?
Балкански граници на апсурдот
Саша Огненовски најдобар фудбалер во Азија
Нова енергија за женско будење
Милионски проневери во фирмите на "Перо Наков" бб
Солунскиот градоначалник Јани
Многу зони околу Штип, ни трага од инвеститори
Бившиот обвинител стана лустрационен бранител
Направи хаос во скопскиот дом за деца без родители
Свештеник осуден за злоставување на 155 деца
Фалсификат на оригиналот
Тајванците без визи ќе се шетаат низ Европа
Куса памет и долги прсти
Сиромаштијата завладеа со светот
Убавината и спокојот во домот зависат од мајката
 


Reorganisation of Croatian territories essential
Moldova elections fail to break political stalemate
Romanian national celebrations cause scandal in Hungary