Мислења
Куса памет и долги прсти
Јосиф Ќурчиев
Доволно е да се посети која и да е држава-членка на Европската унија за да се види колку драматично лошо се живее овде
БЕЗ РАКАВИЦИ
„Кај нас нема трте-мрте. Кај нас само тртат“. Овој афоризам во култниот сатирично-хумористичен весник „Јеж“ од бившото ЈУ-време, тогаш предизвика бурни реакции во политичките кругови на еднопартизмот, но, сепак, бројот не беше забранет, ниту настрада авторот, односно партијата не му поднесе тужба за „клевета“ или „навреда“ на системот. Авторот на афоризмот не можеше ниту да сонува дека тој ќе остане во сеќавање толку долго што и денес да биде актуелен. Зашто принципите на владеење, иако да сме ти биле плурално општество, можеби само ја промениле формата, се „модернизирале“, но никако и суштината. И натаму се' се одвива според рентгенската анализа на публицистот Ѓуро Шушњиќ, кој во есејот „Рибари на човечките души“ ќе ни соопшти:
„Од становиштето на хуманизмот, политиката не смее да биде ништо друго, туку претворање на можното во стварно, остварување на рационалните и хумани можности што ги открила и ги запознала човековата мисла. Политиката што не работи врз таа возвишена задача, ја губи својата смисла и се претвора во беспоштедна борба околу доминацијата на посебните интереси. Таа станува професија на оние без вистинска професија, сурово школо на борбата за власт на оние што често се без образование, простор за препознавање на оние што имаат волја за моќ. Таа стана област за отуѓување во која општествените групи, на чело со своите лидери, се борат да ја освојат, да ја засилат и да ја задржат власта. Големите духови во политичкиот живот се потиснати од ’големите мајстори на ситното политикантство‘, а личностите со длабоки политички начела им го отстапуваат местото на луѓе „со куса памет и долги прсти“ (Иво Андриќ).
Значи, фазата „Нема трте-мрте, туку само трте-ње“, не само што не е надмината, туку е далеку поразвиена и поразгранета. На пример. Јас не знам во каква состојба се коските во гробовите на Жан Моне, Роберт Шуман, Шарл де Гол или Конрад Аденауер, големите визионери на она што денес се нарекува Европска унија, ако од некој агол можат да видат што се случува сега и какви се нивните наследници што ја „водат“. Лидерите на 27 држави-членки, кои, претпоставка е, во современиов свет кој нуди далеку повеќе можности за остварување на „рационалното и хуманото“, би требало да стигнат до многу поголеми остварувања, најчесто се однесуваат недораснато за предизвиците, туркајќи ја Унијата на „магарешка клупа“ меѓу големите сали каде што се решава. Не беше поразлично ниту на последниот самит на Г-20, група која зачестено наликува на Г-2, најмногу на Г-3, а таму нема место за Брисел. Но, за потиснатоста на Брисел, воопшто не се виновни Вашингтон, Пекинг или Москва. Европската унија и натаму не успева да има единствен телефонски број на кој ќе одговори некој „со еден глас“ за сите. На големата шаховска табла нема „трте-мрте“... Ова, секако, не е „пледојае“ за некој личен евроскептицизам, како што е модерно да се каже за некој што критички ги опсервира процесите во Европската унија. Напротив. ЕУ е уникатна творба, единствена таква во светот која опстојува повеќе децении и не се случајни настојувањата на државите од континетот кои се' уште не се таму, да се приклучат (некои не баш) колку што е можно побргу, како и на други големи региони да создадат нешто слично. Меѓутоа, во моментов не се гледа капацитет меѓу политичарите што ја водат Унијата потребен да се надмине провинцијализмот (констатација што доминира во коментарите на европските аналитичари) кој како да стана основна алатка во нивните настапи. Затоа е не чуди што се случува „трте“ кое доминантно го плаќаат граѓаните во границите на ЕУ со купишта евра...
Но, да го оставиме „туѓиот“ (засега туѓ, зашто ние од петни жили „сакаме“ во ЕУ) и да погледнеме во сопствениот двор. Се разбира, каква и да е споредба е несоодветна од проста причина што она што се случува во повеќето од државите членки на Унијата е на далеку повисоко и пософистицирано ниво. Таму се јава липицанер, за разлика од овдешните магариња. Доволно е да се посети која и да е од тие држави за да се сфати во каква д��аматично лоша состојба се живее овде. Оние што првпат имале можност да видат барем дел од „европското“, дома се враќаат со доживеан цивилизациски и културен шок, со горчлива кнедла во грлото која тешко ќе ја проголтаат за подолго време. Оние, пак, што во потрага по егзистенција, го фатиле возот од шеесеттите или седумдесеттите со кој заминаа на „привремена работа“ во некои од европските држави, денес ја голтаат кнедлата на шокот што го доживуваат кога доаѓаат „да се видат“.
Зашто не треба многу да се тарашка низ статистичките податоци: просечната плата кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите изнесуваше околу 300 германски марки. Денес тој просек, во најоптимистичка варијанта, не префрла 250 евра. Славно тапкаме во место, прпелкајќи се во калта што две децении ни ја сместуваат политичките гарнитури кои еуфемистички се нарекуваат левица или десница, додека во реалноста беа и се акционерски друштва: Република Македонија АД. Нема „трте-мрте“!
Сега, само мала дигресија во полза на темата: во годините кога во Полска се случи големата промена, тогашниот премиер Мјечислав Раковски изјави: „Мина времето на догматичарите кои ги знаат само своите вистини. Ним треба да им се даде трска за риболов и да им се определи бара во која ќе ловат само тие“!
Ако ја префрлиме прикаскава кај нас, неминовно доаѓаме до заклучокот дека новите „надежни млади“ генерации политичари станаа поголеми догматичари од „папата“, правејќи од државата бара во која ловат човечки души само тие со нивните вистини. На колку „единствени“ и „непорикосновени“ вистини сме сведоци? Јас нема да ги набројувам. Медиумите секојдневно не бомбардираат со многу од нив во „дијалогот“ меѓу опонентите. Последниот пример е извештајот на Европската комисија: позицијата тврди дека е позитивен, опозицијата дека е најлошиот што можел да се замисли. Врв на перверзијата доживеавме неодамна кога партиски портпароли пред телевизиските камери си разменија ДВД со различни „содржини“, срдечно ракувајќи се и разменувајќи љубезни насмевки. И повторно бевме сведоци на куса памет. За „долгите прсти“ е задолжен јавниот обвинител кој досега мошне успешно го „одлежува“ својот мандат. Што ни се случува нам? Е, па, „Кај нас нема трте-мрте. Кај нас има само трте-ње“. Што мислите, кои се првите, а кои последните?
П.С. Токму околу извештајот на Европската комисија. Владата потроши големи пари за саморекламирање. Би можела да издвои уште некоја илјадарка евра, па да испечати книшка со превод на македонски и на албански на тие осумедестина страници и да им ја подели на граѓаните во државава, за тие самите, ако им се чита, да се уверат во тоа дали е „позитивен“ или „негативен“, каде сме „напреднале“, а каде сме добиле „упатства“ за натамошен напредок. За да не слушаме само интерпретации кои ги содржат „неприкосновените вистини“ на страните во толкувањето.
(Авторот е новинар) |