Балкански граници на апсурдот
За да се стигне во селото Саставци, кое е на БиХ, но опкружено со српска територија, треба да се помине низ четири граници
Процесот на проширување на ЕУ е полн со многу замки. Косово, Србија и Македонија имаат нерешени проблеми со државноста, повеќето држави имаат ненадминати гранични прашања со соседите, а тие, пак, се нераскинливо врзани со малцинските права. Големи или мали, тие спорови наметнуваат трикратни предизвици. Пред се', политички е невозможно ЕУ да ги отвори прегратките за потенцијално проблематични членки. Приемот на Кипар во ЕУ пред да се постигне решение за поделбата на островот го докажа тоа. Тој ја нагласи неспособноста на Брисел да изврши притисок врз една земја откако ќе стане членка и можноста од прелевање на последиците и создавање ситуација ветата да станат повеќекратни блокади на целиот политички процес на Унијата.
Тоа што некои од тие нерешени прашања на Балканот инволвираат земји-членки на Унијата, ја прави сликата многу покомплексна. Примерот би можел да се повтори кога ќе почнат да се приклучуваат нови земји од Балканот. Ако тие земји не ги решат граничните проблеми пред да започнат преговорите за прием, која било земја-членка може да го блокира нивниот напредок, како што покажуваат случаите на Словенија со Хрватска и на Македонија. Искуството покажа дека ЕУ нема официјална моќ да изврши притисок за решавање на нерешените прашања во регионот преку евроинтеграцијата, но и земјите-членки не сакаат да вршат притисоци врз нивните партнери да најдат прагматични решенија на билатералните проблеми со трети земји. Па, доста е едно вето и да биде блокиран напредокот на една земја.
Иако спорот на Словенија и Хрватска за Пиранскиот Залив и за пристапот до меѓународните води ќе се најде на меѓународна арбитража, би можеле да се јават други слични територијални спорови меѓу овие две земји.Граничното проблем меѓу Хрватска и Србија, пак, се должи на природен феномен: ерозија на земјиштето и поплавите го сменија текот на Дунав кон запад. Станува збор за област од 14 илјади хектари и за навигациските права на економски стратегиската река. Двете страни имаат различни пристапи како да се реши проблемот. Од гледна точка на Србија, границата би требало да го следи главниот тек на Дунав и меѓународната пракса. Хрватска, пак, се повикува на регистрацијата на земјиштето од австриско-унгарското владеење и на тоа дека во 1947 година СФРЈ ја признала таа територија како дел од Хрватска (иако Србија го оспорува тоа). Фактот дека дел од спорната територија е регистриран во катастарските записи на двете земји, ја прави ситуацијата уште попроблематична. Ако ова прашање се реши според хрватските аргументи и двете страни би контролирале енклави на другата страна од реката.
Хрватска и Босна и Херцеговина, исто така, имаат спорни прашања. Договорот од 1999 година за границата меѓу двете земји беше доведен во прашање од двете страни кусо време откако беше потпишан. И двете се незадоволни од поморската граница, исцртана меѓу хрватскиот полуостров Пелјешац и полуостровот Клек на босанската страна, така што островите блиску до Клек се доделуваат на БиХ и се дел од нејзиниот тесен пристап до морето. Спорното прашање е што границата беше дефинирана врз основа на статус кво од 1991 година, додека историски дел од полуостровот Клек му припаѓаше на Дубровник - најјужната територија на Хрватска. Загреб се забавуваше со плановите да изгради мост со цел физички да го поврзе округот Дубровник со останатиот дел од Хрватска. Покрај тоа, проблематични се границата на реката Уна во близина на Костајница, границата во близина на Зељаве (Бихаќ) и границата во близина на Мартин Брод. Реката Уна и селата на планината Плјешевица се поделени и се протегаат на двете територии, а Република Српска има претензии за остров во реката Уна.
Србија има територијален спор и со БиХ што остана нерешен уште од времето на Југославија. Реката Лим минува низ три балкански држави, игнорирајќи ги нивните граници. Како притока на реката Дрина, Лим доаѓа од Црна Гора, минува низ северниот дел на Санџак и влегува во Босна, но само за неколку километри. Потоа се враќа во Србија и повторно во Босна, оставајќи неколку мали села физички надвор од територијата на Србија. Еден пример е селото Саставци со 1.400 жители. Да се стигне до Саставци преставува авантура што подразбира минување на четири граници. Тоа е босански остров, опкружен од Србија и под српска администрација. Тоа значи дека сите згради и институции и' припаѓаат на српската општина Прибој, додека катастарските записи се во општината Рудо во Република Српска. Полицијата на Република Србија е прва на местото во случај на проблеми, но авторитетот го има босанската полиција. Во селото, двајца браќа живеат во две куќи на иста територија, но со лични карти од две различни земји. Две хидроелектрични централи, исто така, се поделени со границата, но постои несогласување чии се тие централи. По ќор-сокак од четири години комисија за државните граници меѓу двете земји ги обнови преговорите, при што Србија предложи размена на територии, но се' уште не е постигнат договор.
Отсуството на соодветно меѓународно признавање на државноста на Косово создава многу прашања што треба да бидат решени во рамките на билатералните разговори меѓу Белград и Приштина. Агендата на разговорите се' уште не е утврдена, но веројатно ќе ги опфати Прешево и Бујановац во јужна Србија, и областа со српско мнозинство во северно Косово, српските енклави во јужно Косово, и статусот на Православната црква и нејзините манастири во Косово.
Меѓу прелеаните последици од недостиг од решение меѓу Белград и Приштина за проблемот со државноста е и границата меѓу Косово и Македонија. Границата, прво договорена по преговорите меѓу Скопје и Белград во 2001 година, беше предоговорена во 2009 година од Приштина и Скопје за делот што се однесува на Косово и Македонија. Како и да е, Белград смета дека договорот е нелегитимен. Црна Гора, исто така, има некои незавршени прашања со Србија, со Хрватска околу полуостровот Превлака (каде што двете страни се договорија да се обратат до Меѓународниот суд на правдата) и со Косово.
Границите се комплексни прашања, а нивното дефинирање ризикува поделба на општествата, додека она што е потребно на Балканот е помирување на народите. Потенцијалното влијание на недефинираните граници врз проширувањето е огромно. Решавањето на тие незавршени прашања е практичен предуслов за придвижување кон ЕУ. (Јуропијан полиси сентар) |