Одензе - спој на данска цврстина и африкански шмек
Покрај Хелвег, Данците го имаат ексиграчот на Манчестер Ј., Џемба-Џемба, и по еден фудбалер од Нигерија и од Гамбија
Сашко Ѓ. Димовски
Одензе е првиот сериозен предизвик за Работнички во вториот по ранг фудбалски куп на стариот континент во оваа сезона, противникот кој без сомнение заслужува респект, треба да се цени, но не и да се прецени. „Тигрестите“ (официјален прекар на Одензе според изгледот на дресовите и маскотата - тигар) веќе две децении ја сонуваат шампионската титула во својата земја. Последната ја освоија пред точно 20 години (1989 година), претходно победија во данската Суперлига и во 1982 година и во 1977. Покрај трите трофеи првак на Данска, Одензе има и пет титули во националниот куп. Тоа е се што има сторено претстојниот противник на Работнички на данската фудбалска сцена во неговата 120 годишна историја. Формиран е во 1887 година како крикет клуб Одензе. Во почетокот на функционирањето крикет беше единствена спортска активност во друштвото. Фудбалот е вклучен во семејството Одензе во 1889 година заедно со тенисот.
Во моментот во Одензе настапуваат двајца дански репрезентативци, Андерс Мелер Кристенсен и Крис Соренсен. Ростерот на данците го сочинуваат претежно домашни фудбалери од кои најпознат, секако, е 38 годишниот дефанзивец, екс репрезентативец на Данска, и играч на Милан, Томас Хелвег. Подеднакво познат за нас е и играчот за врска, Ерик Џемба-Џемба, интернационалец од Камерун, кој еден период од кариерата мина и кај сер Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед. Покрај него Одензе има уште седум интернационалци. Двајца од нив се Норвежани (Еспен Руд и Атле Роар Халанд), еден Швеѓанецот (Бјорн Рунстрем), еден Исланѓанец (Рурик Гисласон) и по еден фудбалер од Нигерија (Петер Утака), Бразил (Карлош Кака де Деуш Сантош) и Гамбија (Нјогу Демба Нурен).
Одензе во континуитет е член на првата данска лига од сезоната 1999/00, а лани заврши на второто место. Во псоледните девет сезони има едно трето место (2006 година) и три пати завршуваше на четвртата позиција во шампионатот на својата земја (2003, 2004, 2007 година).
Во Скопје доаѓа како лидер во новото данско првенство кое стартуваше пред две недели. Во премиерното коло ремизира на гости кај Брондби (2:2), викендот пред своите гледачи го порази Сондерјиске со 3:1.
Своите натпревари како домаќин Одензе ги игра на „Фионија парк“. Капацитетот на стадионот е за 15,761 гледачи. Изграден е во 1941 година, комплетно реновиран во 1997.
Највреден меѓународен резултат во клупската историја Одензе го забележи во сезоната 1994/95 во тогашниот Куп УЕФА. Во третото коло данците го елиминираа големиот Реал Мадрид. На „Фионија парк“ загубија со 3:2, на „Сантијаго Бернабеу“ во реваншот приредија вистинска сензација со триумфот од 2:0.
Одензе досега одигра 75 натпревари во сите европски купови. Во нив оствари 27 победи, 19 нерешени исходи и 29 порази со гол-разлика 118:103.
РаботниЧки и Одензе во трета
македонско-данска пресметка
Работнички и Одензе ќе го одиграат третиот македонско-дански двомеч во европските фудбалски купови. Билансот е на страната на данските екипи кои во двата наврата досега беа поуспешни од нашите. Премиерата ја имаа Слога Југомагнат и Брондби во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите во сезоната 1999/00. Данскиот првак тогаш во двата меча славеше со идентичен резултат - 1:0.
Четири години подоцна и Победа се судри со противник од Данска. Во сезоната 2002/03 во првото квалификациско коло за Куп УЕФА, прилепчани се соочија со Митјиланд. На „Гоце Делчев“ во Прилеп, Победа триумфира со 2:0, во реваншот во Данска Митјиланд ја анулира негативата од два гола во регуларните 90 минути и постигна трет во продолженија и со вкупен резултат 3:2 ги продолжи настапите во Купот на УЕФА. |