Ставрев ќе суди во Португалија
Македонските фудбалски судии се практично „распродадени“ на европската сцена во текот на квалификациите за Лигата на шампионите и Европската лига. Нашиот најдобар судија Александар Ставрев е одреден да го суди реванш мечот од второто коло за Лигата на Европа во Португалија меѓу Пакос Фереира и израелскиот клуб Бнеи Јехуда на 6 август. Нему ќе му помагаат Кировски и Крстевски, четврти судија ќе биде Димитар Мечкаровски.
Димитар Мечкаровски на 12 август ќе го суди квалификациониот меч за Светското првенство меѓу Словенија и Сан Марино. Негови помошници ќе бидат Душко Милошевски и Петре Кодовски, четврти судија е Горан Спиркоски.
Во септември во Бугарија Димитар Мечкаровски ќе биде главен судија на квалификационен турнир за настап на Европското првенство за фудбалери до 17 години. Заедно со него ќе патува и помошниот судија Петре Кодовски.
Од друга страна Горан Спиркоски во истиот термин ќе биде главен судија на квалификационен турнир, исто така, за фудбалери до 17 години за ЕП во Азербејџан. Помошник ќе му биде Ристо Негриевски од Струга.
Не е заборавен од УЕФА ниту нашиот единствен контролор Ангел Бунгуров, кој на 30 јули ќе го контролира судењето во Лихтенштајн меѓу домашниот Вадуз и Славија од Либерец, Чешка. (М.М.) |