Србија и Хрватска продолжуваат со сите клубови во Европа
Миодраг Мицковиќ
Клубовите од Македонија не се прославија по првото коло во годинашниве натпревари во европските купови. Нашиот шампион Македонија од Ѓорче Петров во квалификациите за Лигата на шампионите беше елиминиран уште на стартот од првакот на Белорусија, познатиот БАТЕ Борисов, кој не прикажа којзнае каква игра во Скопје. Македонија на двапати беше поразена со 0:2.
Во новофомираната Европска лига во претквалификациите испадна Ренова по 1:2 во гости и 1:1 во Скопје од познатиот Динамо (Минск). Што да напишеме за Милано од Куманово. Доживеа вистински дебакл од Славен Белупо од Хрватска. На два меча прими дури 12 гола, во Скопје 0:4, во Копривница 2:8. Полош биланс на некој македонски клуб во европските купови нема.
Остана единствено нашата последна надеж во Европа, Работнички, кој во квалификациите за оваа лига беше поуспешен од северноирскиот претставник Крусејдерс со 1:1 и 4:2. На ред е сега данскиот претставник Оденсе.
Од поранешните ју-републики, сега држави, покрај Македонија и Црна Гора остана со еден претставник. Нивниот шампион Могрен беше декларасиран на двапати со по 0:6 од Копенхаген. Будуќност беше во минус со Полонија (Полска) со 1:0 и 0:3, додека Сутјеска се прости од Европа по минималниот пораз од МТЗ Рипо (Белорусија) 1:1 и 1:2.
Најголемата сензација на стартот на европските купови приреди единствениот клуб од оваа држава што го мина првото коло. Непознатиот Петровац успеа да го исфрли, елиминира, познатиот и богатиот клуб од Кипар, Анортозис со 1:2 и 3:1.Од клубовите во Босна и Херцеговина елиминирани се нивниот шампион Зрински кој загуби од Слован (Братислава) со 1:0 и 0:4, и Широки Брег кој беше послаб за еден гол од австрискиот клуб Штурм 1:1, 1:2. Во игра останаа Сараево по мечот со Спартак од Трнава 1:1 и 1:0 и Славија од Бања Лука по успехот против данскиот Алборг 0:0 и 3:1.
Со два клуба на европската сцена остана и Словенија. По првиот успех во претквалификациите Рудар од Велење беше поуспешен од Транс Марва (Естонија) 3:1 и 3:0, но потоа беше елиминиран од Црвена звезда со 1:0 и 4:0. Испадна и Горица по поразот од Лахти (Финска) 0:2 и 1:0. Нивниот шампион Марибор ја мина првата пречка по победата против ВИТ (Грузија) 3:1 и 0:0, сега во третото коло во квалификациите за Евро лигата ќе се вклучи и Интер блок од Љубљана.
Со сите клубови во Европа останаа Србија и Хрватска. Партизан го декласира Рил (Велс) 4:0 и 8:0, Црвена звезда беше подобра од Рудар Велење 1:0 и 4:0, додека Севојно, кој е второлигаш ја мина првата пречка во мечевите со Каунас (Литванија) 1:0 и 0:0. Во третото коло ќе настапи и Војводина. Првакот на Хрватска Динамо немаше тешка задача со Пјуник од Ерменија, 0:0 и 3:0, веќе напишавме за Славен Белупо во мечевите со нашиот Милано. Претходно, во претквалификациите Славен Белупо беше подобар од Биркиркара (Малта) 1:0 и 0:0, а Риека го мина Диферданш (Луксембург) 0:1 и 3:0. Четвртиот претставник од Хрватска, Хајдук, ќе стартува од третото коло за да избори место во Европската лига. |