Холандските јуниори шампиони на ЕП, Б дивизија
Петнаесетина дена откако на ЕП во Охрид славеа холандските јуниорки истото во Скопје го направија и јуниорите
Само петнаесетина дена откако на ЕП во Охрид славеа холандските јуниорки истото тоа во Скопје го направија и репрезентативците на оваа земја. Ја совладаа Чешка во финалето, дури по петминутното продолжение (88:77), пласирајќи се во А дивизијата (таму оди и Чешка).
Холанѓаните беа тие кои во поголемиот дел од мечот водеа, но највисоката предност ја остварија на стартот од последната четвртина, кога поведоа со осум коша.
Во финишот следуваше драма. На 40 секунди пред крајот Холандија имаше плус четири (70:66), а Харцер погоди за три. Потоа Ворн погоди само едно слободно фрлање, а Јелинек ги погоди своите две за продолженија. Во него Холандија беше подобра благодарејќи на седумте коша на Ван дер Лист.
Неколку часа пред ова финале македонските кошаркари до 20 години убедливо загубија од Австрија во борбата за петото место (67:87). Пресудна за ваквиот епилог беше последната четвртина во која нашите кошаркари тотално се загубија. Сакаа да се потпрат на шутот за три, но и тој не одеше, па во тие десет минути Австријците постиганаа 30 коша, а примија само 11. На крајот завршивме шести, што е реална позиција за лимитираниот состав на Емил Рајковиќ. |