Број 3087  среда, 16 септември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Дел Потро го симна Федерер од престолот во Њујорк

Аргентинецот до својот прв Гренд-слем трофеј стигна со победа во пет сета над првиот носител

Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро и' стави крај на серијата од 40 победи на Роже Федерер на Ју-Ес опен, влегувајќи во клубот на Гренд-слем шампионите. Новиот владетел на Њујорк, висок 1,98 м, го засени Федерер со победата во финалето од 3-6, 7-6, 4-6, 7-6, 6-2 за својата прва Гренд-слем круна. Во наелектризираниот четиричасовен маратон обележан со многуте грешки на Федерер, со спорови околу повикувањето на „соколовото око“, со дуели со судијата и со бучно учество на навивачите буквално во секој поен, дојде до израз убиствениот форхенд на Дел Потро, кој го спречи Швајцарецот да стигне до рекорден шести триумф во низа на Ју-Ес опен.

Откако со двојната сервис-грешка противникот му подари трета меч-топка, Дел Потро со поглед го испрати долгиот бекхенд на Федерер што заврши надвор од теренот. Го фрли рекетот, легна на грб и со рацете си го покри лицето, прославувајќи го најголемиот успех во кариерата. Додека телото се' уште му се тресеше од емоции, Дел Потро повторно застана на нозе, а од очите му тргнаа солзи.

„Имав два сона неделава - едниот да го освојам Ју-Ес опен, а другиот да бидам како Роже“, и' се обрати на публиката 20-годишниот тенисер, кој од „Големото јаболко“ си заминува побогат за 1,85 милиони долари. Вртејќи се кон својата жртва, шестиот носител додаде: „Едната е остварена, но треба доста да напредувам за да бидам како тебе. Ти се бореше до последниот поен. Ти си голем шампион. Тоа ќе ми остане на ум засекогаш“.

Победникот на Ролан Гарос и на Вимблдон годинава, Федерер, кој во финалето поместено во понеделникот се обиде да ја освои својата 16. Гренд-слем титула, изјави: „Имав извонреден турнир, но тој беше најдобар“.

Победата под рефлекторите на стадионот „Артур Еш“ го промовира Дел Потро во прв Јужноамериканец што триумфирал во Њујорк по неговиот сонародник Гилјермо Вилас во 1977 година. Но, за разлика од тој ден пред 32 години, Дел Потро не беше опкружен на теренот од дузина фанови што сакаат да бидат блиску до шампионот. Наместо тоа, тој си истури студена вода врз целата глава за да се осигура дека не сонува.

Аргентинецот исто така е првиот кому му успеало да ги совлада Шпанецот Рафаел Надал, кому му препушти само шест гема во полуфиналето, и Роже Федерер еден по друг на Гренд-слем турнир. Швајцарецот филозофски го објасни поразот.

„Денеска бев на два поена до победата. Понекогаш така се одвиваат нештата“, рече тој. „Но, имав неверојатна година, во која стигнав до финалето на сите четири најголеми турнири и освоив два од нив, а другите ��ве финалиња ги загубив во пет сета. Секако дека посакувам да ги освоев и тие два турнира, но годината и без тоа е чудесна - се оженив и добив деца, па не знам што повеќе би можел да посакам“.

На теренот, меѓутоа, Федерер знае да биде многу лаком човек. Имајќи предвид дека ги имаше добиено сите шест претходни дуели со Дел Потро, тој беше решен да продолжи во тој стил. Го освои првиот сет и на 5-4 за него во вториот го делеа две топки до водство од 2-0 во сетови, но првиот носител се најде во чудо кога „соколовото око“ му донесе брејк-топка на Дел Потро. Убеден дека нешто не е в ред со системот за следење на движењето на топчето, изнервираниот Федерер го загуби својот сервис, а во продолжението Дел Потро беше подобар во тај-брејкот со 7-5.

Тоа беше прва од многуте одлуки со примена на „соколовото око“ што го извадија од рамнотежа Швајцарецот и, откако Дел Потро се мислеше и потоа побара челенџ на крајот од деветтиот гем од третиот сет, Федерер експлодира.

„Ма, ајде. Дозволени се две секунди за да се побара челенџ, а типот си зеде десет“, му се истури Роже на судијата на стол Џејк Гарнер. „Има ли воопшто правила? Тоа траеше предолго“. Гарнер му кажа да се смири, но обично мирниот Федерер му врати: „Не ми кажувајте да се смирам. Ќе зборувам кога сакам да зборувам. Баш ми е гајле што вели тој“.

„Запален“ од ситуацијата, Федерер го казни Дел Потро во наредниот гем. Сервирајќи за да остане во сетот, Дел Потро промаши лесен смеч за 0-15. Во следниот поен форхендот на Федерер заврши во врвот од мрежата, но падна во полето на Аргентинецот. Федерер ја крена раката во знак на извинување, но противникот ги ококори очите и како да сакаше да каже: „Сериозен си?“. Следуваа две двојни сервис-грешки и сетот отиде неврат за Аргентинецот.

Но, форхендот на Дел Потро, кој се покажа многу ефикасен во вториот сет, повторно почна да испорачува винери во четвртиот сет, а начинот на кој ги удираше топчињата со сета сила ја разбуди публиката. При водство од 3-2 и со брејк во џебот, тој триумфално ја заврши размената на дури 21 удар, но четири гема подоцна Федерер беше тој што се најде на две топки до победата. Сепак, громовните удари го вратија во живот Дел Потро, а речиси еден час подоцна тој лежеше на теренот опиен од големата победа.


#
Статијата е прочитана 436 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Насловна
Контроверзиите и вистините за Тодор Александров (3)
Борба со идеи, а не со летоци
Русија ни ги прекина соништата за четврт-финале
Зденко
Бугарски пасоши за тројца спасувачи на туристите
Oслободен киднапираниот син на бизнисменот Фатмир Етеми
Ребалансот - алиби на власта дека се бори со кризата
Темели среде Вардар
ЕЛЕМ и ЕВН повторно на суд
Соработка со Кина со стратегија, а не со демагогија
Донациите на медиумите за партиите мирисаат на корупција
Нема ни хигиена ни пари од Законот за јавна чистота
Ким Клајстерс
Карикатура