ЕДИТОРИЈАЛ
Дефицит на стратегии за трговскиот дефицит
Александрија Стевковска
Македонија се соочува со најцрното економско сценарио во својата историја, во исчекување експлозија на последиците од досега невидениот раст на трговскиот дефицит. Дефицитот досега можеби и не изгледаше „толку страшен“, бидејќи сите земји имаат дефицит, некоја помалку некоја повеќе, но пробивањето на границата од две милијарди долари значи дека треба да се вклучи сигналот за аларм кај сите надлежни инстанции, за да се преземат мерки за санирање на последиците, но и за да се забави процесот на раст на дефицитот. Сликата за понирање на македонската економија се комплетира со прогнозите дека до крајот на годинава може да ни се случи дефицит од три милијарди долари, што би значело крах во секој поглед, а не само економски.
Ова предвидување се заснова на фактот дека рецесијата што го зафати светот речиси ја стопираше побарувачката за металите кои ги произведува нашата индустрија и чиј удел во извозот е најголем. Падот на интересот за метали значи дека Македонија наредните месеци речиси нема да извезува, што уште повеќе ќе ја зголеми разлика меѓу увозот и извозот, во корист на увозот. Намалувањето, пак, на извозот, освен што дополнително ќе го подгрее растот на трговскиот дефицит, ќе остави илјадници луѓе без работа, што веќе станува сурова македонска реалност.
Тоа би значело дека негативните импликации од светската криза, освен на трговското салдо, посредно влијаат и врз нашето стопанство, кое се' потешко се снаоѓа во безмилосните услови за работа. И додека до неодамна главен виновник за уништувачкиот поход на дефицитот врз нашата економија беше неконкурентноста на нашите производи, поточно извозот на полуфабрикати наместо готови производи, како и високите цени на енергенсите, сега проблем е и светската глобална криза, која ги парализира сите економски активности. Таа криза отвора простор за уште поголем пад на економијата, а раст на дефицитот.
На опасноста од трговскиот дефицит која го демне стопанството и потребата од државна интервенција беше укажувано од експерти и меѓународни економски институции, но Владата беше глува. Во услови на брзорастечки дефицит, млако изгледаат изјавите на одговорните дека дефицитот е закана, но не толку голема и страшна, бидејќи се' уште има средства со кои тој се покрива, а тоа се дознаките од странство и инвестициите. Тоа дека ние, но и сите земји во светот, имаме проблем докажува актуелната ситуација, поради која, најверојатно извесен период, ќе секнат и двата извора за покривање на негативната разлика што се јавува меѓу увозот и извозот. Ќе се намалат дознаките, ќе се намалат инвестициите. Тоа значи дека земјава итно мора да преземе мерки за заживување на стопанството и да се обиде дел од увозот да супституира со сопствено производство.
Според експертите, државава мора да им помогне на фирмите со финансиска инјекција, која ќе овозможи пребродување на овие тешки времиња, а фирмите мора да се преструктурираат и да работат на извоз од секторот на услуги кои доминираат во извозот на развиените национални економии, како што се информатичките, финансиските и инвестициските услуги, кои можат, исто така, да ја кренат вредноста на македонскиот извоз.
Многу важно и позначајно за нашето стопанство, исто така, е да се изработи економска политика за зголемување на извозот, што ќе подразбира поттикнување на менување на производната структура на капацитетите за да се добие заокружен систем на производство, со што производите би биле целосно македонски. Со тоа би се намалил дефицитот и Македонија би добила конкурентни и брендирани производи кои би биле барани во перидот на заздравување на светската економија, би обезбедувале поголем девизен прилив и би ги ублажиле последиците од дисбалансот на увозот и извозот. |