Неизвесна иднината за 3.500 работници во металургијата

Компаниите не можат сами да се справат со кризата и бараат помош од државата
Маја Томиќ
Металуршките комбинати ќе пропаднат ако цената на металите на светските берзи и натаму продолжи да паѓа. Како резултат на глобалната економска криза, почна драстично да паѓа побарувачката на пазарот, поради што оди надолу и цената на металите. Оваа состојба речиси го преполови производството во „Фени индустри“, „Митал стил“ и „Скопски легури“. Засега добро стојат „Силмак“ и „Макстил“, поради се' уште високата продажна цена на феросилициумот, на челикот и на производите од челик. Од „Силмак“ велат дека произведуваат феролегури со несмален интензитет и внимателно ги следат светските движења во црната металургија, особено во производството на феролегури. Производството тече на сите седум печки, од кои месечно се добива по 5.000 тони феролегури, особено феросилициум. Моментно не станува збор за принудни одмори на работниците и на своите работни места се наоѓаат сите 680 вработени. Во компанијата сметаат дека Владата ќе се вклучи во разрешувањето на енергетската состојба и во надраснувањето на новосоздадените проблеми.
Според Митко Кочовски, директор во „Макстил“, засега не се планира намалување на бројот на вработените или праќање на принуден одмор, но Владата не треба да остане индиферентна на општата криза во оваа значајна индустриска гранка и да се става на страна од случувањата ако се знае дека нејзиното учество во БДП изнесува 12 отсто, а во вкупниот извоз минатата година металскиот комплекс учествува со околу 50 проценти.
„Не може да се оставиме сами на себе, бидејќи сите трпат економски последици од кризата, не само компаниите, туку и целата македонска економија“, вели Кочовски. Од „Фени индустри“ велат дека мерките на Владата не би важеле засекогаш, туку би биле краткорочни, само додека се премости оваа криза.
Падот на цената на никелот е драстична последниот месец - од околу 50.000 долари по тон пред една година, на 12 илјади долари овие денови. Поради тоа, пред една недела беа пуштени на принуден одмор, со 70 отсто од плата, околу 200 работници од „Фени индустри“ и толку и од „Митал стил“ , погонот „Полуконти“. Лошиот период ќе се користи за ремонти. До пред неколку дена на принуден одмор од два месеца се испратија уште 200 работници од „Скопски легури“, со најава дека ќе се испратат дома уште 500. Причина за тоа е што извозната цена на произ��одите на „Скопски легури“ , фероникел и манганови феролегури моментно е пониска од цената на суровината.
Поради неможноста на компаниите сами да најдат излез од ситуацијата, тие побараа средба со владини претставници, која се надеваат дека ќе се одржи денеска. „Светската економска криза ја зафати и земјава и направи општа мобилизација кај металуршките комбинати“, велат од „ИГМ трејд“ од Кавадарци. Компаниите очекуваат дека денеска ќе дојде до средба со вицепремиерот Зоран Ставрески. Сопственикот на најпрофитабилната македонска компанија „ИГМ трејд“ од Кавадарци Илија Гечев вели дека имаат големи залихи на репроматеријали, кои се купени по повисоки цени од моменталните на Берзата.
„Имаме 17 милиони евра во залиха. Падната е и побарувачката на готови производи, а цената на доларот расте. Никој не знае до кога ќе трае кризата. Во краен случај, можно е да дојде и до отпуштања од работа“, вели Гечев и објаснува дека, по барање на Владата, до Министерството за економија доставиле извештај за тоа како се снаоѓаат во оваа ситуација и што предлагаат за надминување на кризата. Ако продолжи кризата, големите металуршки компании не ја исклучуваат можноста да побараат од Владата поевтина струја. Од ИГМ велат дека ќе се бара и порелаксирано финансирање на ДДВ-то и намалување на царинските давачки.
„Ситуацијата е статус кво. Цените на Берзата рапидно паѓаат. Не знаеме што да правиме. Неизвесноста е голема. Првата технолошка линија запре со производство, дел од вработените се на принуден одмор. Се' уште немаме конкретна помош од Владата, но има најави за поддршка“, вели директорот на „Фени индустри“ Никола Ризов. Според него, итно мора да се преземат превентивни мерки по примерот на Европа и САД, во спротивно, во идниот период „Фени“ може целосно да го запре производството и да отпушти уште работници.
Владата досега не искажа поголема загриженост за состојбата. Вицепремиерот Ставрески, при неодамнешната посета на Светска банка и ММФ во Вашингтон, рече дека Владата ќе интервенира со набавка на нови вагони за „Македонски железници“, што ќе биде од значење за металските компании, бидејќи тој транспорт е за околу 30 отсто поевтин отколку со камиони.
За време на неодамнешната посета на министерот за економија Фатмир Бесими на „Фени индустри“, генералниот директор на компанијата Константинос Даскалакис побара помош за тешката економска состојба и за сериозните загуби во работењето. Тој побара од Владата да се забрза постапката за концесија за нов коп за експлоатација на никел и враќање на слободната економска зона, што беше ветено уште со приватизацијата на комбинатот. Бесими, пак, порача дека компаниите треба да бидат трпеливи во оваа моментална криза, а Владата ќе ги разгледува можностите за евентуална помош.
Инаку, според СИЕР, Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство, во „Фени“ се вработени околу 1.000 работници, приближно колку што има и во „Митал стил“, во „Макстил“ работат 830, а во „Силмак“ 640 лица. „Скопски легури“ бројат околу 900 вработени, и нема синдикат, што би можело да претставува проблем за остварувањето на законските права на работниците доколку добијат откази.
Но, не е загрозена само судбината на околу 3.500 работници во овие компании, туку и на повеќе од 40.000 работници, велат во СИЕР, бидејќи на еден работник во металската индустрија доаѓаат уште 10 други работници од други дејности со кои е врзано работењето на овие компании, како што се транспортот, железницата, енергетскиот сектор, дрвната индустрија, градежништвото, текстилната, прехранбената индустрија... Во голем процент ќе биде погодена и „Македонски железници“, со кои се транспортира околу 80 отсто од производите од металуршките компании.
Во црната и во обоената индустрија се ангажира директно околу 6.000 лица, а минатата година нејзиното учество во вкупниот извоз беше 47 отсто. Во првиот квартал од годинава, 12,6 проценти од вкупниот БДП отпаѓа на вадењето руда и камен јаглен, на преработувачката индустрија и на снабдувањето со електрична енергија, гас и вода. Производството од основните метали, или црната и обоената индустрија, во вкупниот физички обем на индустриско производство учествува со 12 отсто, а во вкупната вработеност на ниво на индустрија и рударство со 11 проценти. На годишно ниво, девизниот приход што го остваруваат компаниите од црната и од обоената металургија изнесува околу милијарда долари.
(Во изработка на текстот учествуваа и дописниците Ангел Данов и Гојко Ефтоски)
|