Нова тактика на талибанските борци

Годинава ќе заврши со најголем број загуби меѓу сојузничките сили во Авганистан
Рихард Кислер Дипломатски уредник на ВАЦ
КАБУЛ - Терористи од два мотоцикла отворија оган кон своите жртви во автомобил. Малалаи Какар, една од најпознатите и највисоко рангирани полицајки во Авганистан и мајка на пет деца, загина на самото место, изрешетана со куршуми.
Два дена подоцна тројца американски војници кои беа во патрола налетаа на експлозивна направа. Кампот на германските војници во Мазар и Шариф е погоден со минофрлачки гранати. Следниот ден, прекинувајќи ги рамазанските пости, авганистанскиот претседател Хамид Карзаи му понуди рака на помирување на талибанскиот лидер Мула Омар: „Брате, врати се во својот дом, дојди и работи за мирот и луѓето тука“. Зајадливиот одговор на Омар можеше да се прочита на Интернет неколку часа подоцна: „Ние им нудиме на американските војници и на војниците од силите на НАТО чесни услови за повлекување. Ако останат во земјата, странските сили ќе бидат поразени како оние на Советскиот Сојуз“.
Ова се само делови од сегашните вести. Но, тие се длабоко загрижувачки пораки во текот на годината во која се забележани најголемите загуби во Хиндукуш откако радикалните исламистички Талибанци („религиозни студенти“) пред седум години беа симнати од власта. Веќе е јасно дека 2008 година ќе ги надмине сите негативни рекорди: повеќе од 4.000 загинати, најмалку една третина од нив невини цивили, 221 војник од ИСАФ-силите ги загубија своите животи од почетокот на октомври, повеќето од нив Американци. Во последниве три месеци воената коалиција што ја сочинуваат 40 земји во борбата против бунтовниците загуби повеќе војници отколку во Ирак за време на истиот период.
Нема сомневање дека безбедносната ситуација во Авганистан драматично се влошува. По седум години прилично успешна работа на реконструкцијата, претседателот Карзаи е во најлошата ситуација откако е на власт. Напорите да се формираат авганистанска армија и полициски сили се' уште се на почеток, одржливиот развој во екстремно сиромашната земја бележи надолна линија поради практично непобедливиот систем за фаворизирање и противуслуги за традиционалните елити на власт, вообичаено составени од воени лидери и племенски водачи.
Владината и дипломатска област во Кабул личи на најдобро обезбедувано подрачје. Утврден зад блокадите на патот со снајперски гнезда, бетонски ѕидови, бодликави жици и вреќи со песок, се наоѓа штабот на ИСАФ. Пред две години сојузничките војници во Кабул беа во можност прилично слободно да се движат наоколу. Сега тие можат да ги напуштат позициите само вооружени, со заштитни елеци и оклопни возила.
„Тука не' гледаат како освојувачи“, стравува еден грчки офицер. Не од страна на обичното население, туку од Талибанците. „Ако сакаме да ја добиеме војната тука“, посочува еден германски мајор, „и ако ги користиме реперите од Косово, ќе ни бидат потребни 800.000 војници“. Секако, тоа е чиста воена теорија. Но, најдоцна по претседателските избори во САД ќе се зголеми притисокот за зголемување на бројот на војниците во ИСАФ, кои сега се околу 51.000.
Во оваа асиметрична војна, Куран-воините немаат шанса во директната конфронтација со добро опремениот противник. Ова ги прави нивните експлозивни замки, автомобили-бомби и самоубиствените бомбашки напади уште поопасни. Седумдесет отсто од овие напади се изведуваат само во 10 отсто од земјата, главно во јужниот и југоисточниот дел. Но, веќе извесно време, исто и на север, а војниците од ИСАФ може да ги „задушат“ експлозивните замки кои се активираа со помош на мобилни телефони со станици за придушување или т.н. придушувачи. Тоа е и причината зошто герилците сега се концентрираат на напади, кои се потпираат на жици, со многу поголема експлозивна сила. Не постои оклоп што ќе може да заштити од оваа комбинација од мини и авионски бомби. И ако заштитата е доволна, војниците наидуваат на опасност да бидат изненадени од втора детонација или да налетаат на заседа.
Овие методи беа тестирани во Ирак, што не треба да чуди, бидејќи на Талибанците им се приклучија поголем број искусни борци од исламските земји. Се открива секоја втора експлозивна замка. „Или ние ќе ги откриеме или населението ќе не' предупреди“, вели еден канадски полковник. Патролите имаат награди за ваквите случаи. Но, веќе извесно време „антиавганистанските сили“, како што Американците ги нарекуваат, ги напаѓаат новоизградените мостови и патишта. Тие сакаат да ја направат земјата, каде што во поголемиот дел владее беззаконие, сосема без контрола и тука да ја изградат својата теократија. |