Поглед
Кој повеќе ќе промаши
Роберт Димитриевски
Ако, по некоја случајност, целта на фудбалската игра се состоеше во тоа кој повеќе ќе промаши, тогаш на Македонија ќе и' немаше рамна. Тоа што избраниците на Среќко Катанец успеаја да не го претворат во гол на натпреварот со Исланд од квалификациите за Светското првенство во Јужна Африка се граничи со перфекција во оваа извртена логика. Десетина стопроцентни можности за спроведување на топката во мрежата на „рибарите“, а ниту еден погодок. За такво нешто македонските репрезентативци станаа мајстори.
Мечот во Рејкјавик е уште една потврда за неверојатната умешност на најдобрите македонски фудбалери да не победат ни тогаш кога противникот едноставно ги моли за тоа и кога сите околности им одат на рака. Не, тие како да претпочитаат да не успеат и прерано да си ги сведат на теорија изгледите за настап на СП или на ЕП. Тамам овдешните љубители на најважната споредна работа на светот ќе поверуваат дека фудбалерите, конечно, созреале за квалитативен и резултатски исчекор и - повторно ќе се разочараат.
Не знаат ли да играат фудбал или проблемот е во нивните глави? На неискуство не можат да се вадат, зашто веќе една и пол деценија Македонија учествува во некакви квалификации. Немаат среќа? Не ќе да е тоа причината за киксовите против Андора, Лихтенштајн, Молдавија, Азербејџан, Ерменија, лани со Естонија во Скопје, сега со Исланд...
Згора на се', ова е втор квалификациски циклус како ги води тренер со кого Словенија отиде на две големи натпреварувања. Што треба уште за да се расчисти веќе еднаш со губитничкиот менталитет секогаш кога ќе се укаже макар и најмала шанса за историски успех? |