Пеколна завршница на Србија за прво место на „Екс ЈУ“
На само шест минути до крајот на финалето во Љубљана Србија губеше од Хрватска со 10 поени разлика. Но, потоа се' презеде во свои раце и славеше со конечни и нестварни 80:71.
Дури 27 коша во последната четвртина постигна Србија, а само 11 Хрватска. Наместени беа рацете на Тепиќ, Савановиќ и најефикасниот со 16 коша Крстиќ, кои го помножија со нула сето она што Хрватите го градеа во претходните три четвртини.
„Хрватскиот комплекс се' уште трае. Во седум минути не наруши српскиот ураган“, со овој наслов „хрватскиот сајт“ Индекс го опиша мечот меѓу лутите ривали, додавајќи дека коцкестите демонстрирале како најбргу може да се загуби добиен натпревар.
„На Хрватите ова им е колку што знам јас шести подготвителен меч и тие се пред нас што се однесува до тренажниот процес. Веројатно беа посвежи и опуштени, но и многу агресивни. Ние губевме топки, примавме лесни поени, слабо скокавме и имавме големи осцилации во играта, особено на почетокот на првата и третата четвртина. Но, забивме две одлучувачки тројки во самата завршница. Ни претстои многу работа за да ставиме се' на свое место“, изјави селекторот на Србија Душан Ивковиќ.
КрстиЌ МВП на турнирот
Покрај трофејот за победникот на турнирот „Адеко куп екс ЈУ“, репрезентативците на Србија добија уште две признанија.
Капитенот Ненад Крстиќ е прогласен за најкорисен ��грач на турнирот, а покрај него во идеалната петорка е и Милош Теодосиќ. Во тој најдобар тим се наоѓаат и Горан Драгиќ (Словенија), Мирза Телетовиќ (БиХ) и Бојан Богдановиќ од Хрватска.
„Среќен сум поради признанието. Но, уште посреќен што успеавме да одиграме фантастично во финишот со Хрватска. Овој триумф многу ни значи, особено на полето на самодовербата, бидејќи го продолжуваме континуитетот на победи. Тука е историјата, големото ривалство. Не одигравме на највисоко ниво, но кога беше најпотребно покажавме карактер. Нас притисокот дополнително не мотивира. Знаеме како да се избориме со него“, изјави Крстиќ. |