Серена Вилијамс доминантна, Клајстерс повредена
Серена Вилијамс и Ким Клајстерс го напуштија теренот во различно расположение по мечевите на ВТА турнирот во Торонто. Американката очекувано ја мина првата пречка, а Белгијката, втора носителка, која беше слободна на стартот, во второто коло беше принудена да се повлече поради повреда во дуелот со Кинеската Жие Женг. Овој пат не станува збор за глуждот што и' задаваше главоболки на Клајстерс во изминатите неколку месеци туку за повреда на стомачните мускули. По мечот рече дека се работи за парцијална руптура и според првичните проценки ја чека недефинирано долга пауза.
„Имам неколку недели до почетокот на Ју-Ес опен. Ќе сторам се да бидам подготвена“, изјави Клајстерс за можноста да се опорави до последниот Гренд-слем турнир во сезоната што го освојуваше во изминатите две сезони.
Такви проблеми нема Серена Вилијамс. По неодамнешната титула во Станфорд каде меѓудруго победи и две тенисерки од топ 10, Марија Шарапова и Марион Бартоли, Американката продолжи во победнички ритам во Торонто. На стартот не и' даде шанса на Украинката Алона Бондаренко во двата сета што ги доби со 6:0, 6:3. Посебно доминантна беше во првиот што го заврши само за 16 минути и притоа загуби само четири поени, ниту еден на свој сервис.
„Сакам да поправам уште некои работи. Ќе се обидам да играм уште поцврсто. Не сакам уште сега да би��ам во Гренд слем форма затоа што има многу време до почетокот на Ју-Ес опен. Сакам да бидам најдобра во вистински момент“, вели Серена Вилијамс која во второто коло ќе игра против Германката Јулија Гергес.
ВТА турнир, Торонто:
Резултати, 2. коло: Женг (Кина) - Клајстерс (2., Белгија) 3:6, 2:1 (Клајстерс го предаде мечот)
Резултати, 1. коло: Бенешова (Чешка) - Цубилкова (16., Словачка) 7:5, 4:6, 1:3 (Цибулкова го предаде мечот), Вознијак (Канада) - Пер (Израел) 6:1, 6:0, С. Вилијамс (САД) - А. Бондаренко (Украина) 6:0, 6:3. |