Македонија на стартот со Шпанија
Најдобрите македонски ватерполисти и студенти и пливачи ќе настапат на Универзијадата во кинескиот град Шенжен која се одржува од 11 до 23 август. Имаше доста проблеми околу настапот на нашите претставници во оваа најголема студентска спортска манифестација во светот од причина што беше доста тешко да се обезбедат финансиски средства за скапите авионски билети бидејќи еден повратен билет чинеше 1.400 евра. Благодарение на големото залагање на претседателот на Универзитетската спортска федерација Благоја Марковски со помош на универзитетските спортски сојузи, дел од трошоците го платија и самите учесници, еден дел беше и позајмица, сепак се обезбедија средства македонските спортисти - студенти да заминат за Кина. Веќе денес први ќе стартуваат ватерполистите во меч со Шпанија, на 13 август ќе играат со Турција, а на 15 со домаќинот Кина.
За Шенжен замина една солидна репрезентација во ватерполо која ја сочинуваат и нашите стандардни репрезентативци засилени со странските ватерполисти кои имаат македонско државјанство. Тоа се Маринковиќ, Ранчиќ, Летица, Петровиќ, Калиниќ, Мишиќ, потоа Јаневски, Милановиќ, Пулејковски, Димовски, Синадиновски, Тасевски, Д. Недановски и Манасков под раководство на тренерите Латковиќ и Кузмановски.
Во Шенжен ќе настапат и пливачите Бојан Јовановски, Тони Јанковски, Мартин Стефановски, Марко Блажевски, како и пливачката Моника Спасовска. За нивниот настап ќе се грижи нашиот најпознат пливачки тренер Димитрија Поповски. (М.М.) |