Тројца македонски државјани убиени во Косово
Причините за крвавиот напад ��ај Витина, во кој настрадаа четири лица, се' уште се утврдуваат
Горан Адамовски
Тројца македонски државјани се убиени во крвав инцидент што се случи вчераутро крај косовскиот град Витина. Во нападот било убиено уште едно лице, државјанин на Косово, кој бил во автомобилот заедно со македонското трио. Убиецот е во бегство, а тамошната полиција се' уште истражува кои биле причините за инцидентот. Се шпекулира дека станувало збор за криминална пресметка, но надлежните засега не ги потврдуваат ваквите гласишта.
Нападот се случил вчераутро околу 4 часот во близина на Витина, на патот кон селото Клокот. Според косовските медиуми, непознатиот напаѓач во заседа ги начекал жртвите, кои се возеле во „мерцедес“ и од возило во движење испукал серија куршуми кон нив. Косовската полиција, со тврдење дека работат на случајот, одбиваше да го соопшти идентитетот на починатите.
Речиси цел ден се изменуваа податоците дали кај Витина биле убиени двајца или тројца македонски државјани. „Се сомневаме дека двајца од убиените се од Македонија, а двајца од Косово. Работиме на утврдување на нивниот идентитет“, изјавија претпладнето од полицијата во Приштина.
Подоцна, сепак, беа потврдени првичните информации дека во нападот биле убиени тројца македонски државјани. Според косовскиот портал „Балкан веб“, станува збор за Кенан Адеми (29) и Казим Бакија (24), двајцата од кумановското село Никуштак, како и Кемал Агуши (27) од Слупчане. Убиениот косовски државјанин бил Бардуљ Фетаху.
„Веќе стапивме во контакт со косовската полиција околу потврдување на идентитетот на лицата, преминот на границата, легалноста на нивниот престој и евентуалното постоење криминално досие“, изјави вчера министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Причините за инцидентот ги истражува косовската полиција. Тамошните власти ќе утврдуваат дали станува збор за криминална постапка и дали убиените македонски државјани биле дел од списокот криминалци што им го достави македонското МВР на косовските колеги. |