Кисело киви за светскиот првак
По ремито со Парагвај, Италија одигра идентични 1:1 и со аутсајдерот Нов Зеланд
Нов Зеланд е виновникот за еден од најшокантните резултати во досегашниот тек на Светското фудбалско првенство во Јужна Африка, играјќи 1:1 со Италија, со што го доведе светскиот шампион во незавидна положба во однос на пласманот во вториот круг. Популарните „киви“ поведоа уште во 7 мин. преку Шејн Шмелц, по што се најдоа под баражен оган од Италијанците во најголемиот дел од остатокот од натпреварот во Нелспруит. Тимот на Марчело Липи го пронајде патот до противничката мрежа во 29 мин., кога Винченцо Јакинта израмни од пенал откако стартот на Томи Смит врз Даниеле де Роси во шеснаесетникот беше окарактеризиран како прекршок за најстрогата казна.
И покрај нападите во бранови до крајот на средбата, „аѕурите“ не успеаја да стигнат до победнички погодок, останувајќи само со два бода по првите две кола во групата Ф. Во последниот круг тие се среќаваат со Словачка и ќе им биде потребна победа за сигурен пробив меѓу најдобрите 16 селекции на Мундијалот.
Новозеланѓаните исто така имаат два бода и свои калкулации за историски прв пласман во вториот круг на планетарните фудбалски шампионати. Нивна последна пречка во групата ќе биде Парагвај.
„Знаев дека ќе бидеме мотивирани и оти ќе го кренеме нивото на играта против Италија, но покажавме и завидна игра во одбраната, поради што сум многу задоволен“, изјави селекторот Рики Херберт. „Ќе биде крваво тешко да не' победат. Ви гарантирам“.
Ова е највредниот резултат во скромната фудбалска историја на Нов Зеланд. Претходниот настап на СП заврши со три пораза.
Од друга страна, за Италијанците ова е засрамувачки епилог. И покрај постојаниот притисок што го вршеа, тие се' уште се само сенка на репрезентацијата што го крена шампионскиот пехар пред четири години.
Нов Зеланд сензационално го почна мечот, погодувајќи од својот прв напад. Сајмон Елиот испрати долг центаршут од слободниот удар од левата страна на спротивниот дирек, топката ги прелета главите на италијанските дефанзивци и се одби од коленото на Фабио Канаваро, дојде до слободниот Шмелц и нему не му беше тешко да ја спроведе во мрежата. Италијанскиот селектор Липи забележа дека вторпат на првенството неговите избраници примаат гол од долг слободен удар.
Италијанците веднаш преминаа во офанзива и извршија опсада на новозеландскиот гол до крајот на првото полувреме. Во 22 мин. Џанлука Ѕамброта со десната нога биеше само неколку сантиметри над делот од голот во кој се спојуваат дирекот и пречката, а пет минути подоцна и Рикардо Монтоливо не реализира убава можност.
Голот на противникот висеше и по две минути дојде до израмнување. Смит го повлече Де Роси за дресот внатре во шеснаесетникот, Италијанецот театрално падна и судијата Карлос Батрес од Гватемала покажа на белата точка. Смит доби жолт картон, а Јакинта го претвори пеналот во погодок.
„Тоа беше смешна одлука на судијата“, изјави по мечот капитенот на Нов Зеланд, Рајан Нелсен.
Липи направи две измени на полувремето, внесувајќи ги Мауро Каморанези по десната страна и Антонио ди Натале во средината. Обајцата внесоа живост во италијанскиот напад, кој, сепак, не најде повеќе решение за одбраната на противникот.
Голманот Марк Пестон ги одбрани ударите од далечина на Монтоливо и на Каморанези во последните 20 минути. На спротивната страна Крис Вуд, кој влезе во вториот дел, за малку не и' донесе победа на својата земја, кога го помина Канаваро и испрати низок удар кон голот, а голманот Федерико Маркети одбрани со врвот од прстите на левата рака.
Последниот свиреж на судијата го означи големото славење на околу илјада навивачи на Нов Зеланд на трибините на стадионот „Мбомбела“.
Група А
Табела
1. Уругвај 2 1 1 0 3:0 4
2. Мексико 2 1 1 0 3:1 4
3. Франција 2 0 1 1 0:2 1
4. Ј. Африка 2 0 1 1 1:4 1
Група Б
Табела
1. Аргентина 2 2 0 0 5:1 6
2. Ј. Кореја 2 1 0 1 3:4 3
3. Грција 2 1 0 1 2:3 3
4. Нигерија 2 0 0 2 1:3 0
Група Ц
Табела
1. Словенија 2 1 1 0 3:2 4
2. САД 2 0 2 0 3:3 2
3. Англија 2 0 2 0 1:1 2
4. Алжир 2 0 1 1 0:1 1
Група Д
Табела
1. Гана 2 1 1 0 2:1 4
2. Германија 2 1 0 1 4:1 3
3. Србија 2 1 0 1 1:1 3
4. Австралија 2 0 1 1 1:4 1
Група Е
Табела
1. Холандија 2 2 0 0 3:0 6
2. Јапонија 2 1 0 1 1:1 3
3. Данска 2 1 0 1 2:3 3
4.Камерун 2 0 0 2 1:3 0
Група Ф
Табела
1. Парагвај 2 1 1 0 3:1 4
2. Италија 2 0 2 0 2:2 2
3. Н. Зеланд 2 0 2 0 2:2 2
4. Словачка 2 0 1 1 1:3 1
Група Г
Табела
1. Бразил 2 2 0 0 5:2 6
2. Португалија 2 1 1 0 7:0 4
3. БСК 2 0 1 1 1:3 1
4. С. Кореја 2 0 0 2 1:9 0
Група Х
Табела
1. Чиле 1 1 0 0 1:0 3
2. Швајцарија 1 1 0 0 1:0 3
3. Хондурас 1 0 0 1 0:1 0
4. Шпанија 1 0 0 1 0:1 0 |