Штрајк во француската репрезентација
Хаос во таборот на француската фудбалска репрезентација. „Триколорите“, актуелни планетарни вицешампиони, освоија само бод во двата одиграни меча на Светското првенство во Јужна Африка, а атмосферата во тимот е очајно лоша.
По исфрлувањето на Николас Ањелка од националниот тим поради навредување на селекторот Рајмон Доменех, се нижат инцидент за инцидент. Најпрво повозрасните играчи во составот се обидоа да откријат кој им дојави на новинарите за недисциплината на Ањелка, потоа настана караница и турканица меѓу капитенот Патрис Евра и кондицискиот тренер, Роберт Дуверне, по што фудбалерите одбија да тренираат прогласувајќи штрајк. Епилог од сето тоа е поднесената оставка на директорот на репрезентацијата Жан-Луис Валентин, кој предвреме се враќа во Париз.
„Играчите се однесуваат како разгалени детишта. Ова е скандалозно за Франција и за репрезентацијата. Никаде во светот фудбалерите не се однесуваат така. Ми се гади и ја напуштам федерацијата“, рече Валентин.
Како што јавуваат француските медиуми, турканицата меѓу Евра и кондицискиот тренер се случи на тренинг во неделата. „Огнот“ се обиде да го изгаси Доменех, ��о не успеа, а изнервираниот Дуверне во еден момент ја извади својата акредитација, ја фрли на под и го напушти тренинг. Во наредниот момент играчите одбија да тренираат во знак на солидарност и поддршка на Ањелка. За новинарите испратија соопштение во кое ги изразуваат незадоволство од одлуката на Француската фудбалска федерација.
„Целиот тим го поддржува Ањелка и протестираме против одлуката на Федерацијата за негово отстранување од тимот“, стои во нивната заедничка изјава.
Сето тоа се случи само неколку часа откако Франк Рибери изјави дека мора да се пронајде издавникот во нивните редови кој целиот случај за недисциплината на Ањелка ја изнесе кај новинарите.
„Ова повеќе нема врска со фудбал и спорт. Се отиде предалеку и за жал целата приказна е голем срам за францускиот фудбал“, рече Анри Гуаино, советник на францускиот претседател, Никола Саркози.
Франција во последното коло во групата А, денеска, ја очекува дуел против домаќинот на Светското првенство, и само уште теорија ги води во вториот круг на натпревари. |