Образование
Наградата „Франк Манинг“ стана семеен успех
Големо постигнување на ќерката Нина и мајката Јулија. И двете беа најдобри студентки на Економскиот факултет во Скопје – едната во 1983, а другата во 2010 година
Снежана Калабакова
Нина Ангеловска е млада, темпераментна, весела, комуникативна, дружељубива и амбициозна девојка, која со само 22 години дипломираше на студиите за е-бизнис на Економскиот факултет во Скопје со просечна оценка 9,93. Како првенец на генерацијата, минатиот месец беше една од шесте добитници на 31. доделување на наградата „26 Јули“ од британската фондација „Франк Манинг“.
Најинтересен факт во нејзинава животна приказна е дека пред 27 години истата награда ја примила и нејзината мајка Јулијана Ангеловска. И таа дипломирала на Економскиот факултет во Скопје со просечна оценка 9,59 и наскоро ќе го брани докторатот. Сега е инвестициски советник во брокерската куќа „Алта Виста брокер“.
Велат дека големо �� задоволството на учителот кога неговиот ученик ќе биде подобар од него. А какво ли е задоволството на родителот ако неговото дете покаже повисоки резултати од оние што самиот тој ги постигнал. Јулијана не го крие задоволството за успешноста на двете деца. И таа и нејзината ќерка Нина биле одлични ученички во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Во истата гимназија сега во прва година е и помалата сестра на Нина. За неа сега мајката и сестрата поставија високи критериуми и се' уште е рано да се знае ќе има ли амбиции таа да ги надмине во успехот.
„Пред 27 години, како студент ја добив истава награда што сега ја доби Нина. Тогаш наградата се доделуваше само за општествени науки и изнесуваше околу 300-400 фунти, а сега е веќе проширена и на други факултети. Секако дека тогаш се радував на наградата и на успехот, но радоста беше уште поголема кога Нина ја доби оваа награда. Таа ми ја изработи и веб-страницата на ’Алта Виста брокер‘. Тоа и' беше дипломската работа. Морам да признаам дека Нина е поорганизирана од мене кога станува збор за правилно распоредување на времето. Со неа никогаш не седнував да работам кога станува збор за учењето“, објаснува мама Јулијана.
Во индексот на нејзината Нина има само една деветка во прва година. Од идејата да го преполага испитот за десетка ја одвратиле нејзините родители. Некако десетките сами се ределе во понатамошните студиски години, раскажува Нина, и ниту еднаш не била на класичен испит, бидејќи сите ги положувала преку колоквиуми, со актуелниот кредит-трансфер систем - КТС.
„Се изненадив кога разбрав дека сум прогласена за првенец на генерацијата, но и од јавувањето од Ректоратот дека сум добитник на наградата ’26 Јули‘. Нормално прво и' се јавив на мама, а потоа на тато и на сите други блиски роднини и пријатели. Резултатот беше само посветеност и добра организација на времето зашто не сакам ништо да пропуштам кога станува збор за забавите во градов и секогаш сум главна да организирам забави. Учев по два часа во денот, а пред испит редовно излегував без никакво оптоварување. Ми се случувало да останам на забава до 3 по полноќ, а потоа да си легнам и одма да заспијам, па наутро нормално да станам сигурна во себе без никаква трема да отидам на испит“, раскажува Нина.
Таа вели дека има време и за спортување, па три пати неделно оди на аеробик, рекреативно игра тенис и трча на кејот на Вардар. Паралелно со сите обврски на факултетот, посетувала и курс за италијански јазик и веќе завршила осми степен.
Уште во текот на нејзиното студирање наградите веќе како сами да доаѓале. За изработка на иновативен бизнис-план освоила прва награда во висина од 5 илјади евра од Националниот центар за развој на претприемаштвото, а во организација на Машинскиот факултет во Скопје. Од 150 најдобри најпрвин влегла меѓу првите дваесетмина, а потоа и ја добила првата награда за веб-сајт за он-лајн купување. Летово, исто така, на натпревар за бизнис-стратегија во Виена, организиран на глобално ниво од стотината пријавени, Нина била меѓу тројцата повикани за учество. Во тимска работа со девојка од Косово го освоиле третото место.
Во текот на студиите таа работела и на бројни проекти за компании, потоа компјутерски програми, маркетинг и бизнис-програми, а за предметите математика и статистика била демонстратор на своите помлади колеги. Има одредено искуство и во работа на проекти во компјутерски компании.
Нина вели не може да каже дека сега затоа што дипломирала на 22 години може да се олабави, да се релаксира и да се посвети само на уживање, туку, напротив, не треба да губи време. Со неа се согласува и мајка и', па додава дека за нив успесите се уживање и веќе не се повод за организирање големи семејни забави, туку си доаѓаат сами по себе.
Нина веќе е запишана на постдипломски студии и ќе и' се посвети на магистратурата. Има амбиција да остане на факултетот, овде во својата земја, а не надвор некаде далеку од Македонија, па колку и да е очајна од состојбата во државава. |