Мислења
Вртење во круг
Филип Петровски
Јасно е дека се очекува промена во оваа држава, но нема кој да ја изведе
Едни ќе креваат востание, а други ќе прават бунт. Генерално, повеќе од јасно е дека постои незадоволство од оваа власт. Дека таа не ја раководи државата како што треба. Еве, веќе ја троши петтата година, а најавената преродба никако да дојде. Не само што нема преродба туку ми се чини дека цел народ е тажен, замајан, со наведната глава, со мисла како да ја преживее зимата. Веројатно, знаејќи го тој контекст, опозицијата ќе кревала востание. И тоа од Прилеп. Неинвентивно. Извикано, здодевно. Просто кажано, ако вака продолжат да опонираат, Никола може само да си седи во канцеларија и да им се смее. Неговите спин-доктори, како што досега можеше да се види, на секоја иницијатива, прес-конференција на бранковци реагираа во 15 минути, не давајќи да живне. Додека, пак, идејата за востание не ја напаѓаат. Знаат како ќе помине. Ќе биде срам. Тие му го зедоа теркот на Бранко. Познато им е дека не може да ја надмине својата суета и играат на таа карта. Колку тој е подолго во игра, толку подобро за нив. Без разлика што немаат никакви резултати, што се' што ветија е само магла и идно време, кое никако да дојде. Со Б.Ц. во игра имаат предност. А тој никако да сфати дека е дојдено време да си замине.
Требаше да му биде доста 20 години во политиката. Беше и премиер и претседател. Имаше шанса да покаже што знае. Глупаво е да очекува да му веруваат дека ако тогаш бил таков, сега се сменил, само затоа што го тепаат, како што го тепаат груевци. Наивно би било да се смета дека само поради суета и заради враќање сметки некој може да се промени. Тој, според моите пресметки, беше некаде околу 11 или 12 години на власт. Ако во тоа време не се покажал, зошто да се мисли дека ќе се промени сега? За инает на Никола. Прво се инаетеше со Љубчо. Сега се инаети со Груевски. Во меѓувреме, минуваат декади, а Македонија не мрда напред. Ни за чекор. Соседните држави, на пример, Бугарија, стана членка на НАТО и на ЕУ; Албанија стана членка на НАТО... Се оформија Црна Гора (2006) и Косово (2008), кои јуришаат кон своите европски интеграции... наскоро и ќе не' престигнат. Србија го очекува својот датум за преговори за членство во ЕУ.
Каде е Македонија? Едни ќе креваат востание, други ќе правеле бунт. И пак ќе повторам дека Груевски може само да им се смее. Ги гледа дека не се моќни. Дека се' што не направил, а го ветил, нема кој да го артикулира против него. Се некои искомпромитирани ликови што немаат што да ветат. Ликови што само плукаат, а самите се со сомнителни морални квалитети. Фигурички за кои ништо не е свето, посебно семејството и туѓите семејства, за кои лагата е и тоа колку легитимно средство во политичката борба. Зошто? За да се доберат до позиција, за пари, за да можат да живеат на грбот на граѓаните. Вреди да се запрашаме кога некој од нас ја бара поддршката - што би бил тој ако не е во политиката. Наместо да се оформи една пристојна структура луѓе што имаат образование, професија и вработување, за кои се знае дека во политиката влегуваат за да помогнат, да ги подобрат и да ги поместат работите напред, за потоа да се вратат на својата професија, ние цело време во политиката уфрламе простаци, неписмени, исфрустрирани и неупатени луѓе, кои, всушност, само ги вработуваме. Потоа не е ни чудно што ништо не се мрднува напред. А како да се помрдне? Со кој капацитет? Тие ликови не мислат на народот, ами на себе.
Искрено кажано, не гледам што би се сменило во државата ако наместо Никола, дојдат на власт Бранко и Љубе. Исто ми се фаќа. Не можам да кажам дека ќе биде бетер, оти тешко ми е да замислам полошо од ова, но дека ќе биде исто сум сигурен. Лошо. Нема избор. Никаков. Можеби затоа народов реагира како што реагира на истражувањата на јавното мислење. Немајќи алтернатива тој се определува да не се изјасни. Истовремено младите коваат планови како по секоја цена да заминат од државава. Мислам на оние што нема да успеат да се вработат во масивната државна администрација, која може по својата бројка да ја покрива половина Европска унија. Младите знаат дека за да се вработат треба да одат на баци рака кај младинските моќници со кои Никола ја изведе револуцијата давајќи им огромна моќ. Затоа што го следат беспоговорно, цапајќи во сомнителни активности без да расудуваат критички и без да помислат по два пати што ќе биде утре кога нема да бидат на власт. Но, не само младите, туку целата популација, генерално, станува се' понезадоволна, а не е артикулирана. Како да се определи кога нема видено реална програма. Нема можност да смета на разлика, на подобрување. Токму поради тоа е толкав (над 50 проценти) делот на народот кој не се определува за никого.
Еден елемент од последното истражување на јавното мислење од пред две недели, кој остана неискоментиран, што значи и без посериозна анализа, е „квалитетот на живејачката“. Имено, повеќето испитаници, односно 54 проценти (слично на бројката на неопределени), одговориле тогаш дека во ерата на Груевски живеат полошо. Од нив 18 проценти се изјасниле дека живеат малку полошо, а 36 проценти дека живеат значително полошо. Од другата страна, само 24 проценти се изјасниле дека сега живеат подобро. Сметам дека ова е доволно силен показател како стојат работите. Ако кумулативно се анализира незадоволството и неопределеноста, како и квалитетот на животот, јасно е дека се очекува промена во оваа држава. Но, промената нема кој да ја изведе.
Граѓаните треба да размислат уште порадикално да ја повлечат својата поддршка (тоа малку што остана) на главните виновници за оваа наша беда. Треба и тоа како да ги казнат. Наместо да ги наградуваат нивните изживувања, нивното незнаење и импровизации, да го сменат односот и на секое наредно истражување послободно да кажат дека им е доста. Се разбира, тоа треба да го верифицираат на избори со недавање глас на досегашните и минатите. Не мислам дека ова е утопија, иако системот е устроен да ги штити двете најголеми партии. Може лесно да се случи да се изненадат од отпорноста на народот и можноста за кратко време да се направи голема промена. Убеден сум дека постои потенцијал да се разрешат горливите проблеми, во најголем дел, за помалку од еден мандат. Да се види за кратко време дека може и тоа како да се почнат реформи во образованието и здравството, но и во другите области. Просто е. За да се започнат реформи, треба да се знае како да се направат и, секако, треба да се сака тоа да се направи.
(Авторот е доктор на политички науки) |