Телевизии
Сериски ТВ-манијаци од балкански тип
Во Македонија, Шехерезад го отвори етерот за другите серии од „туркивуд“ до степен на презаситеност и повторно го манифестираше синдромот на програмска неинвентивност на македонските телевизии
Јасминка Павловска
Маички со слогани„Шехерезад само за 150.000 евра“, наслови во весници „Гледам ’1001 ноќ’, глупав сум или што ми се случува“... Таква е приближно реакцијата на ТВ- консументите во Хрватска кога годинава на нивните ТВ- приемници пристигна турската серија „1001 ноќ“, која минатата година успешно ја преживеа македонската публика. Додека кај нас, во Македонија тоа беше доживеано со „тивка радост“, т.е. со општонародно интимно препознавање со јунаците и некаков континуитет од 500-годишната заедничка традиција, во Хрватска тоа е како позитивен културен шок и своевидно балканско препознавање. Во Македонија, Шехерезад можеби го отвори етерот за другите серии од „туркивуд“ до степен на презаситеност и повторно го манифестираше синдромот на програмска неинвентивност на македонските телевизии, но го немаше ефектот на „културен шок“. Можеби поради заедничкото 500-годишно (макар и контроверзно) минато, а можеби и поради поблиската сегашност, но Македонија не се случуваше феноменот на откритие на „нова блиска цивилизација“, како што тоа се случува сега другите држави од бившите ЈУ-простори, особено во Хрватска. Таму, освен што гледаноста на Шехерезад ги урива сите рекорди (факт што веќе го апсолвиравме кај нас), туристичкиот интерес за Истанбул постигнува, како и за учење на турскиот јазик веќе се манифестира како општествен феномен. Дури и стандардните шеги за интелигенцијата на консументите ТВ-серии веќе ја немаат таа острина, како во времето на доминацијата на латиноамериканските серии.
Дали тоа значи дека станавме поглупави или сериите (од турско продукција) се попаметни, пореални, поблиски?
Она што сите го признаваат е дека сериите од турска продукција, во кој било жанр (семејни, акциски, мелодраматични...) што ги имаме видено досега се работени со висока професионалност во секој сегмент. Глумата, сценографијата, сценаријата, костимографијата, музиката... е според високи професионални и модерни стандарди. Навистина со текот на времето се забележува „шлајфување“ на приказните, истрошеност на ликовите и нивно ненадејно исчезнување, но секогаш се внимава на деталите. На сето тоа се надоврзува специфичната турска култура, позната за нас, но, сепак, поинаква од нашата реалност. Карактеристичните модели на машко-женските релации, како и семејните односи секогаш во процеп меѓу традицијата и влијанијата на современиот (не)морал едноставно ја хипнотизираат свеста на балканските гледачи. Не е за потценување ни ориенталниот раскошен кич на сценографијата, во комбинација со модерното внатрешно уредување на ентериерот на кој паѓаат балканските снобови, но и блиското препознавање во амбиентот на карактеристичните турски сокаци и архитектура. Всушност, треба да си признаеме дека тешко е да се даде отпор на „пембе дизи“ (розови серии), како што самите Турци ги нарекуваат своите сапуници.
Не е потребен детектор на лаги, ниту вкрстено испрашување за да се заклучи дека некој што се колне дека никогаш во животот, дури ни со крајчето на окото не погледнал некоја сериска ТВ-сапуница - едноставно и конкретно, лаже! Прво, зашто во суштина сите потајно или појавно сакаме да сведочиме (ако веќе не можеме да учествуваме) на мелодраматични заплети, а потоа, телевизиските сапуници се задолжителен програмски адут на сите светски телевизии. Можат да се набројуваат уште безброј докази за неизбежноста на овие телевизиски продукти во „збогатувањето на драматиката на нашите животи“ на општ план, но кога станува збор за специфични влијанија, голема улога има „земјата на потеклото“. На крајот на краиштата, сите се сведуваме на сериски ТВ-манијаци од балкански тип. |