Фељтон
Македонско-бугарски историски контроверзии (2)
Таен договор за поделба на Македонија
Непосредно пред почетокот на Првата балканска војна, Бугарија и Србија исцртале детална карта за поделба на Македонија
Виктор Цветаноски
Сметајќи ја за своја територија, Бугарија поради Македонија, водела неколку војни. Заедно со Србија и со Грција ја почна Првата балканска војна против Турција во 1912 година и по победата над неа, незадоволна од тоа што го доби, отвори нова војна против нејзините дотогашни сојузници. Таа војна, Втората балканска, ја загуби катастрофално. И во двете светски војни војуваше за Македонија, но ја одбра погрешната страна. За да ги оствари своите големобугарски амбиции во Втората светска војна, направи сојуз дури и со нацистичка Германија.
Софија секогаш тврдеше дека Македонија е нејзина исконска земја, дека никој нема право на неа, освен таа. Меѓутоа, не се однесувала така непосредно пред почетокот на Првата балканска војна. Тајно склучила договор со Србија за да ја подели. Договорот бил склучен меѓу 29 февруари и 13 март 1912 година, а многу детална мапа била негов анекс, според која, на Србија требало да и' припаднат териториите во кои влегувале и градовите Куманово, Скопје, Кичево, Дебар и Струга.
„Од прегледот на децениското пазарење меѓу Србија и Бугарија сосема се евидентни егоистичните интереси на двата ривала за поседување на Македонија. Самото потпишување на сојузничкиот договор е доказ дека, и покрај сите патетични фрази за нераскинливото единство меѓу Македонија и Бугарија, за неделивоста на бугарскиот народ во постојниот географски простор, во моментот кога бугарската државна политика добила реални шанси да го прошири своето влијание на еден дел од Македонија, Бугарија не страдала од никакви скрупули за да го стори тоа. Таа, едноставно, ја прифатила понудата за да ја подели Македонија“, вели академик Иван Катарџиев.
Без да знаат за тајниот договор за поделба на Македонија, сите Македонци ја поддржале војната што ја започнале тогашните сојузници против Турција, без разлика дали биле пробугарски, просрпски или, пак, прогрчки ориентирани. Сите се ставиле на страната на сојузниците зашто мислеле дека, конечно, дошол денот за ослободување на Македонија. Целокупното македонско револуционерно движење, кое тие години било разединето, се вклучило во војната. Тогаш ВМРО со специјално писмо го повикало населението да им даде секаква помош на сојузниците. Од Софија во Македонија биле испратени околу 1.500 четници и заедно со тие што веќе се наоѓале на нејзина територија, вкупниот број изнесувал малку повеќе од 2.000. Сите тие биле искусни борци, повеќето илинденци, кои дале голем придонес и ослободиле повеќе градови.
Тогаш многу Македонци се јавиле доброволно да се борат. Точно 14.670 души влегле во Македонско-одринското ополчение. Според Георги Киселинов, учесник во тие војни и член на Првата комисија за македонската азбука, по повикот за борба против Турците и ослободување на нивната поробена татковина во таканаречената македонска војска се нашле многу селани, занаетчии, учители, адвокати, писатели од различна возраст. За македонските доброволци биле сошиени и посебни униформи, зашто сите дошле во цивилна облека. Бил направен и посебен амблем. Македонско-одринските ополченци биле организирани во 12 дружини, од кои 10 биле составени само од Македонци од разни краишта на Македонија.
Меѓутоа, Македонците нема да војуваат во својата родна Македонија. Нив ќе ги испратат Бугарите далеку од неа да гинат во борбите на Едрене. Според Карнегиевата комисија што го состави познатиот Извештај по големите крвопролевања на Балканот, главна причина бил стравот кај Бугарите од вистинско ослободување на македонската нација.
„Во секој случај, 15.000 македонски доброволци, кои би можеле да се остават да се борат во самата Македонија, близу своите домови, се натерани да живеат во текот на целата војна многу далеку од своите села, кај Чаталџа и Булаир“, пишува Комисијата во извештајот, подвлекувајќи дека со тоа се олеснило заземањето на Македонија од страна на српските и грчките војски. „Ако целта на оваа тактика била да ја олесни поделбата, резултатот отишол уште натаму. Она што се забрзало било губењето на Македонија во полза на сојузниците“, оценува Комисијата.
Дали е чиста случајност што Македонија беше заборавена меѓу таинствените, но далечни амбиции кои толку неочекувано се појавиле на хоризонтот кај Бугарите, прашуваат членовите на Комисијата, подвлекувајќи дека немало ништо случајно, бидејќи порано меѓу бугарската влада и македонското револуционерно движење недовербата била секогаш активна. „Сега, кога Македонија е пред ослободување, беше сторено се' да се спречат самите Македонци да имаат директен удел во делото на ослободувањето“, оценуваат составувачите на Извештајот.
Така далеку од татковината, во борбите за Едрене, загинале многумина Македонци. „Им завидувавме на мртвите, зашто тие поминале низ најстрашното, а ние живите не знаевме што не' очекува утрешниот ден“, пишува Киселинов во своите спомени. Меѓутоа, сите жртви на Македонците доброволци биле залудни. Тие подоцна сфатиле дека, всушност, се бореле за туѓи интереси, дека биле изиграни, а сојузниците ја поделиле нивната Македонија откако ги п��отерале Турците.
Поразени од стравотното сознание дека е парчосана, македонските доброволци не ќе можат да се оттргнат од чувството дека некој зад нивниот грб пред војната се договарал за нејзина делба. „Бевме посрамени, бедни, безрадосни, очајни“, додава Киселинов, подвлекувајќи дека ја проколнувале судбината што ги оставила „излишни и никому потребни луѓе на туѓа земја“.
„На Македонецот-доброволец му беше тажно да помисли дека неговата татковина, за која беа дадени неброени жртви во епските револуционерни борби за да се реализира идеалот за слободна и целокупна Македонија во нејзините географски граници, сега, со Балканската војна, таа се кине на делови, кои како плен им се даваат на балканските сојузници“, ќе забележи во своите спомени Тодор Поп Антов, кој како и многумина македонски ополченци многу доцна ќе ја сфати измамата на Софија, која зад нивниот грб се испазарила со Белград за поделба на нивната татковина. Поп Антов вели дека содржината на тајниот договор меѓу Бугарија и Србија предизвикало тага во душата на секој Македонец-доброволец. Пред војната тој и сопругата Поликсена Мосинова студирале во Женева. И двајцата се пријавиле во Македонско-одринското ополчение и биле вклучени во санитарната единица.
По војната, на Бугарија ќе и' припадне најмалиот дел од Македонија, па таа ќе се сврти против своите сојузници и ќе ја почне Втората балканска војна. ВМРО тогаш целосно ќе се стави на нејзина страна. „Сите доследни и верни дејци им беа на располагање на бугарските власти - од десни до крајно леви. Неутрални дури и немаше. А за револуционерна борба во текот на војната, не можеше ни збор да станува. Ние сите, со мали исклучоци, се бевме впрегнале да ги остваруваме националните интереси на Бугарија“, пишува во своите спомени Александар Мартулков.
Тогаш над 1.000 жители од Тиквешијата платија со живот во востанието дигнато во предвечерјето на Втората балканска војна. „Тиквеш остана гол и пуст, место славеи и косови, по војната се слушаа само утање и гракање на чавките“, ќе забележи еден хроничар по невидените колежи. Во Тиквешкото востание учествувале и врховистички и санданистички чети и војводи, а бројот на востаниците изнесувал околу 1.000, од кои 200 обични граѓани, а другите комити од четите на ВМРО. Кавадарци било слободно седум дена, од 19 до 26 јуни 1913 година. На 20 јуни било одржано и свечено собрание на кое била избрана и градска управа.
Откако Четвртата бугарската армија која се наоѓала од левата страна на Вардар се повлекла, а по неа и четите на ВМРО, востанието било стравотно задушено. Тогаш започнал крвавиот поход по тиквешките села на српските паравојски. Василие Трбиќ со околу 200 просрпски ориентирани доброволци од Велешка и од Прилепска околија заедно со четите на Јован Бабунски и 250 Турци на чело со потурчениот Албанец Јаја-ага, извршиле невидени ѕверства врз недолжното население. Тогаш биле убиени над 1.000 невини луѓе.
Во тоа време ВМРО заедно со Албанците го кренала таканареченото Охридско востание. По неговото задушување, Србите убиле многу луѓе, во Охридско биле изгорени 30, а меѓу Охрид и Гостивар опустошени 180 села.
|