Ѕвезди
Бегаат од фотографи, а се' си кажуваат на „Твитер“
Никако не може логично да се објасни однесувањето на ѕвездите, кои прво бегаат од фотографите, а веднаш потоа објавуваат свои разголени слики на „Твитер“
Откако ѕвездите ја открија магијата на „Твитер“, на забавата и' нема крај. Со само неколку кликнувања можеме без проблем да дознаеме кој денес решил да го слика своето извајано тело и да не' почести со поглед на него, кој е во депресија, што појадувал утринава, а што планира за ручек.
Со појавата на „Твитер“ се јавува еден нов и сосема контрадикторен облик на однесување кај ѕвездите. Прво како обезглавени бегаат од фотографите, се кријат зад големи торби и очила за сонце, се повикуваат на своето право на приватност, а веднаш потоа на „Твитер“ блеснуваат фотографиите на овие ѕвезди, на кои тие самите откриваат многу повеќе отколку што кој било фотограф на улица би успеал да открие.
Таквите лицемерни ѕвезди често забораваат дека нивните дела на „Твитер“ ќе ги видат илјадници луѓе и често се охрабруваат со сите други да ги споделат и најинтимните детали од својот живот.
Така, Кејти Пери неодамна одлучила да ги искористи предностите на „Твитер“, па објави свои фотографии за да ги запре претпоставките за сопствената бременост. Но, кога Пери и нејзиниот свршеник Расел Бренд папараците сакале да ги фотографираат на аеродромот во Лос Анџелес, настанал голем проблем. Кејти го подбуцнала свршеникот да ги нападне фотографите, по што Расел е уапсен, а Кејти фотките ги објавила на „Твитер“.
Американскиот рапер Пи Диди бил многу вознемирен поради трачевите што се слушале за неговиот сексуален живот. Но, тогаш наместо приватните работи да ги остави меѓу четирите ѕида и чаршафите, на „Твитер“ објавил дека токму тој учествува во 36-часовен тантрички секс, па се пофалил оти издржал веќе шест и пол часа.
И Ештон Качер и Деми Мур го обожаваат „Твитер“. Кога неодамна тргнаа трачевите дека Ештон ја изневерил Деми, двојката веднаш објави заедничка слика на „Твитер“ за да ги демантира озборувањата. Меѓутоа, неодамна тужеа едно списание и побараа отштета од 10 милиони долари, зашто објавил фотографија на Деми. Тоа се покажа како повеќе од лицемерно, зашто самиот Ештон претходно на „Твитер“ објавил фотографија од Деми само во долна облека. Таа фотографија ја виделе дури шест милиони лица, а самата објавила своја фотографија во бикини, која ја погледнале три милиони љубопитни очи.
Линдзи Лохан веќе долго време не се појавила во ниту еден поважен филм, па својата популарност ја одржува со испади во јавноста и откривање детали од приватниот живот. Така, Линдзи на „Твитер“ прво се пожалила на папараците, па малку потоа објавила сопствени папарацо-фотографии на кои е облечена во мини-бикини.
Никој не знае подобро да ги користи волшепствата на „Твитер“ од старлетата Тила Текила, чија кариера се заснова само на папарацо-фотографии, бројот на пријатели на „Мајспејс“ и позирање за „Плејбој“. Освен неа, „Твитер“ често го користат гитаристот и пејач Џон Мејер, раперот 50 Сент, Канје Вест, како и ќерката на сенаторот Џон Мекејн. (Ј.П.) |