И „повелете“ веќе не помага, облека ретко кој купува
Ваквата ситуација чуди со оглед на тоа дека до неодамна во некои продавници не можеше да се влезе
Александрија Стевковска
„Повелете, дали можеме да Ви помогнеме“, е прашање кое мислев дека никогаш нема да доживеам да ми биде поставено во една од продавниците за „фенси“ гардероба во Скопје, застапник на познат италијански бренд, со оглед на тоа дека до пред извесно време таму имаше врвулица од луѓе, кои избираа облека за себе и за своето семејство, а продавачите не можеа ниту да помислат да им помогнат во изборот.
Во тоа убаво време продавачите не можеа да постигнат да продадат облека, а сега не знаат што да прават со себе, па се нудат да помогнат дури и во пробувањето марами. Продавницата сега е празна, во неа има само продавачки и таму-ваму неколку муштерии кои повеќе гледаат, отколку што купуваат. Ваквата ситуација чуди, со оглед на тоа дека откако овој бренд е присутен на македонскиот пазар, во неговите продавници не можеше да се влезе, а не, пак, продавачите да се завртат околу потрошувачите, трудејќи се да им помогнат. Дури и гардеробите каде што некогаш едвај можеше да се дочека ред за пробување, сега тажно зјаат празни.
Ова е еден од примерите за она што може да се види по скопските продавници, кои се повторуваат веќе во наредниот дуќан, па во наредниот... Кризата си го зема својот данок. Луѓето шетаат со провев во паричниците, повеќе гледаат отколку што купуваат. Продажбата е целосно падната. Продавниците се празни, без купувачи, но преполни со стока со свежи високи цени. Секое парче облека е прескапо, но тоа не ги убедува трговците да ги спуштат цените и предвреме да почнат со попусти.
„Едни панталони продаваат по 1.900 денари, а тие не вредат повеќе од 1.000 денари. Се' е скапо, човек не влегува, а тие не ги спуштаат цените. Со вакви цени цела стока ќе им остане непродадена. Зарем не се свесни дека луѓето имаат се' помалку пари и оти од скромните семејни буџети не можат да одвојат многу пари за гардероба“, вели една скопјанка.
Трговците и производителите, пак, со своја приказна. Сопствениците на „Теранова“ велат дека не знаат каква е состојбата во дуќанот и оти ние, како потрошувачи, повеќе можеме да кажеме што се случува таму, во споредба со нив. Останатите трговци и производители тврдат дека цените не се високи. Попусти засега нема, бидејќи е пуштена нова колекција, но продажбата е намалена поради паднатиот стандард.
„Во ’Кара‘ нема зголемување на цените, иако континуирано вложуваме и работиме на подобрување на квалитетот на производите. Работиме со италијански материјали, а од употреба комплетно се исфрлени кинеските. Киријата е зголемена, но и сите останати трошоци, а, сепак, цените не ги коригиравме нагоре. Веројатно, граѓаните доживуваат шок од цените, бидејќи до неодамна летната гардероба беше на попуст до 70 отсто, па сега новата колекција, се разбира, има нови цени. На нив не може да ставиме попуст, бидејќи мора да се остави простор самите цени да заживеат. За да се зголеми продажбата одиме со акција на одредени артикли, а со таа практика ќе продолжиме и во иднина“, велат од модната куќа „Кара“.
Оттаму потенцираат дека цените на производите имаат исто ниво како лани, но дека стандардот на граѓаните е значително намален. „Има посетеност, но нема продажба. Севкупната продажба е падната. Луѓето влегуваат, разгледуваат и си одат. Тие треба да одлучат дали ќе купат, а наше е да произведуваме квалитет што ќе им го понудиме и тие, порано или подоцна, ќе го препознаат и прифатат“, посочуваат од „Кара“.
„Фешн груп“, сопствениците на најголемите брендови во земјава, имаат регистрирано различни движења во продажбата.
„Сега е премин на сезоните, што би значело менување на летната колекција со есенска и зимска. Со оглед на тоа дека до неодамна беше топло, немаше голема побарувачка на есенската колекција, која веќе се дополнува со зимска, но очекуваме тоа да се промени во наредниот период. Во основа, влијанието на економската криза различно се одрази кај различни брендови. Некаде има намалување на продажбата, некаде зголемување, но сето тоа се должи на навремено реагирање на брендовите, кои во колекциите вклучија и парчиња облека со прифатливи цени за повеќето луѓе. Досега продажбата е слична на ланската, но крајните бројки ќе ги имаме кога ќе заврши годинава“, вели Љупчо Маневски, директор на продажба во „Фешн груп“. |