Број 3403  сабота, 09 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Стил








Site Meter

Алпинисти

Десет часа над бездна длабока 500 метри

Скопските алпинисти Игор и Весна Талевска ја искачија најстрмната карпа на Доломитите во Италија и Големата кула Лаваредо

Миодраг Мицковиќ

Какво ли е чувството да висиш врзан со јажиња над бездна длабока 500 метри, кога секој погрешен чекор може да биде фатален. Од каде таа храброст на двајцата алпинисти од Скопје, сопружниците Игор и Весна Талевски, да се впуштат во една голема авантура да ја искачат најстрмната карпа во Европа, висока 500 метри, во планинскиот масив на Доломитите во Италија, наречена Големата кула Лаваредо. Една од најтешките за искачување, бидејќи е вертикална како со нож исечена, без наклон, околу 90 степени од подножјето на 2.400 метри, па се' до врвот, висок 2.999 метри. Но, тие последни 500 метри се само за искусните и храбри алпинисти, кои не стравуваат да ја погледнат смртта в очи, бидејќи нејзиното искачување е авантура и чист алпинизам.

Игор и Весна Талевски се први алп��нисти од Македонија што ја искачија карпата Лаваредо. И тоа од нејзината, северна, најтешката страна. Од подножјето, од каде што ја почнаа својата авантура, Игор и Весна, минаа 10 часа висејќи на карпата, чекор по чекор совладувајќи ја мазната“ површина до врвот. Десет часа неверојатни напори, десет часа борба со карпата, кога сите погледи се насочени кон врвот, кон облаците, бидејќи времето беше магливо, прегледот не беше најдобар што уште повеќе го отежнуваше качувањето.

„Тој дел на Алпите, во Доломитите, треба да се види голем број шилести карпи, како човек да е на некоја друга планета, изгледаат застрашувачки, потребна е голема психичка стабилност за да почне човек да се качува на нив. Особено карпата Лаваредо, која за првпат ја искачил Италијанецот Емилио Комичи пред 70 години, ни раскажуваше Игор по враќањето од Италија. Со сопругата Весна тргнавме штом малку се раздени, пред тоа два дена во подножјето чекавме да престане дождот, високата карпа малку да се исуши... Кога е лизгава, претставува голема опасност за секој алпинист. Јас се искачував прв, неколку метри зад мене одеше Весна, која ме обезбедуваше. На таа височина, на карпата, кога често мораш да висиш за да искачиш и десетина метри, со поглед на големиот наклон, секој погрешен потег, секое непрецврстено добро јаже може да те фрли кон бездната.

Единствена поволна околност при искачувањето е што на оваа екстремно вертикална карпа нема одрони, мазна е, но затоа, пак, лизгава, особено кога времето е влажно, магливо...“



Што носевте со себе на тој напорен пат кон врвот?

„Носевме јаже долго 60 метри, но никогаш не го искористивме до крај, тука некаде околу 30 до 35 метри, секогаш мора да се има резерва за некои непредвидливи ситуации. Бевме топло облечени, но не носевме друга опрема за да бидеме полесни. На нозете три пара чорапи и патики со лепливи гуми. Јасно, и кацига. За тие 10 часа не јадевме речиси ништо, само суви урми и пиевме доста вода. Не знам зошто, но најмногу не мачеше жедта.

Колку искачување беше напорно, покажува дека за еден час сме минувале само 50 метри. Треба да се најде добро „сидриште“, да се обезбеди секој клин, да се провери дали е добро заврзано јажето. На два-три пати се одморавме на импровизирана клупа, не смеејќи ниту да помислиме да погледнеме надолу. Впрочем, немаше и што да видиме, местото од каде што тргнавме на карпата беше на височина од 2.400 метри, и тоа беше обвиено со магла. Само една млечна белина, ништо друго. Нагоре, исто така, едно време и не знаевме колкав пат сме минале и уште колку има до врвот“.



Кога ви беше најтешко?

„На последните 100 метри, од влагата и од облаците карпата беше мошне лизгава. Се лизгаа и рацете штом ќе се допревме до неа. Освен тоа, беше и студено, не помагаа и ракавиците. И така, чекор по чекор, полека, со зголемен адреналин, се доближивме до врвот. Зарем е потребно да кажам какви напори издржавме во тие 10 часа?

Мислев дека ова искачување ќе нема крај, дека ќе бидеме принудени да преспиеме врзани на карпата, бидејќи времето почна да се влошува, се закануваше и темница. За среќа, некаде доцна попладне го слушнав гласот на Игор: ’Уште неколку метри и на врвот сме’. Тие негови зборови ми беа како најубава музика што сум ја слушнала во мојот живот. И, конечно, стапнавме на врвот, се најдовме со Игор во прегратка, пресреќни не само што завршија нашите маки туку и среќни поради успехот на овој наш потфат“.



Како беше симнувањето, по која страна се симнавте?

„Од другата страна, не може да се рече многу полесна страна, но сигурно не толку вертикална, нормална. Повеќе како да не чувствувавме замор, психички бевме растоварени, ослободени од мислата - ќе успееме ли или не. Инаку, да останевме да висиме на карпата Лаваредо, ако донесовме одлука да се враќаме по неа, тогаш симнувањето ќе беше голем проблем, бидејќи тоа е многу потешко од искачувањето, мораш постојано да гледаш надолу, има опасност од вртоглавица. Но, да не зборуваме, тоа, сепак, не се случи“

Игор и Весна десетина години другаруваат со планините, најпрвин како планинари од задоволство, сега како врвни алпинисти од нашата држава, обучени, храбри, издржливи...

Првпат алпинистички се качував во 1998 година на карпата во Матка под раководство на нашиот најдобар алпинист Јове Поповски. И оттогаш високите карпи ми влегоа во крвта. Тие ме привлекуваат како магнет, доволно е некоја да погледам и да си речам: Игоре, таа е твоја, мораш да ја искачиш.



Која ќе биде следната дестинација на Игор и Весна Талевски? На која стрмна карпа ќе се врзуваат, по кој пат сега ќе тргнат?

„Имавме многу планови, но се' ќе зависи од финансиите. Алпинизмот како спорт никој не го финансира, сами се снаоѓаме. Нашиот пат во Италија на Доломитите го финансираше Општина Карпош, која се грижи за спортистите и поддржува секоја спортска акција“, ни рече на крајот Игор Талевски.

Игор ги искачувал и највисоките карпи во Перу, бил и на Хималаите, но, сепак, едно искачување во Франција никогаш нема да го заборави.

„Тоа беше пред неколку години во Франција, близу градот Шамони. Со мојот пријател Зоран Божинов тргнавме околу седум часот кон врвот, на дел од Алпите, висок околу 3.700 метри. Теренот не ни беше познат, времето како да беше против нас, но немаше враќање. Се качувавме 12 часа, веќе се стемни и бевме принудени да преспиеме во еден тунел од мраз. Какво беше тоа спиење, онака врзани, на голем студ. Се будевме на секои 15 минути. Онака измрзнати, ненаспани, го продолживме патот. И што да ви кажам, беше три часот наутро, почна да се разденува. До врвот ни беа потребни уште шест часа. Со еден збор, 18 часа се боревме со карпите, мразот, студот за да стигнеме до врвот. А потоа, како да дојдовме во некој друг свет, од другата страна на врвот, нема да верувате, жичарница се' до подножјето. И тоа на последната станица, ако така може да се каже, на височина од 2.500 метри. Кога седнавме во нејзината кабина, како да сме седнале во некоја фотелја, во миг заспавме, мораа да не будат кога стигнавме до крајот“.


#
Статијата е прочитана 1160 пати.

Испрати коментар

Од: darko
Датум: 09.10.2010 21:14:21
sekoja cest
Од: Aleksandar
Датум: 11.10.2010 00:56:47
Bravo. :)

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Македонско-бугарски историски контроверзии (2)
Лов на директори
Стил
Радомир Антиќ ќе го наследи Јонуз?!
Катерина Богоева од „Утрински весник“, добитничка на наградата „18 Мај“
Лустрацијата-леб за сиромаштијата
Сериски ТВ-манијаци од балкански тип
Чесите не го сакаат еврото
Нобелова за мир на кинески дисидент
И „повелете“ веќе не помага, облека ретко кој купува
Бајки за ЕУ
„Дис-печ“ - Rocket Number 9!
Одиме на победа против Русија
Настап на музичкиот дел од ВОМЕКС
Вртење во круг
Помеѓу минатото и иднината
Руската црква си се рекламира на „Јутјуб“
Дали се' уште еволуираме?
СДСМ и прати порака на власта од Прилеп
Распутин бил убиен од англиски агенти !
Бегаат од фотографи, а се' си кажуваат на „Твитер“
Подготвен сум за петте минути светска слава
Тивко замина спикерот што пушташе музика
Востанија и револуции






Former Croatian PM scrutinised by parliamentary committee
European Parliament VP investigated for rallying Hungarian minority
Bulgaria calls on World Bank to help manage EU funds