Број 3403  сабота, 09 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Стил








Site Meter

Славното Смилево

Помеѓу минатото и иднината

И покрај тоа што во 1903 година ова мијачко село станало политички центар на Македонија, неговите жители денеска се загрижени за својата егзистенција

Валентина Тодоровска

„Топовите грмат, татни земјата, пламен се дига до небото. Жалете браќа, браќа Славјани, Смилево славно в оган гори...“ Секој што го има Смилево во срцето, а во потсвеста чувството дека е дел од херојската приказна ја знае и песната „Смилево славно в оган гори“. И навистина не постои смилевец кој не е горд на своите корени и на историското минато на селото. Од тие ридови потекнува и Даме Груев, мозокот на Илинденското востание и иницијатор на Смилевскиот конгрес. Смилево во 1903 година станал политички и воен центар на Македонија, таму беа собрани највисоките раководители на ТМОРО, се одржа Смилевскиот конгрес, а потоа во селото е сместен Главниот штаб на востанието.

Смилево има преубава местоположба. Вгнездено е во југоза��адниот дел на Македонија, во подножјето на планината Бигла, на 1.000 метри надморска височина, прекриено со букова и дабова шума. Секое годишно време ги бои дрвјата - во пролет и лето се зелени и бујни, а во есен илјадници златни лисја ги прикриваат стеблата портокалово-златно - и се' потсетува на кадар од старите македонски сказни. Во Смилево е тивко и спокојно, а тишината на идиличните моменти што траат со часови одвреме-навреме ја нарушуваат клопотарки на добитокот што минува низ селските сокаци.

За смилевци се зборува дека се вредни и ведри луѓе. Постарите раскажуваат дека го паметат селото кога имало 800 куќи, а до Ресен се одело пеш, преку Бигла, за три часа. Денес ретко кој се осмелува на таков потфат , но, за жал, до Смилево, освен со сопствен превоз, не можете да стигнете поинаку- не постои автобуска линија во овој правец.

Денешната демографска карта на селото изнесува 319 жители, 80 семејства што не ги напуштиле семејните огништа .

Како настанало Смилево? Има неколку легенди од кои најзастапена е онаа за Смиле, Гале и Лазе, тројцата браќа, кои бегајќи од турскиот зулум, заминале на три страни. Од нивните имиња настанале Галичник, Лазарополе и Смилево, каде што тие продолжиле да живеат и да создаваат семејства.

Меѓу легендите и реалноста, сепак, постои убава врска - за време на исламизацијата, многу Мијаци се населиле во Смилево, Папрадиште (Велешко) и во селата покрај Радика. Станува збор за 1610 година и за зачетокот на старото Смилево.

Приказната за Смилево ја слушнавме од Ристо Пејчиновски, долгогодишен директор и управник на селската задруга, чија констатација е дека селото, поради местоположбата, не личи на другите. Имено, ридско-брдскиот карактер не овозможува да се одгледува добиток, ниту, пак, е погодно за садење зеленчук.

„Кога ќе се сетам на минатото на селото, раскажува Ристо, се сеќавам на 70-тите години на минатиот век кога беше многу пораздвижено и кога бевме побројни. Смилево имаше 1.000 жители. Се' беше поинаку - од 1962 до 1970 година во селото е активна женската работна сила, а во тогашната прочуена Килимара се произведуваа персиски и пиротски килими. Се работеше со полн капацитет - 120 вработени девојки, цели осум години. Спецификата на работата беше врзана за женската работна сила, а откако поголемиот дел од нив се омажија, се затвори Килимарата, останувајќи речиси без работна сила. Дваесетина години години подоцна, во 1992 година се отвора текстилен погон што вработува околу 100 жени. Погонот работеше до 1998 година, а потоа се менуваат сопствениците и поради транзицијата повторно доаѓа до прекин. А машините се во исправна состојба и чекаат повторно да се вклучат.

Инаку, Смилево е печалбарско село, со ѕидарството како основно занимање, што ги принудуваше мештаните да одат на работа во околните села - од понеделник до сабота.

Во првиот ден од викендот од многуте оџаци се вие чад - а како што ни кажа Данка Волкановска, која талентот за готвење го наследи од мајка си, тогаш се прави традиционален смилевски комат, пита со која жените ги дочекуваат своите домаќини. Всушност, и Смилево има своја специфична кујна - смилевски гулаш, тури-потпечи... и болен да стане од постела.

„Во многуте нешта што го карактеризираат селото“, продолжува да го опишува Ристо Пејчиновски селото, „чудесна е смилевската носија, најскапата во Македонија, која од галичката се разликува и по везот и по бојата. За везот биле задолжени исклучиво смилевските терзии, а правилото што тие го наметнале било младите да носат посветла, а повозрасните потемна боја“.

Селото, како и многуте во Македонија, има специфична архитектура. Куќите се правеле од камен - па и во таа област имотната состојба била видлива. Прочуените куќи „дивитлии“ беа карактеристични за поимотните семејства, а правоаголните, таканаречените кибрит куќи за посиромашните. Бидејќи има многу печалбари во Австралија и во Америка, не сакајќи да ја загубат врската со огништето, градат нови куќи, кои се со современ дизајн што го менува ликот на Смилево. Инаку, селото има пет маала - Кецкари, Горна и Долна Маала, Ковачи и Старосмилевци и секое си има свој крст што се фрла за празникот Св. Јован.

Како село што ја почитува традицијата, и Смилево си има своја слава, а Петровден е најважниот ден во годината. Тоа е период за женење и за мажење, а прочуените свадби, веселби, траат по три дена. Смилевчаните велат - кај и да си, за Петровден дома да си и на 12 јули сите во селото дочекуваат и испраќаат гости. Адетот е да се оди на манастир - „Свети Петар и Павле“, кој, пак, има своја историја. За време на Илинденското востание му изгореле конаците, а се обновени во 1976 година, а во деведесеттите манастирот блесна во уште поубава светлина со селски самопридонес.

Со свирки и тапани, Смилево во тие денови е центар на Македонија. Се оди на уранок, од навечер се готви, но и покрај богата трпеза, најважно е дружењето.

Смилевчаните се горди и на својата вода - еден од изворите има лековито дејство врз бубрезите. За тоа во 1970-тите години пишуваа весниците во бивша Југославија, бидејќи водата ем што ги прочистува бубрезите ем го раствора песокот во нив. Така се слушна за Смилево и за волшебната вода - од Триглав до Шара.

Кога ќе го посетите Смилево, веднаш ќе го забележите Музејот, каде што е собрано минатото на селото. Во него, од денот на основање, од 2004 година работи и Ѓорги Коштревски. Тој не' запозна со содржината на Музејот - четири соби од кои во етнолошката се наоѓа автентична покуќнина од пред 100 години и смилевска носија. Потоа, Спомен-собата на Даме Груев, бидејќи на местото каде што била неговата куќа сега е изградена друга, а посетителите се интересираат за овој историски лик, комплетна конгресна соба украсена со слики од делегати на Смилевскиот конгрес и Спомен-собата на партизанските одреди.

„Музејот не е толку често во агендата на училишните посети“, ни одговара Ѓорѓи на прашањето врзано за посетеноста. „Во почетокот не беше така, но сега наместо ученици, побројни се фамилијарните луѓе. Како и да е, кој и да дојде во селото, не ги штеди убавите зборови“, со насмевка ни раскажува нашиот домаќин.

Инаку, Ѓорги, заедно со 40-ина ергени, животот го минува во размислување за својата иднина. Сите тие би сакале да се оженат, но во Смилево нема моми. Ама и тоа не е причина што не се решаваат на овој важен чекор. Поради невработеност и немаштија, момците во селото не се осмелуваат да основаат семејства. Жена, деца... „Од што би живееле“, размислува гласно Ѓорги, велејќи дека сега секојдневјето им се неколкуте селски кафанчињата каде што го минуваат времето.

„Во зима играме карти, а во лето кога селото се полни со викендаши, шетаме до Споменикот на Даме Груев. За помладите ергени е полесно“, не многу оптимистично ги крева рамениците Ѓорги.

Приказната за Смилево не би била целосна доколку не се сретнавме и со првиот човек на селото. Борче Тодоровски е претседател на Советот на Месната заедница и ги знае сите проблеми. Поради надморската височина, тој го нарекува Смилево воздушна бања и вели дека и покрај сета убавина на која природата не штедела, се чувствуваат загрижено поради егзистенција. Работа во село нема, а во крајната нужда смилевчаните се снаоѓаат со правење ќумур, собирање чаеви... Со тоа малку се подобрува домашниот буџет, ама е несигурна и неизвесна работа.

„Смилевци, како што памети историјата, се чесни и горди луѓе обземени од славното минато на своите предци, но доколку продолжи бранот на иселување, за 20 години ќе останат 100 жители“, констатира Тодоровски. „Верувам дека проблемите што го притискаат селото се решливи - би ја спомнал состојбата на двата споменика на идеологот и основач на ВМРО, Дамјан Груев. Едниот, Спомен-паркот, е со дотраена ограда, незаштитен, дури и од добитокот. Другиот споменик со моштите на Груев, наместо мавзолејска поставка, фугиран е со камен граден во педесеттите години на минатиот век“.

Тој вели дека, сепак, најтешко им паѓа тоа што во Смилево нема државно одбележување на Илинденското востание иако било раководено оттука. И покрај државната одлука, во Смилево не се одбележуваат денови на конгресот, недоизградена е спортската сала, а текстилниот погон е затворен...

„Веруваме дека државата нема да не' заборави. Смилево е родено за манастирски и, воопшто, за алтернативен туризам, природата е преубава и затоа верувам ќе бидеме вклучени во новите проекти што имаат таква намена“.

Оваа сторија за Смилево, сепак, ќе ја завршиме оптимистично. Кој бил - знае, кој не бил - треба да го посети.

Смилево има душа - навечер небото е толку блиску што можете да допрете ѕвезда. Преку ден спокојот и зеленилото ќе ве натераат да се прашате - можна ли е таква убавина.

И доколку сакаме историјата и традицијата да бидат нашиот лозунг, ова село, во име на минатото, ама и со цврст влог во иднината - не смее да остане на маргините на општеството.


#
Статијата е прочитана 938 пати.

Испрати коментар

Од: pece i jovce todorovski
Датум: 12.10.2010 09:32:15
napisot vie za pozdravuvane da ziviet slavno smilevo i golem pozdrav od familijata todorovski sydney avstralija
Од: Bob i Pejcinovski
Датум: 12.10.2010 09:43:50
jas sum od Austraija i nemozam da pisam kirilica ,a saka da komentira deka Mekedoskata drzava treba da investira i da izgraduva i da ne se zaboravi istorijata.

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Македонско-бугарски историски контроверзии (2)
Лов на директори
Стил
Радомир Антиќ ќе го наследи Јонуз?!
Катерина Богоева од „Утрински весник“, добитничка на наградата „18 Мај“
Лустрацијата-леб за сиромаштијата
Сериски ТВ-манијаци од балкански тип
Чесите не го сакаат еврото
Нобелова за мир на кинески дисидент
И „повелете“ веќе не помага, облека ретко кој купува
Бајки за ЕУ
„Дис-печ“ - Rocket Number 9!
Одиме на победа против Русија
Настап на музичкиот дел од ВОМЕКС
Вртење во круг
Руската црква си се рекламира на „Јутјуб“
Дали се' уште еволуираме?
Десет часа над бездна длабока 500 метри
СДСМ и прати порака на власта од Прилеп
Распутин бил убиен од англиски агенти !
Бегаат од фотографи, а се' си кажуваат на „Твитер“
Подготвен сум за петте минути светска слава
Тивко замина спикерот што пушташе музика
Востанија и револуции






Former Croatian PM scrutinised by parliamentary committee
European Parliament VP investigated for rallying Hungarian minority
Bulgaria calls on World Bank to help manage EU funds