Вардар про вечерва ги „топи“ Чоколад Бојс од Талин
Вечерва во СРЦ „Кале“ (19.30 ч.) ракометарите на Вардар про ќе го пречекаат тимот со најегзотично име што некогаш гостувал во Македонија, Чоколад Бојс од Естонија, против кој ќе се обидат да ја анулираат негативата од два гола од Талин (32:30) и да се пласираат во третото коло во КПК.
Ако пред првиот дуел со „чоколадните момчиња“, вардарци се соочија со многу дилеми (не знаеја ништо за противникот), а имаа и проблеми со патувањето (12 часа минаа на аеродром во Виена поради откажувањето на летот за Талин, па мораа преку Копенхаген да стигнат со естонската престолнина), овојпат тоа не е случај. Не само што се убедени во победа и пласман во следната рунда во КПК, туку се убедени дека тоа ќе го остварат со убедлива гол-разлика.
„Мораме да одиграме максимално ангажирано од почеток до крај. Не смееме да имаме големи амплитуди во играта. Чоколад Бојс не се наивен тим, играат модерен ракомет, ми се допадна начинот на кој го одиграа првиот меч, но вечерва ние ќе победиме и тоа со голема разлика“, изјави, Веселин Вујовиќ, тренер на екипата на Вардар про за која овој меч ќе го пропуштат третиот голман Никола Митрески и Мите Караиванов.
„Нашата домашната задача ја завршивме на солиден начин, но во Скопје дојдовме со мала предност. Ќе ни' биде тешко затоа што имаме сознанија дека Вардар про е поинаков тим кога игра во својата сала“, рече капитенот на Чоколад Бојс, Мартин Нодла. (С.Д.) |