Карловиќ го урна Ѓоковиќ на мастерсот во Мадрид
Иво Карловиќ на својата успешна сезона 2009 додаде уште еден вреден „трофеј“, елиминирајќи го третиот светски рекет Новак Ѓоковиќ во осминафиналето на мастерсот во Мадрид. Откако летоска исто така во осминафиналето му пресуди на Роже Федерер, 14. носител од Хрватска во шпанската престолнина беше подобар во два тај-брејка од третиот носител од Србија, славејќи со 7-6 (4), 7-6 (5). До своето второ четврт-финале во Мадрид по тоа во 2005 година, вкупно трето на мастерсите вклучувајќи го и Синсинати годинава, каде што отиде и чекор подалеку, Карловиќ стигна за еден час и 40 минути. Првиот тај-брејк го доби без загубен сервис, а во вториот со мини-брејк на крајот.
Тенисерот со еден од најсилните сервиси во светот во овој меч забележа 20 аса наспроти деветте на противникот, но и високи 89 проценти на освоени поени по успешен прв сервис. Со оваа победа тој израмни на 1:1 во меѓусебните дуели со Ѓоковиќ, а следна пречка ќе му биде Французинот Жил Симон.
Федерер рекордер по заработката
Во пресрет на четврт-финалето во Мадрид, 27-годишниот Роже Федерер само од награди инкасираше 43.300.847 долари и така од првото место го симна Американецот Пит Сампрас, кој кариерата ја заврши со заработени 43.280.489 долари.
Пенета ја прекина низата на Јанковиќ
Настојувањето на Јелена Јанковиќ да стигне до својот четврти освоен турнир во низа заврши со пораз на водечката светска тенисерка од неносителката Флавија Пенета во второто коло во Цирих. Италијанката, која е 17. на ВТА-листата, но не е носителка на турнирот во најголемиот швајцарски град, славеше со 5-7, 6-3, 6-3. Пред Цирих, Јанковиќ минатите три седмици триумфира во Токио, во Штутгарт и во Москва. |