Вардар го предизвикува шампионот
„Црвено-црните“ денеска (14 ч.) на гости кај Работнички во еден од двата дерби меча во 9. коло
Сашко Ѓ. Димовски
Во улога на предизвикувачи, но и на благи фаворити, фудбалерите на Вардар ќе истрчаат на „Градски“, денеска во 14 часот, во еден од двата дерби натпревари во деветтото коло во првата македонска лига против бранителот на титулата, Работнички. Во вториот меч од ова коло, кој исто така привлекува големо внимание, Македонија во Ѓорче Петров 24 подоцна ќе го пречека Милано. „Црвено-црните“ го пречекуваат дуелот со Работнички како лидери на табелата со 18 бода, „романтичарите“, пак, досега собраа двојно помалку и се наоѓаат на седмата позиција. Во осумте кола во оваа сезона вардарци не знаат што е реми, имаат шест победи и еден пораз за разлика од составот на Бабунски кој како да се специјализираше за игра на нерешен резултат. Ги има дури шест во своето досие, но она со што Работнички може да се пофали е дека се' уште нема почувствувано што е пораз, има една победа и дури шест дуели одигра без победник. Во пресрет на нивната 29 меѓусебна пресметка градските ривали најавуваат добра игра и атак на трите бода, но и со респект говорат едни за други.
Жикица Тасевски ќе дебитира на клупата на Вардар како прв тренер и веќе во дебито се соочува со дерби. Против Работнички тој не може да смета на услугите на Ковачевиќ, Станишиќ, Љубисављевиќ и најверојатно Баевски, кој паузираше цела недела со тренинзи поради повреда. Но, и покрај тоа Тасевски верува во победа на неговите фудбалери.
„Вардар си е Вардар. Посебна мотивација не е потребна од таа дека се игра за Вардар, а згора на тоа против себе го имаме Работнички. За нијанса сме подобар тим во моментот, но никако не смее да се потцени противникот. По турбулентниот летен период Работнички се стабилизира, има голем и квалитетен фонд на играчи, кои секако заслужуваат респект. Патот до трите бода го гледам во дисциплинирана и колективна игра. Верувам дека ние ќе бидеме тие што ќе се радуваме на победата денеска“, ни изјави вардаровиот кормилар, Жикица Тасевски.
Неговиот колега во спротивниот табор, Бобан Бабунски, пак, нема главоболки околу составувањето на тимот во кој Димитар Лазаревски е единствениот „романтичар“ што ќе го пропуши денешниот дуел со „црвено-црните“ поради повреда.
„Улогата на фаворит е на страната на Вардар, но тоа не значи дека ние лесно ќе се предадеме. Она што особено ме радува е фактот дека полека се враќаме на патеките на кои треба да бидеме. Последните месеци во клубот дојдоа многу нови играчи за кои, конечно, можам да кажам дека се вклопија во играта и моите замисли како таа треба да изгледа. Оптимист сум бидејќи работите во клубот почнаа да се движат по нагорна линија. Очекувам добро издание на моите играчи и се надевам дека ќе го добиеме мечот со Вардар“, порачува Бабунски.
Прва лига, 9. коло
Сабота, 14 ч.: Работнички - Вардар, Силекс - Победа
Недела, 14 ч.: Македонија Ѓ.П. - Милано, Напредок - Пелистер, Хоризонт Турново - Ренова. Слободна во ова коло е екипата на Металург. |