Само една желба - победа против Драмен
Ракометарите на Металург очекуваат вечерва против норвешкиот првак да ги освојат првите бодови во ЛШ
Миодраг Мицковиќ
Ракометарите на Металург го играат вечерва во салата „Борис Трајковски“ (17 ч.) сигурно најважниот меч во годинашниве натпревари во Лигата на шампионите против норвешкиот првак Драмен. Откако планирано ги загубија двете средби во гости против европските гиганти Кил и Барселона, играчите на Металург ќе се обидат во мечот со Драмен да извлечат поволен резултат и да ги продолжат мечевите на европската сцена, овој пат во Купот на куповите. Средбата со Драмен е еден вид бараж бидејќи поуспешниот од двете средби ќе го освои третото место во групата во Лигата на шампионите и ќе игра во Купот на куповите.
Досега Металург нема играно ниту со еден клуб од Норвешка, неговите играчи се свесни дека ги очекува тежок и непознат противник, според општо мислење квалитетот на двете екипи е изедначен и за конечниот победник ќе одлучуваат нијанси и можеби поголема желба за победа.
-По двете тешки средби со Кил и Барселона, сега добивме можност да се надигруваме и да играме со рамноправен противник, беа зборовите на голманот Борко Ристовски. Драмен е релативно млада екипа, но доста силна во што се уверивме гледајќи ги тв снимките од нивните мечеви со Кил и Барселона. На мене силен впечаток ми остави нивниот лев бек, извонреден шутер, мошне силен и ќе мораме многу да внимаваме на него. На овој меч ни е потребна и помош од гледачите, верувам дека нема да изостане и сметам дека ќе ги израдуваме со победа, која за нас е во овој момент и најважна.
Ванчо Димовски исто така очекува дека ќе имаат тешка задача против Драмен но убеден е дека Металург ќе победи и ќе ги освои првите бодови во Лигата на шампионите.
-За нас е најбитно да победиме, не е важно со колку голови разлика важно е да ги освоиме трите бода. Да не заборавиме дека ние сме сепак во предност бидејќи со Кил и Барселона играме во реваншите дома и тука можеме да „чепнеме“ барем еден бод додека Драмен им гостува и нема никакви шанси на тие мечеви. Ќе повторам мораме да победиме со помошта на гледачите која ни е потрбна во овој момент.
Играчите на Металург кои за првпат ќе играат во салата „Борис Трајковски“ веќе одржаа три тренинга, подготвени се да го победат Драмен и со една добра игра да ги задоволат своите гледачи.
-Одиме на победа, тоа е жел��ата на сите играчи. Воопшто не размислуваме дали таа ќе биде со еден, два или повеќе голови разлика, најважно е да победиме а потоа ќе размислуваме за она што не очекува со Кил и Барселона во Скопје и со Драмен во гости, ни рече Филип Миркуловски. Знам дека и Драмен ги има гледано снимките од нашите натпревари, особено од последниот во Барселона, но тогаш во второто полувреме не игравме како што знаеме, сега против Драмен ќе биде многу поинаку.
Тренерот Шундовски го загрижува повредата на Мите Стоилов кој на завчерашниот меч со Борец Младост го повреди глуждот кој му е отечен, лекарите прават напори да го оспособат за утрешниот меч. Доколку тој не може да настапи тоа ќе биде голем хендикеп бидејќи Стоилов е одличен во одбранбените задачи. Натпреварот ќе го судат чешките судии Кохут и Новак. Почеток на натпреварот е во 17 часот, во продажба се пуштени 6.000 билети по цена од 100 денари. |