Европските влади ги гонат Ромите
Некои земји имаат „систематски политики против Ромите“, смета Амнести интернешенел
Успехот на фестивалите посветени на циганска музика, како што се иницијативите да се подигне свеста за културата на Ромите, ја потврдуваат восхитеноста на Европејците во светот на Ромите. Сепак, во неколку западноевропски земји, репресивн��те мерки против нив се се' поголеми.
Кон крајот на јули, францускиот претседател Никола Саркози зборуваше за „проблеми што се наметнуваат од однесувањето на некои Роми и патници“, и се заложи за протерување на странците, додека неговиот министер за внатрешни работи започна постапка за демонтирање на речиси 500 илегални населби низ земјата. Во април, Германија започна со преселување на 12.000 Роми во Косово, додека Данска протера 400 Роми кои „го прекршиле јавното чувство за безбедност“ на нивните соседи. Во почетокот на јули, фламанската влада премести неколку кампови со Роми блиску до Валонија, а тука се и мерките преземени во Италија уште од 2008 година за надгледување на „ромскиот народ“. Шведската влада, од своја страна, сака да го казни групното просење со протерување и прогонство на три години, а во исто време побара од Европската комисија да заземе став за алармантната ситуација на Ромите во Европа.
На 29 јули, Брисел одговори дека во врска со иселувањата на Ромите, земјите-членки се суверени. Тоа е начин ЕУ да го игнорира проблемот, обвини „Амнести интернешенел“, истакнувајќи дека некои земји имаат „систематски политики против Ромите“. На 12 август, Комитетот на ОН за елиминирање на расна дискриминација (ЦЕРД) ја издвои Франција поради „оживување на расизмот“ и нејзината политика спрема Ромите.
Неколку недели претходно, Пјер Лелуш, државен секретар на Франција за европски прашања, побара „итна“ дебата за „реален проблем чие време дојде до реално решение“. Потсетувајќи на проблемите со малолетната деликвенција, како и мрежите на проституција и трговија со малолетници со кои се соочува Франција, Лелуш остро го критикуваше приливот на „луѓе кои не сакаат да се интегрираат во општеството“, недостигот од одговорност кај дел од земјите од кои потекнуваат Ромите (од нив 9 милиони имаат европски пасоши), па дури и релативната неактивност од страна на Комисијата во Брисел, која троши премногу пари на стратегии за интеграција. Потоа, Шведска ги додаде нејзините критики, барајќи „задолжителен план на акција“ со кој би се одговорило на „алармантната ситуација“.
Тие влади се насочуваат кон одредени земји од кои потекнуваат Ромите, обвинувајќи ги дека одбегнуваат одговорност. Покрај Бугарија (со околу 750.000 Роми) и Словачка (500.000), Романија - со официјално население од 537.000 Роми, но многу пореална бројка од 2 милиона Роми - останува примарна цел. Фактот дека Букурешт е толку бавен во користењето на европските фондови наменети за помош на Ромите е многу иритирачки за другите земји-членки. Шест програми со вкупна вредност од 9,3 милиони евра ги води Националната агенција за Ромите, но резултатите се едвај видливи. Поради одложувањата, финансирањето одредени проекти можеби ќе биде замрзнато.
Здруженијата на Ромите ги критикуваат романските органи како и француските. „Романија не ја изврши нејзината задача“, забележува Кипријан Нецула, кој го надгледува проектот познат како „Куќата на Ромите“. „Државата дозволи да се развиваат мрежи на трговија со луѓе и проституција, и едноставно подготви неколку програми (за тие прашања) на хартија, со намера да ги задоволи Европејците“.
Ситуацијата на теренот ја потврдува песимистичката дијагностика во врска со трошењето, па дури и неискористувањето на европските фондови наменети за тој проблем. Факт е дека за Романија е тешко да потроши ненадоместливи финансии од 32 милиона евра кои Комисијата ги резервираше за ситуацијата, односно фондови за кои се потребни соодветни барања и оправдувања да се пуштат.
Околу 13,3 милијарди евра треба да се потрошат меѓу 2007 и 2013 година, преку европскиот социјален фонд, за интеграцијата на Ромите и другите групи идентификувани како „чувствителни“. Во Романија и во Унгарија, половина од добиената помош оди кај Ромите. Пари, исто така, се делат на различни земји преку Фондот за рурален развој, а од мај земјите-членки можат да го користат Европскиот фонд за регионален развој со цел да им се помогне на малцинствата, вклучувајќи ги и Ромите, полесно да добијат сместување. „Не недостигаат пари, туку вистински начин да се искористат“, вели официјален претставник. Како последна опција, Брисел организираше студии за да се утврдат најуспешните програми за интеграција, проекти и политички стратегии. (Пресјуроп) |