По Елизабета, Австралија ќе стане република
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
Лондон - Актуелната премиерка на Австралија, Џулија Гилард, изјави дека земјата ќе стане република по смртта на британската кралица Елизабета Втора. Во изјава за Би-Би-Си, во текот на кампањата за претстојните парламентарни избори, Гилард рече дека заминувањето на кралицата ќе биде оној пресвртен момент, што ќе ја определи Австралија да го напушти сегашниот статус на земја-доминион, а со тоа и монархијата, со која преку својот генерален гувернер формално управува британскиот суверен.
Државната заедница на Австралија е уставна демократија, базирана на федерална поделба на вла��та. Формата на владеење е уставна монархија со парламентарен систем. Кралицата Елизабета Втора е кралица на Австралија. Таа е претставена од генералниот гувернер на федерално ниво.
Првата европска посета на Австралија била од холандскиот истражувач Вилем Јансон, кој пристигнал во 1606 година. Во текот на 17 век западниот и северниот брег биле претставени на карта од Холанѓаните и ги нарекле „Нова Холандија“. Подоцна, во 1770 година, Џејмс Кук пристигнал на источниот брег на Австралија и регионот го нарекол „Нов Јужен Велс“.
Пристигнувањето на Кук било вовед за основање британска колонија во Австралија. Првата британска населба Форт Џексон, всушност, колонија каде што биле испраќани британски осуденици, била основана во 1788 година. Форт Џексон денес е само мал дел од градот Сиднеј.
На 26 јануари 1825 година била основана Британската кралска колонија на Нов Јужен Велс, кој денес се слави како национален ден во Австралија.
Австралија во 1999 година на референдум го отфрли тогашниот предлог за излегување од доминионскиот статус и за прогласување република, но земјата и натаму е поделена околу задржувањето на формалниот статус на монархија или на потврдување на републиканското државно уредување.
Премиерката Гилард е родена во Велс, во Велика Британија, но се декларира како републиканка. Таа за Би-Би-Си изјави дека, без разлика на своите политички убедување, и' посакува долг и здрав живот на 84- годишната британска кралица.
Нејзиниот главен противник на изборите, лидерот на австралиските либерали, Тони Абот, кој е роден во Лондон, е противник на претворањето на Австралија во република и важи за цврст монархист. |