Неонацисти маршираат во Монголија
Eкстремистичките организации ги обвинуваат Кинезите за лошата економска состојбa
Тие сакаат да ја одбранат „чистокрвноста на Монголија“, се возат во мерцедес-кабриолети низ улиците на Улан Батор, со развиорени знамиња со кукаст крст, пред камерите демонстративно поздравуваат со поздравот на Хитлер. Десноекстремистичките организации во Монголија ги обвинуваат Кинезите за лошата економска состојба и за социјалните проблеми.
Бат Енкбаер, портпарол на организацијата „Дајар Монгол“, односно „Цела Монголија“, има едноставно објаснување зошто Кинезите се цел на нивната омраза: „Затоа што сме Монголци“. Во разговорот за Дојче веле тој не ја крие омразата кон Кинезите:
„Кинезите треба да ја напуштат нашата земја. Ќе ги избркаме од Монголија, сите Кинези и оние што потекнуваат од кинеско-монголски бракови, или Кинезите со монголски пасоши“.
Голем дел од странските директни инвестиции во Монголија се од Народна Република Кина. Кинезите доминираат во рударството, во земјата со големи рудни богатства, која има изолирана местоположба меѓу двете големи економски сили Русија и Кина. Кинезите сметаат дека Монголците треба да бидат благодарни, оти благодарение на инвестициите од соседите не само што се отвораат нови работни места за нив, туку има купувачи и за монголските суровини.
Бат Енкбауер не го знае точниот број на членови во својата организација, но убеден е дека нивната цел ја поддржуваат сите чистокрвни Монголци. Монголскиот историчар и социолог Нијам Пурув во Улан Батор, од друга страна, пак, смета дека групата „Дајар Монгол“ нема голема поддршка од монголското општество:
„’Дајар Монгол’ пред две години можеби кренаа голем прав, но сега едвај имаат влијание во општеството. Тие велат дека имаат илјадници членови, но, според моите процени, имаат само дузина. Тоа се, пред се', исфрустрирани млади луѓе, кои имаат радикални ставови и мало образование или, пак, се невработени“.
Дисидентот Кси Хајминг, кој живее во Германија, поборник за човековите права од внатрешниот дел на Монголија, пред 20 години политички протеран од Кина, внимателно го набљудувал процесот на трансформација на монголското општество и често патувал во Монголија. Тој смета дека причините за антикинескиот национализам во Монголија се подалекусежни, пред се', политиката на Пекинг, која остро ја критикува:
„Влијанието на Пекинг во Монголија го сметам за неоколонијализам. Притоа не станува збор за освојување територија, туку за купување на монголската елита во политиката и во економијата, за да ги контролираат ресурсите на оваа земја. За тоа не смее да се обвинат ниту сопствениците на кинеските ресторани ниту кинеските работници, кои работат за својата гола егзистенција на градилиштата во Монголија. Неонацизмот може само да ја влоши ваквата состојба, при што сосема нормалните Монголци и Кинези ќе бидат свртени едни против други“. (Дојче веле) |