Писмо од Лондон
Последната тајна на „Титаник“
Томислав Ивановски
Во својата наJнова книга „Добро како злато“, Луиз Патен, раководителка со бордот на директори на лондонската берза ФТСЕ, но и писателка на финансиски трилери, Ја обелоденува последната таЈна за вистината околу потонувањето на „Титаник“
ЛОНДОН - Секое семејство има по некоја своја тајна, која или никогаш нема да биде обелоденета или ќе се појави по многу години, но, главно, ќе остане врзана за луѓето од семејството и без значење за кој било друг. Но, семејната тајна на британската авторка Луиз Патен, што се провлекувала безмалку еден век, а што таа самата ја чувала и ја носела во себе цели четириесет години, не се однесува за нејзиното семејство, колку за трагедијата на бродот, кој на своето прво (и последно) патување не стигна наместо во њујоршкото пристаниште, заврши на дното на Атланскиот Океан. Во својата најнова книга „Добро како злато“, Патен, која е една од ретките Британки што раководела со бордот на директори на лондонската берза ФТСЕ, но и успешна писателка на финансиски трилери, за прв пат ја обелоденува последната тајна за вистината околу потонувањето на прекуокеанскиот брод „Титаник“.
Отсекогаш се мисли дека главната причина за поморската катастрофа на тогаш најголемиот и најсовремен брод била преголемата брзина со која пловел „Титаник“, во обидот на своето промотивно патување да постигне и најдобро време во преминувањето на Атлантикот, како и грешката на екипажот, кој не успеал навреме да ја види големата санта мраз. Но, благодарение на штотуку објавената книга на Патен, се открива дека бродот не само што имал време да го одбегне сударот туку, веројатно, и никој немало да настрада, ако не била почетничката и панична грешка на, инаку, искусниот кормилар и погрешната наредба на раководителот на компанијата „Вајт Стар“, сопственик на бродот. Уште повеќе, најпосле се открива тајната на Чарлс Лајтолер, поморски офицер на „Титаник“, инаку дедо на авторката на книгата, кој успеал да ја преживее несреќата. Тој ја знаел вистинската причина за сударот и за брзото потонување на „непотопливиот брод“, како што тоа го тврдеше во рекламите, но тоа не го соопштил и во двете истраги што се водени по оваа поморска катастрофа - во Сенатот на САД, во Вашингтон и во британската Управа за поморска трговија.
Лајтолер умрел во 1952 година, величан како воен херој од Првата и од Втората светска војна, особено поради храброста при евакуацијата на британската војска од Данкерк во 1940 година. Неговата тајна ја знаела сопругата, која и' ја пренела на својата внука Луиз Патен, уште додека била тинејџерка, во шеесеттите години на 20 век, предупредувајќи ја дека ако тајната биде откриена, ќе предизвика две работи. Првата ќе го уништи доброто име и угледот на нејзиниот дедо, а втората ќе ја измени историјата, поништувајќи ја официјалната верзија за потонувањето на „Титаник“ и за смртта на 1.517 луѓе во април 1912 година. Таа го прифатила аманетот од бабата, подоцна пренесен и на мајката, па чувајќи ја семејната тајна онака како што ветила, за вистината за (не)славниот брод не го известила ниту својот сопруг, се' до моментот кога книгата била напишана.
Офицерот Лајтолер, ноќта кога бродот удрил во грамадната санта, бил во својата кабина. Веднаш потоа со капетанот на бродот и со првиот офицер на бродот, кој во тој момент бил на командниот мост, што ќе рече бил одговорен за „Титаник“, отишле во неговата кабина за да земат огнено оружје, за секој случај, стравувајќи од можна побуна меѓу патниците при влегувањето во чамците за спасување. Тогаш тие му кажале што, всушност, се случило, дека бродот удрил со десната страна во острите рабови од сантата, затоа што кормиларот наместо да сврти влево, свртел на другата страна и ја предизвикал најпозната и најизвиканата бродска несреќа во историјата на цивилната пловидба. Изгледа речиси неверојатно дека кормилар на брод каков што бил „Титаник“ во тоа време би можел да направи таква грешка и да загуби целосно контрола врз себе. Авторот на книгата, меѓутоа, тоа го објаснува со времето на појавувањето на овој тогаш најголем и најскап брод на парен погон. Тоа е период на забрзано заменување на дотогашните едреници, со парни бродови, со кои одело и различното работење на кормилата. Едрениците имале кормило кое функционирало така што за да заврти бродот во лево, кормилото требало да се сврти на десната страна, додека кај новите, парни бродови тоа било уредено така како што денес функционира воланот кај автомобилите. Кобното недоразбирање меѓу првиот офицер и кормиралот настанал затоа што, иако на парен погон, бродот бил изграден со старински систем на кормилото, па кога кормиларот добил команда за вртење, тој реагирал онака како што бил обучен, за новиот тип кормила и погрешно го насочил големиот брод директно кон сантата. Останале помалку од четири минути од моментот кога првиот офицер ја воочил грешката на кормиларот, но командата за брзо маневрирање уследила предоцна за да се избегне сударот.
На двете сослушувања, Лајтолер излажал кога рекол дека по сударот со сантата, не разговарал ниту со капетанот, ниту со првиот офицер, за тоа што се случило. Книгата на Луиз Патен, меѓутоа, открива уште една кобна команда, поради која се верува бродот потонал со голема брзина и како сега се тврди, со непотребно многу жртви, а за која првиот офицер и поморски херој и целото негово семејство молчеле. Станува збор за смртната наредба на раководителот на компанијата што го поседувала „Титаник“ Брус Ајсмеј, бродот да продолжи напред по сударот, само со значително намалена брзина. Бродот бил продупчен од сантата на своето најчувствително место, но, според Лајтолер, можел да се држи на површината ако останал на местото и ако не пловел. Но, Ајсмеј не сакал неговата крупна инвестиција да остане на сред океанот и да чека полека да тоне, или да биде одвлечена до некое пристаниште, цврсто верувајќи дека бродот не може да потоне. Да останел на местото на несреќата, „Титаник“ би успеал да ги дочека бродовите што тргнале кон него за да ги спасуваат патниците и веројатно никој немало да загине, но наредбата да се продолжи со пловењето, уште повеќе го засилило навлегувањето на водата во внатрешноста на бродот, па тој тонел побрзо отколку што можело да се очекува.
Ова извонредно откритие доаѓа по цела серија истражувања, по многубројни книги, студии, романи и филмови, во изминатите 98 години, во кои сите се трудеа да ја одгатнат тајната за пропаста на „Титаник“. Сето тоа се случува без користењето батискафи, без нурнувањето во длабочините на океанот каде лежат остатоците од бродот, без прескапите планови за нивното извлекување на површината. Последната тајна на бродот што не стигна таму каде што беше упатен стана јасна дури откако последниот потомок на едно семејство одлучи да го прекине молчењето и да ја открие вистината за една поморска трагедија, во која поради една крајно банална, човечка грешка, непотребно настрадаа толку многу луѓе. Луиз Патен низ својата книга го обелоденува лажното сведочење на офицерот на „Титаник“, Чарлс Лајтолер, како и криењето на лагата врз чија основа е создадена верзија што генерации луѓе ја имаат прифатено и на која и' веруваа. Автороката на книгата има разбирање зашто нејзиниот дедо не ја соопштил вистината за несреќата за еден брод, кој има светска слава со своето фатално патување и потонување. Според Патен, сопственикот на бродот што преживеал, како и Лајтолер, побарал од него да не ја кажува вистината, затоа што со неа ќе пропадне компанијата, ќе пропадне нејзиното осигурување, а тоа ќе предизвика илјадници луѓе да останат на улица и без работа. „Лазел за да ја заштити работата на многу луѓе и затоа што дал збор дека ќе молчи, а тоа во она време имало голема тежина“, објаснува авторката на книгата. Решението сето тоа сега да биде обелоденето го објаснува така што вели дека сите актери на тајната околу „Титаник“ се умрени, па и покрај инсистирањето на нејзината мајка дека Чарлс Лајтолер треба да остане запаметен како херој, смета дека дошло време, тајната што таа ја носела во себе четири децении, треба најпосле да се подели со светот. „Не сакав она што го знаев засекогаш да исчезне со мојата смрт“, вели писателката Луиз Патен. |