„Форбс“
Светот во 2020 година
Јасминка Павловска
Уредништвото на американското онлајн-издание на магазинот „Форбс“ побарало од своите соработници да предвидат некои од најважните настани, кои, според нивното мислење, ќе ја одбележат претстојната декада. Резултатите во голема мера се песимистичка визија, скицирана врз основа на вистински податоци и факти и колку- толку реална проекција на начинот на живот во наредните 10 години. Сето тоа е придружено со значителна доза на „ригорозна научна фантастика“ за да се пополнат дупките во чие предвидување никој не сакал да учествува.
Иднината за таа потреба е поделена во шест категории: политика, медицина, технологија, енергија, економија и финансии, како и општество и животна средина. Ни малку зачудувачки, политиката во овој состав се покажала како категорија во која научната фантастика најмногу дошла до израз
Политика
2011. Промена на власта во Северна Кореја. Ким Јонг Ун, наследникот на Ким Јонг Ил, бара економска и трговска соработка со Запад.
2012. Ал Шахаб, радикална исламска група, ја презема власта во Сомалија и преку пиратски групи го контролира сообраќајот во Аденскиот Залив
2014. Во новиот бран на глобалната криза со вооружувањето за масовно уништување, Кина поставува далечински проектили во Судан, кои се под контрола на Народната ослободителна армија
2016. Првите целосно компјутеризирани избори во САД предизвикуваат бурни реакции за груби политички манипулации со технологијата.
2020. Првата климатска војна. Бегајќи од Малдивите, кои тонат, муслиманското население се населува на Шри Ланка. Почнува верски поттикната војна, со голема опасност од ширење.
Енергија
2012. По израелскиот напад на нуклеарните постројки во Иран, цената на нафтата и на дериватите скокаат до историски највисоко ниво. Ахмадинеџад се заканува со затворање на теснецот Хормуш.
2015. Бум на соларната енергија. По германското садење на соларните панели, по Сахара, сончевата енергија станува комерцијално исплатлива и конкурентна на пазарот.
2019. По ренесансата на изградба на нуклеарни реактори, Франција, конечно, изведува успешен експеримент со фузија, најавувајќи ново време на чиста енергија.
Медицина и здравство
2012. Супертуберкулоза, нов вид на старата болест, отпорна на сите денешни постојни лекови, избива во Мексико Сити и се шири на југот на САД и во Латинска Америка. САД сосема ја затвора границата кон Мексико.
2013. Американска осигурителна куќа прва вклучува анализа на ДНК во програмата за здравствено осигурување.
2014. Најголемата светска фатмацевтска компанија „Физер“ се распаѓа на пет помали компании.
2015. „Новартис“ продава прва „таблетка за аутизам“, наменета за пациенти со „лабилен Х“-хромозом.
2016. Две Австралијки носат на свет „дете без татко“, со помош на синтетичка сперма, произведена од матичните клетки на мајката.
2020. Целосно автоматизиран робот - хирург официјално започнува работа на операции на тумори. Процентот на излеченост расте до 20 отсто.
Технологија
2011. Руските научници откриваат голема американско-израелска мрежа за компјутерска шпионажа.
2011. Автомобилите добиваат крилја. „Терафуџија транзишн“ првиот „летечки автомобил“ излегува на продажба за 200.000 долари.
2016. Во американската сојузна држава Северна Каролина се отвора прва фарма со виртуелни вработени, всушност, реални луѓе, кои опслужуваат играчи на интернетски игри.
2018. Тргнува „Транс-Еуразија експрес’, најбрзиот воз на светот што ги поврзува Париз и Пекинг, со брзина од 300 км на час.
Финансии и економија
2012. „Фејзбук“ излегува со акции на пазарот и постигнува вредност од 40 милијарди долари. Марк Цукерберг е првиот дваесетгодишник, тежок повеќе од 10 милијарди американски долари.
2013. По дотогаш незапаметениот крах на Волстрит, американските власти целосно забрануваат високофреквентна трговија.
2014. Индиецот Мукеш Амбани го тргнува од првата позиција на листата на Форбс, милијардерот Мексиканец, Карлос Слим Хелу
2018. По долга четирикратна рецесија, работите, конечно, се враќаат. Потрошувачите се оптимистични, Вол Март бележи глобално рекорден промет.
Општество и животна околина
2011. Генералниот секретар на ОН во Каиро присуствува на раѓањето на 7-милијардитото дете. Раѓањето на девојчето Малика Хусеин го означува почетокот на „декадата на полова еднаквост“.
2013. Изумира туната
2015. Десалинизацијата станува најголем извор на вода за пиење.
2020. Во недостиг од жени, Кина ги легализира браковите меѓу мажи.. |