Технологија
Смартфон со врвен дисплеј
Платформата на „Андроид“ добива се' повеќе припадници. Ви го претставуваме уредот со моментно најубав приказ на екранот достапен на нашиот пазар
Пазарот на смартфони станува се' поразновиден, што особено не' радува. Достапни се многу квалитетни уреди од кој било производител, а „Самсунг галакси S“ е, дефинитивно, еден од оние што ќе одиграат клучна улога на овој дел од пазарот. Основната сила на „Галакси S“ е содржана во неговиот четириинчен капацитативен Super AMOLED екран со резолуција 480х800 пиксели, кој нуди моментно најубав приказ на уредите од овој вид достапни на нашиот пазар. Барем додека светлото на денот не го здогледа iPhone во својата четврта генерација, со својот фантастичен ретина-дисплеј.
„галакси S“ го покренува „Андроид“ во верзијата 2.1, врз кој е сместен корисничкиот интерфејс TouchWiz 3.0. Изненадувачки, со оглед на тоа дека „Галакси S“ работи на прилично моќен хардвер, уредот понекогаш покажува знаци на забавување во работата. Без никакво правило, понекогаш е потребно да се почека подолго време при притискање на копчето „home“ во приказот на повиците или СМС-пораките. Што се однесува до хардверот, Samsung Galaxy S го покренува процесор Cortex A8 Hummingbird со работен такт од 1 Ghz и содржи 512 MB RAM меморија што е сосема доволно за брзо извршување на сите зададени задачи. Достапен е во варијанти од 8 или 16 GB простор за податоци со додаток на влез за microSD картички до 32 GB.
Уште една замерка мора да се упати кон дизајнот на телефонот. Имено, погледот на неговата предна страна многумина кои уредот го видоа на „на прва“ ги потсети на дизајнот на iPhone. Дека се работи за Samsung, сугерира само називот на компанијата. Предната страна е резервирана за екранот од четири инчи, класичното копче „home“ и двете копчиња осетливи на допир, резервирани за отворање на менито и за враќање чекор назад.
Десната страна содржи копче за исклучување, односно вклучување, а левата копчиња за управување со гласноста. Горната, пак, има влез за слушалки и влез за напојување, односно USB поврзување на уредот. Задната страна е резервирана за пет мегапикселна камера. Galaxy S има компактна форма, а потполните димензии му се 112,4 х 64,2 х 9,9 милиметри со тежина од 119 грама. Она што не ни се допадна е задната пластична маска на уредот, која собира дамки од дланката и прстите.
Веројатно, забележавте дека никаде не го споменавме копчето за активирање на камерата, бидејќи на овој уред едноставно го нема. Со сите фото и видеоможности на Galaxy S се управува преку дисплејот чувствителен на допир, што претставува проблем при снимањето на фотографиите со една рака, кое најчесто е оневозможено. На уредот му недостасува и каков било облик на блиц, а што се однесува до видеоснимањето, способен е за HD видео рекординг со резолуција 720p при 30 фрејма во секунда.
Кај поврзливоста на Galaxy S скоро ништо не недостасува – GSM/GPRS/EDGE, дуал-бенд HSPA и Wi-Fi гарантираат дека во секој случај ќе бидете онлајн. Дуќанот на апликации Android Market овозможува да пронајдете мноштво апликации за пристап до социјалните мрежи, многу игри и разни други додатоци, кои ги посакувате на својот уред.
Можеме да заклучиме дека Samsung Galaxy S е одличен уред и слободно може да го прогласиме за еден од најдобрите уреди во категоријата смартфони на нашиот пазар. Можете да го набавите во продажните салони на мобилниот оператор ВИП, но, од друга страна, препорачуваме и да го сочекате iPhone 4, кој наскоро ќе почне да го продава „T-мобиле“.
Цена: 21.990 денари (суперсмарт постпејд), 30.000 денари (само телефон).
HTC ги претстави Desire HD и Z
Како и што се најавуваше во последните неколку денови, тајванскиот производител HTC на конференција во Лондон претстави два нови смартфона од линијата Desire, наречени Desire HD и Desite Z. Desire HD доаѓа со 4,3-инчен екран со резолуција 800х480 пиксели и Android OS 2.2 (Froyo). Куќиштето му е направено од еден алуминиумски дел и работи на процесор Qualcomm Snapdragon 8255 со такт од 1 гигахерц. Опремен е со 8-мегапикселна камера со двоен LED блиц и е во можност да снима видео во HD 720p резолуција. Поддржува спојување по пат на HSPA+ мрежи и Wi-Fi, а на европскиот пазар би требало да се најде уште во октомври.
Desire Z, пак, изгледа како обичен Desire со дисплеј од 3,7-инчи (800х480), само што има лизгачка QWERTY тастатура, која е скриена под екранот и која се извлекува на левата страна од телефонот. На тастатурата е можно да се дефинираат shortcut со кои брзински се покренуваат омилените апликации, а телефонот доаѓа и со 5-мегапикселна камера со која, исто така, може да се снима HD видео. Поседува Qualcomm MSM7230 процесор со такт од 800 Mhz и поддржува HSPA+, Bluetooth и спојување преку WLAN.
„Нокија“ со нови модели - E7, C6 и C7
Финската компанија „Нокија“ на својата конференција „Нокија ворлд“ презентираше три нови смартфони, „нокија E-7“, „C-7“ и „C-6“, сите три засновани врз платформата Symbian 3. Интересно е дека на истиот мобилен оперативен систем ќе биде заснован и надоаѓачкиот модел „нокија Н-8“, но тоа, веројатно, ќе биде единствениот телефон од Ен-серијата заснован врз новиот Symbian. „Нокија E-7“ е наменета за бизнис-корисниците, а опремена е со AMOLED екран осетлив на допир со дијагонала од четири инчи (640х360 пиксели). Дисплејот е заснован врз технологијата ClearBlack за подобра видливост на отворена и целосна QWERTY тастатура. Препорачаната цена е 495 евра.
„Нокија С-7“ е елегантен и тенок смартфон со посебни опции за социјално вмрежување. C-7 има AMOLED дисплеј од 3,5 инчи и куќиште од комбинација на нерѓосувачки челик и стакло. Проценетата малопродажна цена е 335 евра. „Нокија C-6“, пак, има поларизиран екран со дијагонала од 3,2 инчи, исто така, со технологијата ClearBlack. Куќиштето е, исто така, од нерѓосувачки челик и стакло, а препорачаната цена е 260 евра. И C-6 и C-7 имаат камера со резолуција од 8 мегапиксели, двоен LED блиц, C-7 има 350 MB интерна меморија и 8 GB простор за податоци, додека C-6 има само меморија од 340 MB. Покрај тоа, во двата телефона меморијата е можно да се прошири со microSD картички со капацитет до 32 GB. Трите нови модели на „нокија“ би требало да се појават на пазарот кон крајот на годината.
HP ја претстави новата генерација тач-искуство
HP го откри последниот развој на тач-искуството. Редизијанираниот HP TouchSmart PC се карактери��ира со тенка и привлечна нова форма на најнапредната верзија на HP-овиот ексклузивен TouchSmart софтвер до денес. Крајните резултати се однесуваат на многу поперсонализирано, интуитивно, и забавно искуство наменето за корисниците.
„Секоја генерација на TouchSmart е одраз на она што HP го има научено од своите корисници надополнета со последната технологија“, изјави Charl Snyman, потпретседател и генерален менаџер на HP Personal Systems Group за Европа, Средниот Исток и Африка (EMEA). „Оригиналниот интерфејс на TouchSmart им овозможува на корисниците да работат многу повеќе од вообичаените компјутерски операции на кои се научени – тие функционираат како ехо на дигиталниот животен стил, охрабрувајќи ја креативноста, организацијата и вистинското компјутерско искуство“.
Последната верзија на ексклузивниот HP TouchSmart софтвер го трансформира десктопот во лично платно, дозволувајќи му на корисникот слободно да влече апликации, музика, фотографии, видеа и веб-содржини директно на екранот како магнети. „Повеќеслојните позадини му даваат на екранот длабочина и перспектива додека прегледот со ролање и подобрениот пребарувач му овозможува на корисникот едноставно да ги лоцира апликациите – сето тоа со еден допир на прстот“.
Како додаток за постојните апликации од „Твитер“ и HPовите MusicStation овозможени од Omnifone, софтверот сега се карактеризира со „Фејсбук“-апликација креирана за работа со допир со што се поедноставува поврзувањето со пријателите и со семејството. Корисниците можат да креираат перзонализирани видеопораки и да ги испраќаат директно до Facebook Wall. Исто така, HP го претстави HP Application Store, кој овозможува влез до бесплатните и претплатните апликации од партнерите како Ubisoft, Marvel Comics и Cartoon Network.
Пристигнува BlackPad?
Според непотврдени информации, кои ги објави The Wall Street Journal, канадскиот производител на смартфони Research In Motion (RIM) има намера следната недела да го претстави својот таблет. Неименуваните извори наведуваат дека уредот се' уште не е подготвен за испорака до корисниците, но би требало да биде достапен во текот на четвртиот квартал од оваа година. Blackberry таблетот, кој се нарекува и BlackPad (RIM го купи домејнот blackpad.com), би требало да има 7-инчен екран осетлив на допир и барем една камера. Според претходните информации BlackPad требаше да има дисплеј од 9,7 инчи.
Исто така, се наведува дека уредот нема да има можност за директно спојување на мобилните мрежи, туку за тоа ќе мора да се користи некој од моделите на мобилни телефони Blackberry преку тетеринг. Како оперативен систем BlackPad не би требало да го користи BlackBerry 6 OS, туку оперативниот систем на компанијата QNX Software, која RIM ја презема претходно оваа година. Во извештајот се наведува дека QNX во иднина би можело да го замени оперативниот систем на сите BlackBerry уреди. |