Број 3391  сабота, 25 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Стил








Site Meter

Врвови

Планинска авантура низ Европа

Интернационална група планинари на планинарските друштва „Макпетрол“ од Македонија, „Рилски турист“ од Бугарија и „Балкан“ од Србија, го минаа летниот одмор во постојано движење низ планини, искачувајќи се на неколку европски врвови

Киро Кипроски

Летото веќе и календарски, па и климатски, веќе неколку дена е зад нас. Но, спомените и сеќавањата од одморот и летните авантури остануваат во спомен. Највозбудливите, најатрактивните доживувања регистрирани се со видео запис или пак со дигитален апарат, а по годишните одмори, во овие есенски денови се убава можност на своите блиски, или на пријателите да им се пофалиме каде сме го минале одморот, да им презентираме дел од убавините што сме ги регистрирале.

Последниве години с е чини дека и нашите сограѓани го напуштаат класичниот начин на одмор: десетина, петнаесет дена стационирани во некое приморско или пак езерско одморалиште , а времето потрошено само за сончање и капење. Особено младите се порешителни и тргнуваат во „патувачки“ авантуристички туризам низ светот, во потрага по атрактивни држави, туристички места, природни , културни, историски и други знаменитости.

Мала интернационална група на планинари на планинарските друштва „Макпетрол”од Скопје од Македонија, „Рилски турист” од Самоков, Бугарија и „Балкан” од Белград, Србија, летниот одмор го минаа во постојано движење низ планините, искачувајќи се на неколку врвови. Сред лето одеа низ снег и глечери, се капеа во Тирентското Море кај Корзика, уживаа во словенечката бања Чатеж, на Бледско Езеро, а тринеделната авантура ја завршија на Дунав, на Ада Циганлија во Белград (Србија), од каде го започнаа и го завршија патувањето. Подвижниот одмор им овозможи да посетат многу знаменитости, несекојдневни региони, да уживаат во благодатите на природата и на она што го создал човекот, што им донесе многу задоволства и незаборавни спомени.

Скопските планинари со минибус пристигнаа во Белград, каде што се формираше интернационалната планинарско-излетничката група, откаде ја започнаа неколкунеделната авантура. Со желба и со цел, патувајќи да откриваат и да посетуваат атрактивни места во Средна и Јужна Европа, да се искачат на највисокиот врв на Корзика , Монте Чинто (2.706 м), на врвот Гран Парадизо во Италија (4.061м) и на врвот Мангард во Словенија ( 2.678 м). На трилатералната група, која низ целото патување изгледаше хомогено, на влезот во ЕУ, на границата во Словенија, случајно им се придружија уште тројца авантуристи од Македонија, кои тргнале да се искачат на врвовите Гран Парадизо и на Мон Блан.

По посетата на Љубљана, планинарите ќе забележат дека овој град е како девојка чија убавина никогаш не поминува. Убава, тивка, чиста. Групата уживаше низ прошетките на стариот дел на Љубљана, покрај реката Љубљаница. На задоволство на сите во минибусот, на пат кон Постојнска Јама, им се придружил Стане Соклич од ПД „Матица” од Љубљана, планинар со долгогодишен стаж, многупати бил во Македонија, се искачил на Голем Кораб и се знаеше со неколкумина македонските планинари. Соклич, кој на врвот Монте Чинто се искачил дури 29 пати и како што ни вели гостиварецот Горан Николовски, им дал неколку корисни совети, ги снабдил со патна карта и им ги обележал патиштата и местата по кои треба да се движат.

„Од пристаништето Ливорно во Италија со траектот ’„Корзика ферис - Сардинија ферис‘, висок како повеќекатница, на шест нивоа и палуба, со одличен комфор, целата група уживавме на патот кон Корзика. Траектот мина покрај островот Елба, каде што во зандана робувал легендарниот француски војсководец и државник Наполеон Бонапарта. По околу пет часа минати на морето, траектот се закотви во Бастија. Во првата глетка на островот доминираа дрвјата на смокви и костени. Низ тесен пат со многу кривини се навлегува во средината на островот, кон кампот со исто име, како и највисокиот врв на Корзика, Монте Чинто“, со воодушевување раскажува Николовски.

Островот Корзика според површината е колку една третина од територијата на нашата држава, каде што живеат 300.000 жители. Но, во текот на летото престојуваат над 2.000.000 туристи, речиси од сите страни на светот. На овој остров повеќето луѓе уживаат н�� прошетките низ планините, покрај реките и езерата, а помалку на плажите покрај морето.

„Искачувањето на врвот Монте Чинто групата го започна наутро во 6 часот. Кон врвот се движат повеќе групи на планинари од Франција, Италија, Чешка и од други држави. Патеката е многу стрмна, обележана со купови камења, само овде-онде ќе се забележи по некоја црвена точка на камењата. По пет часа напорно и внимателно движење низ карпести предели, групата се искачи на врвот Монте Чинто, со 2.706 м, кој е највисок врв на Корзика“, објаснува Николовски.

Посебен впечаток им оставила белата статуа на мајката Богородица, поставена на преминот Кол де Бавела, што се наоѓа 40-ина километри од Солензара. Патем сретнале група на Французи, кои им покажале фотографија од „Око“. „Тоа е вистинско чудо на природата. На врвот на планината има голем природно направен отвор во карпата, со дијаметар од околу 8 метри, наречен Компуледу или Тру де ла Бомб (дупка од бомба)“. Со искачувањето на „Окото“, како што има забележено во дневникот Николоски, стоејќи на самиот раб, уживале во погледот. Од едната страна има стрмен пристап до „Окото“, а од другата страна е длабок амбис со поглед на морето и постојано дува силен ветер. „Окото“ е популарно излетничко место. Постојано колони туристи од целиот свет се искачуваат да ја посетат оваа природна убавина и реткост.

Градот Бонифицио, кој се наоѓа на јужниот дел на островот Корзика, беше вистинско откритие за интернационалната група. Куќите високо се издигаат над морето и чиниш секој момент ќе почнат да паѓаат. Од морето може да се констатира дека градот е подигнат на бело-жолти карпи, издлабени од брановите, кои направиле неверојатен контраст со синото море. Посебна атракција во градот се таканаречените „Скали на Кралот од Арагон“ вкупно 187 скалила, издлабени во бело-жолти карпи, кои водат од морето, до врвот на стариот град. Според легендата, во 15 век, кога Кралот од Арагон го освоил Бонифацио, а неговите војници ги издлабиле скалите во една ноќ.

Од крајниот југ на Корзика, Бонифицио, интернационалната (аван)туристичка експедиција, за четири часа патување покрај морето и минати 171 км пристигна во Бастија, од каде што со брод и по шестчасовно движење низ немирното море, бранови и по неколку метри, пристигнала во италјанското пристаниште Ливорно. Додека групата се освестуваше од делумно преспиената ноќ, минибусот се паркира пред оградениот имот во кој се наоѓаат: Кривата кула, Катедралата и крстилницата во Пиза, која од пристаништето е оддалечена 17 км.

„Оваа навистина била крива“, рече Горан од Прилеп, гледајќи ја Кулата низ отворот на капијата. Кулата беше забележително искривена наспроти, убавите исправени градби во близината.

Желба на сите членови на групата беше да се искачат на на врвот Гран Парадисо (4.061 м). Од Пиза, преку Џенова, до градот Аоста, на крајниот северозапад на Италија, минаа 460 км, а им беа потребни уште неколку километри за да стигнат во Понт Валсаверенче, последното населено место.

Кога осуммината планинари се искачија на 3.000 метри, на планината се појави снегот и глечерот, а планинарите мораа да ги стават дерезите на чизмите, капите, ракавиците и се наврзаа во наврски. Со изгревањето на сонцето, Николоски се присетува на волшебноста на планината, на убавините што ги опкружувале во различни форми, длабоките пукнатини во глечерот, на карпите кои биле расфрлани без ред, на облаците заобиколени со виножито... „По речиси 6 часа искачување, групата стигна во подножјето на врвот, до чудно искривени карпи, без никаков ред, беа издигнати над огромен амбис. На 4055 м, под самиот врв се наоѓаше бела статуа на Богородица. Тука, планинарите се фотографираа, за спомен да го овековечат искачувањето“, се сеќава Николовски.

Сите биле задоволни од планинарскиот поход со искачување на врвот Гран Парадизо. И покрај тоа што сите од групата не успеале да стигнат до целта, бидејќи покрај желбата е потребна и физичка кондиција, алпинистичко искуство за искачување по глечери, одење со дерези, одење во наврска и соодветна облека. Тие што не се искачиле, сепак, биле задоволни што се нашле првпат во животот на надморска височина од 2.735 м, 2.900 м или, пак, на 3.000 м.

Како што наближувале и последните денови од заедничкото другарување и откривање на авантуристички предели, никој од групата не сакал да се врати. Сакале престојот да го продолжат со прошетки до нови европски дестинации. Единствена пречка за тоа им биле обврските на работните места. Патот го продолжиле за Нова Горица, Словенија, па до Белград, местото на разделба, со ветување идното лето повторно да го продолжат заедничкото дружење и патешествие, со посета на нови простори на Земјината топка, кои не ги посетиле, што за нив ќе биде посебно доживување и авантуризам.


#
Статијата е прочитана 660 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Претседател во служба на Владата
Стил
Тужба до проститутката за лажните изјави
Плоштадот „Скендер-бег“ ќе има 20.000 квадрати
Данок во здравје
Ќе го соблече ли Иванов туѓиот костум?
Денови на стил со „Леонтиќ“
Лондон се преслушува околу визниот режим
Проекциите за раст од два отсто - луда радост
Лејди Магбет од Пјонгјанг
Последната тајна на „Титаник“
И во Австралија раскажуваат за пропаднатиот пат Битола - Ресен
Смартфон со врвен дисплеј
Монти Пајтон лустрација
Отворен првиот Саем на жената
Светот во 2020 година
Елизабета немала пари за парно греење



"""



Contributors to WAZ.EUobserver
Railway joint venture to make train travel in Balkans faster
Ivo Sanader – Croatia's ex-prime minister gone missing